Македонија
Предлог-законот за помилување доставен во владина процедура
Министерството за правда го достави предлог-законот за помилување во владина процедура.
„Министерството за правда минатата година формира работна група составена од претставници од релевантните институции од правосудството, како и претставници од претседателот на Република Северна Македонија и од научната фела. При изготвувањето на законот беа разгледани повеќе компаративни искуства, од кои посебно се значајни решенијата содржани во правните системи во државите членки на Европската Унија и од оние држави со кои имаме слични правни системи“, велат од Министерството за правда.
Како што дополнуваат, причините за донесување на законот за помилување, пред сè, произлегуваат од недостатоците и правните празнини во постојниот закон, кои беа лоцирани во неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања, кои се предлага да бидат регулирани со новиот закон.
„Постојниот Закон за помилувањето беше донесен во 1993 и тој претрпе многубројни измени и дополнувања, а одредени одредби беа укинати од страна на Уставниот суд. Клучните новини содржани во предлогот на законот се: прашањето за правото на претседателот да помилува лица од казна и од кривично гонење беше едно од најекспонираните прашања за што работната група застана зад решението во согласност со кое претседателот може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица. Мошне значајни се и решенијата со кои е детаљно разработена постапката за помилување, каде што се предвидени кратки рокови за секоја од институциите што се вклучени во постапката за помилување. Притоа тука се значајни и конкретните одредби за одговорност на лицата што постапуваат по предметите, но и на нивните претпоставени“, истакнуваат од Министерството за правда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

