Култура
Филхармонијата ја отвора новата концертна сезона со врвниот виолинист Барнабаш Келемен
Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе ја отвори новата концертна сезона со наслов „80 години љубов!“ Првиот концерт е со наслов „Будење“ и како солист ќе настапи еден од најдобрите виолинисти на светската музичка сцена – Барнабаш Келемен од Унгарија, а диригент е Бенџамин Шварц од Израел/САД.
На програмата се Концертот за виолина и оркестар бр. 2 од Бела Барток и извадоци од балетот „Ромео и Јулија“ од Сергеј Прокофјев.
Бела Барток (1881 – 1945) е еден од најпознатите унгарски композитори (воедно пијанист и етномузиколог) и еден од најзначајните композитори на 20 век. Тој е еден од основачите на етномузикологијата, антропологијата и етнографијата во музиката. Во неговиот опус препознатлива е инспирацијата од фолклорното мелодиско богатство, а познат е и по своите едиции за музичкиот фолклор. Долго време бил во потрага по својот автентичен стил. Бил под влијание на Брамс и Лист, Штраус, Дебиси, Шенберг или Стравински, но подоцна, иако потпирајќи се на унгарската звучна традиција, создал индивидуален израз и филигрански изработен, кохерентен и оригинален јазик. Концертот за виолина и оркестар бр. 2 (1938) долго време важел за негов единствен виолински концерт затоа што другите биле објавени по неговата смрт. Посветен е на виолинистот Золтан Шекељ, кој му предложил на Барток да биде во три става наспроти идејата на композиторот да биде во еден. Токму Шекељ и го извел делото премиерно во Амстердам (1939), со оркестарот на Концертгебау. Бела Барток во ова дело останал верен на својот препознатлив стил и самиот велел дека не мора по секаква цена да се изрази како модернист. Се вратил на тоналитетите и за сите три става избрал решенија блиски на традицијата.
Балетот во три чина, според Шекспировата трагедија „Ромео и Јулија“, една од најубавите и најчитани драми во светската литература, е лирска музичка приказна за трагичната љубов на двајцата главни протагонисти видена од специфичниот агол на препознатливиот музички сензибилитет на рускиот композитор Сергеј Прокофјев. Од кога е напишан, во 1938 година, овој балет е постојана инспирација за генерации кореографи и режисери, а музиката на Прокофјев е совршен звучен тестамент, кој постојано се изведува и самостојно, без балетска поставка. Многу композитори напишале балети и опери инспирирани од приказната за двајцата несреќни љубовници, кои на трагичен начин ќе ѝ стават крај на нетрпеливоста меѓу нивните семејства – Монтеки и Капулети. Сепак, Сергеј Прокофјев бил првиот композитор што создал вистински шекспировски балет – еден од најдобрите во 20 век. Ова музичко-сценско дело има исклучителен и богат музички израз. Музиката на Прокофјев овозможила автентично танцово обликување на Шекспировото дело и неговите ликови, кои преку моќниот звук и кореографија добиваат сосема нова димензија. Праизведбата била надвор во Русија, во Брно, на 30 јануари 1938 година, од кога всушност почнува брилијантната сценска и инструментална историја на овој исклучителен балет.
Виолинистот Барнабаш Келемен ги освои најпознатите концертни сцени во светот со својата виртуозна техника и динамика, како и со страсниот изведувачки стил. Поинаков и со отворен ум, тој важи за исклучителен солист и камерен музичар, како и уметнички директор на фестивали и професор на водечки музички институции. Во последните неколку години Келемен работи и како диригент. Поседува филигранско чувство за креирање стил и поседува неверојатна техничка подготвеност, која му дава сигурност да изведува комплексни дела од виолинската литература. Неговиот репертоар е диверзитетен, изведува дела од раниот барок, класиката, дела од романтизмот, како и современа музика. Посветен промотор е на современата музика и зад себе има многу светски и унгарски премиери на дела од Куртаг, Лигети, Шнитке, Губадулина, Рајх… Настапува на сцените на Карнеги хол, Концертгебау, Ројал фестивал хол, како и на сцената на Берлинската филхармонија. Често настапува во оркестарот на Би-би-си, Фестивалскиот оркестар на Будимпешта, Унгарскиот национален филхармониски оркестар, Естонискиот национален симфониски оркестар, Лондонскиот симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Хелсинки, Филхармонијата на Хонг Конг… Настапувал со водечки диригенти, како Лорин Мазел, сер Невил Маринер, Владимир Јуровски, Марек Јановски, Мајкл Стерн, Иван Фишер и други. Добитник е на значајни награди и признанија, а досега има снимено 20 албуми за престижни продукциски компании, од кои 17 се соло, а три со неговиот квартет. Добитник е на први награди на интернационалниот натпревар за виолина „Моцарт“ во Салцбург, на интернационалниот натпревар за виолина во Индијанаполис… Во моментот работи како професор на музичката академија „Лист“ во Будимпешта и на универзитетот во Келн. Барнабаш Келемен свири на виолина „џузепе гварнери“ од 1742 година, која му е дадена на користење од државата (Унгарија).
