Црна хроника
Не доаѓал на работа, а примал плата и користел бенефиции: полицаец од Арачиново му овозможил на колега да стекне противправна корист од над 200 илјади денари
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција достави кривична пријава против А. А., вработен ПО Арачиново при СВР Скопје, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето по член 353 ст. 1 од КЗ на РСМ, соопшти МВР.
Пријавениот во својство на полициски службеник, злоупотребувајќи ја својата службена положба и пречекорувајќи ги границите на своите службени овластувања, му овозможил на полицискиот службеник И. Џ. да стекне противправна имотна корист во износ од 229.985 денари за исплатена бруто-плата и 14.422 денара по основ на придонеси за бенефиции на начин што во периодот од 3.11.2022 до 2.5.2023 година до надлежните служби при МВР доставувал лажни списи со евидентирани работни часови за исплата на плата, без да приложи извештаи за привремена спреченост за работа за работникот И. Џ., кој не доаѓал на работа, со што му овозможил противправно да го стекне горенаведениот паричен износ, а со истиот износ го оштетил буџетот на МВР.
Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе биде поведена и постапка за утврдување дисциплинска постапка и привремено отстранување на работникот од работното место до завршување на дисциплинската постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Со измами за лажни сообраќајки, охриѓанец „заработил“ 3,6 милиони денари, полицијата го уапси
Полицијата расчисти девет сторени кривични дела измама за лажни сообраќајни незгоди, охриѓанец заврши во притвор, жртвите ги оштетил за 3.600.000 денари.
Полицијата вчера го уапси П.С.(38) од Охрид. По извршен службен разговор П.С. појаснил за начинот, местото и времето на извршување на девет кривични дела од кои шест во Штип и три во Виница при што пријавителите се оштетени за околу 3.600.000 денари. Тој се јавувал на повозрасни лица и лажел дека нивни блиски направиле сообраќајки и им барал пари.
На измамникот му е одреден притвор.
Црна хроника
Бил агресивен и искршил куќна ограда: уапсен маж од Струшко
Синоќа во 21 часот, во струшкото село Радожда, лишен од слобода е К.С.(33) од истото село.
Тој бил пријавен дека го нарушил јавниот ред и мир со агресивно однесување кон М.М. и неговото семејство и извршил оштетување на нивната куќна ограда.
Полицијата соопшти дека по целосно документирање на настанот, против него, ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Претрес во Кавадарци, пронајдено оружје и муниција, уапсено едно лице
Вчера вечер во 22:00 часот, во Кавадарци, полициски службеници го уапсија А.М.(38) од Кавадарци. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба од Основен суд Кавадарци, биле пронајдени и одземени гасен пиштол, рамка со куршум, воздушен пиштол, два револвери и 58 куршуми 9 мм, кои ги поседувал без соодветна документација.
Тој бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

