Македонија
Ги навредувал новинарските екипи и им ја оштетил камерата: обвинение за 43-годишен маж од Росоман
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2018/02/kameri.jpg)
Основното јавно обвинителство Кавадарци денеска поднесе обвинителен предлог против 43-годишен жител на Росоман за кривично дело спречување службено лице во вршење службено дејство од член 382 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот, на 18 јули, на регионалниот пат Градско – Прилеп, во близина на Росоман, спречил новинари и сниматели да вршат службени дејства, односно да снимаат прилог за сообраќајна несреќа.
Тој најпрвин со агресивен тон и навреди се обратил кон снимател на телевизијата „24“ и кон новинар на МТВ, а потоа со ногата удрил во постаментот на една камера и ја оштетил.
На овој начин новинарите биле спречени во својата работа и го прекинале снимањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
Продолжуваат заедничките хуманитарни активности на „Алкалоид“ и Црвениот крст: Заедно можеме повеќе!
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/1-13.jpg)
Масовниот одговор од страна на вработените во „Алкалоид“, на повиците за хуманост во општествени рамки, е најдоследна потврда за хуманата мисија која компанијата ја негува речиси девет децении. Одлучноста и подготвеноста за колективна помош и за брз хуманитарен одговор во заедницата, беше стартна позиција на многу значајни проекти и активности во знакот на солидарноста, реализирани под закрила на „Алкалоид“ и „Црвениот крст“.
И годинава „Алкалоид“ АД Скопје, во соработка со „Црвен крст на РСМ – Црвен крст на Град Скопје“, социјалното претпријатие „Копче“ и со „Институтот за трансфузиона медицина“, реализираше неколку хуманитарни активности, меѓу кои акции за донација на облека и на храна, како и масовна крводарителска акција.
Во рамки на собирната акција на облека, беа донирани речиси 2 тона облека со одлична употребна вредност, додека пак, во акцијата за донација на храна беа собрани трајни намирници во количина од речиси 1 тон, наменети за помош на граѓаните кои живеат во социјален ризик. Во делот на крводарителството, продолжувајќи ја повеќедецениската традиција, во новата уште помасовна крводарителска акција „Дарувај крв, спаси живот“, повеќе од 240 алкалоидовци ја изразија својата волја и желба за доброволно дарување крв.
Изминативе години, „Алкалоид“ има спроведено низа активности во соработка со „Црвен Крст на РСМ“ и „Црвен крст на Град Скопје“, како во делот на социјално-хуманитарната дејност, така и на полето на здравствено-превентивната дејност и крводарителството. Покрај редовните донаторски и крводарителски акции, „Алкалоид“ во 2013 година го помогна реновирањето и ребрендирањето на Дневниот центар за дарување крв и континуирано дава придонес во тековното функционирање на истиот. Компанијата го поддржа и проектот „Водич во болница“, инициран во 2019 година, а сесрдно дава своја поддршка и придонес и на апелите на „Црвен крст“, кога станува збор за ублажување на последици од природни непогоди, како: поплави во земјата и регионот, земјотреси, рударски несреќи и слични трагедии. Бездомниците, бегалците и мигрантите се исто така многу горливи категории, каде компанијата помага во смисла на одржување и задржување на интегритетот на луѓе кои против своја волја биле принудени да живеат поинаку. Една таква поголема акција наменета за овие ранливи категории, во рамки на „Алкалоид“, беше спроведена во 2015 година, кога на организираниот хуманитарен пикник, отворен за сите вработени во компанијата, беа собрани над 750.000 денари кои се донираа на „Црвениот Крст“.
Афирмирајќи ја низ дела својата позиција на партнер на општеството, посветен на поттикнување значајни промени и остварување позитивно влијание, „Алкалоид“ континуирано ги исполнува своите заложби од корпоративната општествено-одговорна стратегија, низ која вработените на компанијата се издвојуваат како вистински амбасадори на доброто дело.
ПР
Македонија
Работна средба на претседателот на Уставниот суд, Костадиновски, и италијанскиот амбасадор Силвестри
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/CC-meeting.jpg)
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, и судијата Ана Павловска-Данева денеска остварија работна средба со амбасадорот на Република Италија, Адреа Силвестри.
Централна тема на разговор беше испитување на можностите за остварување билатерална соработка помеѓу уставните судови на двете држави.
Претседателот Костадиновски го информира амбасадорот Силвестри за приоритетите во својот мандат.
Амбадсадорот Силвестри пројави интерес за прашањата поврзани со обезбедувањето на независноста и самостојноста на судот, како и за транспарентноста и отвореноста на Уставниот суд.
На средбата беа разменети мислења на теми поврзани со реформирање на правосудниот систем, при што судиите, проф. д-р Ана Павловска-Данева и д-р Костадиновски, изразија надеж дека реформскиот процес во сферата на правосудството ќе се одвива во согласност со Уставот и во рамките на уставните принципи.
Амбасадорот Силвестри изрази поддршка за најавените приоритети и најави дека лично ќе се заложи за унапредување на билатералните односи во полето на уставното судство и подобрување на севкупната соработка.
Македонија
„Уште седум нови барања за апанажа – 750.000 евра го чинат народот поранешните функционери на ДПМНЕ, СДС и ДУИ“, велат од партијата Левица
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/414552552_1040053487477715_9193289953397777785_n.jpg)
Пред околу две недели собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата им одобри апанажа, во траење од една година, на 29 пратеника од минатиот парламентарен состав. Тие на товар на граѓаните, од народниот буџет ќе примаат надоместок од околу 600 000 евра, велат од партијата Левица.
„На овие 29 системски паразити, кои бесрамно ги цицаат народните пари за време на рекордна сиромаштија, деновиве им се приклучуваат уште седум пратеници од претходниот состав: Арбен Зибери, Вјолца Адеми и Бедри Фазли од ДУИ, Снежана Калеска – Ванчева и Љатифе Шиковска од СДСМ, Енес Ибрахим од Партија за движење на Турците и Бастри Бајрами од Беса, со што дополнително ќе се исцицаат над 150 000 евра од народниот буџет.
Ова претставува последниот од долгата низа на показатели за еклатантна класна дискриминација во македонското општество, во коешто системот функционира, единствено, за задоволување на потребите на богатите економски и политички елити, додека нормално четиричлено семејство не може да ја задоволи ниту минималната синдикална кошничка од 1000 евра.
Ја потсетуваме јавноста дека, единствено, пратеникот од редовите на политичката партија Левица, Борислав Крмов, кој согласно нашата програма и идеолошка определба, како и нашиот предлог-закон за укинување на апанажата предложен уште во 2022 година, а кој беше одбиен од страна на широката коалиција СДС-ДПМНЕ-ВЛЕН-ДУИ, беше единствениот народен пратеник кој гласаше против“, се додава во соопштението на партијата Левица.