„Бенџамин Шварц е сензација. Со неговата чиста енергија, перфектна техника во комбинација со мотивиран оркестар, тој успева да продуцира возбудлив и култивиран звук“. Ова се некои од зборовите со кои критичарите го опишуваат харизматичниот диригент Бенџамин Шварц, кој, како што оценуваат, „има јасна визија во своите интерпретации“. Овие квалитети заедно со широкиот репертоар на дела произлегуваат од неговата постојано присутна желба за истражување и проширување на индивидуалните звучни хоризонти. Следната сезона Шварц ќе работи како шеф-диригент на државниот оркестар на Рајнската филхармонија. Од 2013 до 2016 година работи како музички директор на Филхармонискиот оркестар на Вроцлав, Полска. Со својата работа во овој оркестар тој беше вклучен и во голем број од настаните што се реализираа во 2016 година кога Вроцлав беше европска престолнина на културата. Работел и како гостин диригент на Филхармонијата на Дуисбург (2019/2020), бил гостин диригент на Симфонискиот оркестар на Сан Франциско и музички директор на Младинскиот оркестар во овој американски град. Репертоарот на Шварц го рефлектира неговиот антидогматски, отворен однос кон програмата и делата од разни епохи и стилови – од делата на Џон Адамс до Малер, Брамс, Барток… Бил вклучен и во проектот „Години на вознемиреност“, во соработка со скулпторот, сликар и сценограф Александар Ползин, продукција што се базира на поезијата на англо-американскиот поет В. Х. Оден, во која преку музика и слики се прикажуваат настани од раниот 20 век. Како гостин диригент, Шварц настапувал во Кралската филхармонија на Стокхолм, Филхармонијата на Лос Анџелес, Кралскиот шкотски симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Токио, Националниот оркестар на Лил и многу други. Работел и оперски продукции во Шведската кралска опера, Операта во Келн, Вајнмар… Работел и балетски продукции, меѓу кои и кореографијата на Пина Бауш на „Посветување на пролетта“. Во неговата дискографија се делата од Алберт Шнелцер, кои ги сними со Симфонискиот оркестар на Готенбург, делата на Поул Рудерс со Симфонискиот оркестар на Оденсе и музиката на Васо Мендонца со оркестарот на Гулбенкиан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Гудачкиот квартет „Пламенка Трајковск“ во рамките на Есенските музички свечености 2025
Во рамки на 25. издание на „Есенски музички свечености“ утре, 05.11.2025г. (среда) ќе се одржи мултимедијален концерт „Јохан Штраус во филмот: Концерт и проекција на немиот филм Веселата војна“ во изведба на Гудачкиот квартет Пламенка Трајковска, со почеток во 20:00 часот во Салон 19 19 (Културен информативен центар).
Учествуваат: Пламенка Трајковска – виолина, Сандра Крстевска – виолина, Љубица Бошкоска – виола,
Александра Јаневска – виолончело.
Гудачкиот квартет ќе направи уникатен спој на класична музика и нем филм во чест на „кралот на валцерот“.
Уникатниот, мултимедијален концерт, насловен како „Јохан Штраус во филмот: Концерт и проекција на немиот филм Веселата војна“ претставува редок спој со кој гудачкиот квартет ќе ја изведува музиката на Јохан Штраус во живо, додека на платното ќе се проектира нем филм на режисерот Роберт Вине. Филмот, инспириран од виенската култура, нуди визуелно и музичко патување низ духот на европската култура од крајот на 19 век.
Публиката ќе има можност да доживее едно несекојдневно уметничко искуство во кое валцерот, некогашниот белег на европската култура, повторно ќе заживее преку звук, слика и емоција.
Концертот е замислен како омаж на двојното наследство на Штраус – како симбол на музичката елеганција и како инспирација на кинематографијата. Поводот е одбележувањето на 200-годишнината од раѓањето на славниот виенски композитор и 30 години камерно музичко творештво на виолинистката Пламенка Трајковска.
