Македонија
Мицкоски е анти-ЕУ политичар, кој, освен блокади, друго не знае, велат од СДСМ
Христијан Мицкоски е анти-ЕУ политичар, кој, освен блокади и опструкции на европскиот пат на државата и членството во ЕУ, друго не знае, велат од СДСМ.
„Мицкоски и неговото антизападно ДПМНЕ немаат поддржано ниту една одлука за евроатлантските интеграции на државата. Не го поддржаа ниту членството во НАТО, ниту Преспанскиот договор. Ширеа хистерија дека македонскиот јазик ќе биде бугарски дијалект, а не гласаа за ратификација на договорот ФРОНТЕКС, како прв договор со ЕУ потпишан на македонски јазик. Под заложништво на проруската Левница организира протести против европскиот предлог, ги плашеа граѓаните со лаги за бугаризација и асимилација“, велат од партијата.
Според нив, антизападното ДПМНЕ, на чело со Мицкоски е главен кочничар на европската интеграција.
„Со своето неразумно делување, ја блокираат европската иднина на државата, блокираат подобар животен стандард на граѓаните, повисоки плати и пензии, подобри можности за компаниите, пристап до пазар од 500 милиони жители, пристап до европските фондови. Затоа СДСМ ќе направи сѐ за државата да оди напред, граѓаните да живеат во европска држава, со европски животен стандард“, велат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

