Македонија
Николовски и Оздемир на првиот академски час на Факултетот за земјоделски науки и храна: германскиот аташе за земјоделство ќе ги координира процесите
Во рамките на посетата на делегација од германското Министерство за храна и земјоделство и Амбасадата на Сојузна Република Германија во Северна Македонија, денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со сојузниот министер за земјоделство и храна на Германија, Џем Оздемир, и германската амбасадорка Петра Дрекслер, учествуваше на првиот академски час за студентите од Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје.
„Развојот на земјоделството почнува токму од тука, од образовните институции. Овде се градат идните земјоделски инженери, кои ќе ја имаат клучната улога во развојот на земјоделскиот сектор. Денеска, на сите вас кои ја почнувате вашата кариера, сакам да ви кажам дека се гордеам со сите вас млади луѓе, кои сте избрале да изучувате земјоделски науки. Со вашиот избор на земјоделските науки вие придонесувате и кон развојот на државата бидејќи најразвиените земји имаат силен земјоделски сектор“, потенцира Николовски.
Сојузниот министер за земјоделство и храна на Германија, Џем Оздемир, ги поздрави студентите, им посака успешна академска година и ја претстави европската перспектива на агросекторот во земјата по примерот на европските држави, каде што земјоделскиот сектор е еден од најзначајните и најпочитувани.
„Младите се иднината на секоја држава и затоа ги поздравувам вашите политики за поддршка на студентите со стипендии и вклучувањето на студентите во работењето на Министерството преку практиканство. Ја поддржувам и вашата одлична соработка помеѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Факултетот за земјоделски науки и храна. Нашите факултети се отворени за соработка и размена на студенти на патот на нивната едукација во областа на секторот за производство на храна, дигитализацијата и иновациите. Воедно, сакам да потенцирам дека германскиот аташе за земјоделство ќе биде овде нашиот претставник што ќе ги координира сите процеси за брза и ефикасна комуникација, за сите барања и за целокупната поддршка што ви е потребна и која ние со задоволство ќе ја насочиме кон јакнење на науката, младите и агросекторот во целина“, потенцира Оздемир.
Делегацијата од Сојузна Република Германија оствари средба со повеќе од 30 декани и продекани на македонските факултети и факултетите од соседните земји. На средбата се потенцираа можностите за развој кога научните достигнувања се споделуваат и интегрираат во науката и образованието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните, велат од СДСМ
„Антилогика – ЗНАМ го напаѓа СДСМ затоа што Максим Димитриевски призна дека не живее од плата.
Па СДСМ само ја објави вистината, не може да им бидеме криви ние за признанието на Максим.
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните.
Тоа веќе сите го знаат“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, со ваквата политика, како што велат, сè да биде приватен бизнис на тендер коалицијата, веќе недостигаат две милијарди евра.
„Што се однесува на времето на ковид кризата државата се задолжуваше за да им помогне на граѓаните, бидејќи СДСМ и тогаш и сега, се грижи за граѓаните. За разлика од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ кои се луксузираат на грбот на народот и вратат тендери.
Таков е примерот со тендерот од 1,2 милиони евра Пошта, за фирмата блиска до ЗНАМ. Додека вработените во Пошта со месеци им доцнат платите.
Работниците да гладуваат, а тие да живеат во луксуз. Така е составен и буџетот, само за нивните потреби“.
Македонија
Снег на Попова Шапка, магла на одредени патни правци, сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по претежно влажни коловози.
Врнежи од снег на Попова Шапка со задржување на коловоз од с.Лисец-Попов Шапка.
Намалена видливост поради појава на магла до 80 метри на патниот правец Штип – Неготино кај Серта, во Крушво до 50 метри, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 50 метри.
Сите патни правци во државата се проодни.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.