Гудачкиот квартет Пламенка Трајковска е дел од Здружението Пламенка Трајковска – МКС, Скопје и претставува еден од водечките камерни ансамбли во земјата. Со својата музичка страст и креативност, тие ја спојуваат класичната традиција со современиот израз, фолклорот и кросоверот. Квартетот настапува на најзначајните културни сцени во Македонија и Европа, создавајќи концерти исполнети со енергија, емоција и уметничка прецизност.
Култура
Концерт на „Танец“ во Националната опера и Балет – уникатно сценско патување низ времето и традициите
Националниот Ансамбл за народни игри и песни „Танец“ најавува уникатно сценско патување низ времето и традициите. Концертот „Изворни минијатури“ кој е најавен за 22 ноември со почеток во 19 и 30 часот во Националната опера и балет е повеќе од обичен концерт-тоа е враќање кон изворите и никулците кои р’ти богатиот репертоар на „Танец“.
Публиката ќе има можност да ужува автентични ора и песни изведени во нивната интегрална форма, како што егзистирале на теренот; раскош на дијалекти, потсетување на најстарите слоеви од македонскиот музички и сценски фолклор и врвна изведба, машки, женски и мешани ора, придружени од врвни играорци и музичари на македонски изворни инструменти.
Концертот „Изворни минијатури“ е препознаен како исклучително популарен проект кој веќе го обиколи поголемиот дел од државата, што гарантира врвен квалитет и голем интерес.
Цена на билетите е 600 денари. Место за продажба kupikarta.com.
Култура
Изложба „Автопортрети и неколку палети“ на Миро Масин во Скопје
На 6 ноември (четврток) во 19 часот во галерија Остен ќе се одржи отворањето на самостојната изложба „Автопортрети и неколку палети“ на еден од највлијателните македонски уметници Миро Масин.

За изложбата од Остен ќе кажат:
За уметник од рангот на Масин, чие творештво се протега со децении и опфаќа богата таписерија од македонски и универзални теми, автопортретот не е само обид за сличност. Тоа е филозофско истражување. Секое платно во оваа серија е поглавје во тековната автобиографија, не на настани, туку на состојби на битието. Не сме сведоци на линеарен наратив за еден живот, туку на спирално спуштање во длабочините на уметничката свест. Лицето што нè гледа од овие дела е познато, но бескрајно променливо – сад за интроспекција, превирања, спокојство и неуморно течење на времето.
И потоа, тука се палетите.
Со еден потег на гениј, овие скромни инструменти се воздигнуваат од неговото ателје до ѕидот на галеријата. Тие не се претставени како чисти, беспрекорни алатки, туку како артефакти на создавањето, сè уште прелиени со самата суштина на уметноста на Масин. Овие „неколку палети“ се, всушност, тивки автопортрети сами по себе. Тие се бојното поле и лабораторијата каде што се мешале боите, се донесувале одлуки и на визиите најпрво им се давала материјална форма. Хаотичното, слоевито натрупување на боја на овие дрвени штици е директен, непосреден запис за уметничкиот процес. Секоја дамка од окер, секоја лента од црвена боја, секој базен од длабок ултрамарин е фосилизиран момент на инспирација и борба.
Кога се гледаат во дијалог со завршените автопортрети, палетите завршуваат еден свет круг. Уредената композиција на портретот го наоѓа своето хаотично, енергетско потекло во неуредната живост на палетата. Погледот на насликаното јас се чини дека гледа назад кон самата материја од која е родено. Нам, како гледачи, ни е даден привилегиран увид: ја гледаме не само конечната слика за себе, туку и суровата, материјална генеза на таа слика. Палетата е идентитетот на уметникот во егото на портретот – неограничениот, исконски извор на креативна енергија што потоа се користи, рафинира и проектира на платното како кохерентен идентитет.
Оваа изложба, „Автопортрети и неколку палети“, затоа е мастерклас по уметничка вистина. Таа го демистифицира чинот на сликање, а истовремено повторно го мистифицира самиот уметник. Ни покажува дека создавањето на себе е процес на акумулација, слоевитост и повремено стружење – процес што се огледува точно во натрупувањето на пигментите на алатката на уметникот. Масин не ни покажува едно, дефинитивно јас. Тој ни покажува мноштво јас, секое од нив верно на моментот на своето создавање, секое од нив доказ за фактот дека идентитетот не е фиксна точка, туку континуиран, креативен чин.

