Свет
Зеленски: Прашање на време е кога ќе ги почнеме преговорите со ЕУ

На Киев му беше кажано дека е апсолутно можно преговорите за членство во Европската Унија да почнат оваа година, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски по ненадејниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во главниот град на Украина.
„Нашата клучна цел на интеграцијата е да донесеме одлука за почеток на преговорите за членство оваа година. И денеска уште еднаш на состаноци и преговори слушнав дека тоа е апсолутно можно“, рече Зеленски во ноќното обраќање.
Тој рече дека е „само прашање на време“ кога Украина ќе се приклучи на блокот и дека „дефинитивно ќе го исполни“ својот дел од предусловите, објави „Гардијан“.
„Нашата земја е лидер во заштитата на самите основи на кои почива европското единство. Единството на модерна Европа, која ги цени човековата слобода и еднаквоста на народите, го цени меѓународното право„, рече Зеленски.
Тој наведе дека разговорите вклучуваат обид на Русија да ги заобиколи меѓународните санкции, безбедноста во Црното Море и работата на украинските пристаништа, како и зајакнување на украинската воздушна одбрана. Тој исто така рече дека Италија се обврза да ја обнови катедралата во Одеса, која беше уништена од руски ракетен напад во јули.
Украина и Европската Унија ќе го одржат следниот надворешен состанок на Советот на министрите за надворешни работи на ЕУ во декември оваа година, изјави украинскиот премиер, Денис Шмигал.
„Украина и ЕУ ќе го одржат следниот состанок на Советот за асоцијација во декември оваа година. Ова беше договорено на состанокот со високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел“, напиша тој на „Фејсбук“ и додаде дека на средбата се разговарало и за интеграцијата на Украина во ЕУ.
Пристапувањето во ЕУ е наша приоритетна цел и работиме заедно, координирано и упорно тоа да се случи што побргу, нагласи Шмигал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Путин денеска изјави дека преговорите со САД во Алјаска биле „многу искрени и содржајни“

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека преговорите со САД во Алјаска биле „многу искрени и содржајни“ и ги приближиле двете страни до донесување на неопходните одлуки.
– Разговорот беше многу отворен и по мое мислење нѐ доближува до потребните решенија, рече Путин на состанок во Кремљ посветен на резултатите од преговорите во Анкориџ.
Тој додаде дека долго време не биле водени преговори од ваков вид на толку високо ниво и дека имал можност „смирено и детално“ да ја изложи руската позиција. Според него, се дискутирало за сите аспекти на билатералната соработка, но главниот акцент бил ставен на можностите за праведно решавање на украинската криза.
На состанокот во Кремљ присуствуваа премиерот Михаил Мишустин, претседателот на Државната дума Вјачеслав Володин, раководителот на претседателската администрација Антон Вајно, како и секретарот и заменик-претседателот на Советот за безбедност Дмитриј Медведев и Сергеј Шојгу. Присуствуваа и вицепремиери, министри, како и гувернерката на Централната банка, претставници на ФСБ, Генералштабот и Рускиот фонд за директни инвестиции.
Путин најави дека детално ќе ги информира учесниците за разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп. Состанокот во Кремљ продолжи зад затворени врати.
Регион
Црна Гора се бори со пожари

Седми ден по ред пожарите во Црна Гора не стивнуваат, а најкритично е во Подгорица, каде што и покрај тоа што ситуацијата е под контрола.
Началникот на Дирекцијата за цивилна заштита и намалување на ризици од катастрофи, Љубан Тмушиќ, соопшти дека најзагрозени области се Пипери и Кучки Корита. – Во овие подрачја се ангажирани сите расположливи ресурси – 12 возила и 42 пожарникари, рече Тмушиќ.
Посебна закана претставуваат и таканаречените „подземни пожари“ кои се активираат со пораст на температурите.
Во гаснењето се вклучени и армијата, како и помош од странство – Србија испрати хеликоптер, а вчера пристигна и швајцарски тим со 26 пожарникари и четири специјализирани возила. Поддршка дава и хеликоптер од Чешка.
Свет
(Видео) Четворица маскирани напаѓачи ограбија златарница во западниот дел на Сиетл

Четворица маскирани напаѓачи ограбија златарница во западниот дел на Сиетл и за помалку од две минути украдоа накит и луксузни предмети во вредност од околу два милиона долари, соопшти полицијата.
Настанот се случил во четвртокот попладне, а надзорните камери снимија како осомничените со чекани ги разбиваат заклучените стаклени врати и за 90 секунди празнат шест витрини. Меѓу украдените предмети се наоѓаат и „Ролекс“ часовници со проценета вредност од 750.000 долари и смарагдна огрлица вредна 125.000 долари, објави Еј-Би-Си њуз.
За време на грабежот, еден од напаѓачите им се заканувал на вработените со спреј против мечки и електрошокер, но никој не бил повреден.
„Длабоко сме потресени како вработени. Продавницата ќе биде затворена извесно време“, изјави потпретседателот на семејната златарница Џош Минаше.
Полицијата пристигнала веднаш по дојавата, но сторителите веќе избегале со возило и засега се недостапни за законот.