Економија
Пилотите на Lufthansa и Austrian Airlines ќе се подготвуваат за лет со македонска апликација

Луфтханза групацијата во која спаѓаат авио превозниците Lufthansa, SWISS and Edelweiss Air, Austrian Airlines, Eurowings и други ќе ја користи македонската платформа Airport Briefing.
Платфромата им помага на пилотите да се подготват за лет преку 3Д приказ на теренот каде треба да слетаат.
Креатор на аплиакцијата е компанијата Synapsis Aviation чии основачи се Филип Арсов, претприемач со долгогодишно искуство и капетан Кочо Мојсов, пилот од Македонија кој работи во компанијата “Qatar Airways”. Спојот на ИТ/мултимедиа знаењето на Арсов и познавањето на авијацијата на Кочо се клучни во успехот на платформата. Први инвеститори кој веруваат во успехот на Airport Briefing, се токму пилоти кои се свесни за потребата од ваков производ.
Филип Арсов, ќе биде гостин во поткастот „Што го врти светот“, ќе зборува за тоа како после 18 години работа во ИТ секторот и повеќе проекти, конечно успева да си го оствари сонот за работа на сопствен македонски производ кој ќе стигне до најголемите европски клиенти. Тој ќе зборува за можностите кои технологијата ги нуди во однос на авијацијата и дали е возможно да се направат целосно безбедни летови кои нема да зависат од човечка грешка. Повторно се отвора темата за Вештачка интелегенција, која е веќе дискутирана во поткастот, но Арсов има малку поразличен став околу тоа дали таа ќе го замени човекот. Во стилот на „Што го врти светот“, Арсов ќе се обиде и да направи контрола на летање на виртуелни авиончиња.
Епизодата на „Што го врти светот“ со Филип Арсов теми можете да слушнете во четврток во 20 часот на: YouTube и Spotify.
Сите новости следете ги на социјалните медиуми на „Што го врти светот?“ со Јована на Facebook и Instagram.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
За четири дена доставени повеќе од 2.500 пријави за самовработување

Во салата на киното „Манаки“ во Битола денеска беа презентирани мерките од оперативниот план за вработување за 2025 година.
Пред голем број граѓани претставниците од Министерството за економија и труд, Агенцијата за поддршка на претприемаштвото и Агенцијата за вработување ги презентираа мерките од оперативниот план, со акцент на трите подмерки од мерката за самовработување (претприемаштво), каде што јавните повици се објавени и сите заинтересирани може да се пријават до 20 јуни.
„Со мерките за самовработување на сите невработени лица им даваме финансиска поддршка за отворање сопствен бизнис, која се движи од 7.000 до 10.000 евра, а со здружување две лица од 14.000 до 20.000 евра. Имаме исклучително голем интерес за овој јавен повик и за само четири дена се пријавени повеќе од 2.500 лица. Ги повикувам сите лица што се заинтересирани да се пријават во кој било од 30-те центри за вработување при Агенцијата за вработување во државата“, рече заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.
Во рамките на јавните повици од мерката 1, „Поддршка за самовработување (претприемаштво)“, во тек се три јавни повици, со кои им се дава можност на повеќе од 1.700 лица да отворат сопствен бизнис и со нив се предвидени:
– финансиска поддршка во форма на грант до 7.000 евра за основање и почнување бизнис за лица постари од 29 години;
– финансиска поддршка во форма на грант до 10.000 евра за основање и почнување бизнис за млади лица до 29 години;
– финансиска поддршка за здружување две лица во ДОО, каде што таа изнесува од 14.000 до 20.000 евра во зависност од целните групи.
Економија
Укинувањето на царините за стоките од САД не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, вели Стојанова

Со новите измени и дополнувања на Законот за царинските тарифи, Собранието ќе даде зелено светло на планот на Владата да се намалат царинските давачки на голем број суровини и репроматеријали што се користат во домашната индустрија и во енергетиката, изјави Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Списокот со 70-ина производи, кој е составен на транспарентен и инклузивен начин, во соработка со Стопанската комора, вклучува намалување до 50 % на царинските стапки што важат во ЕУ, како и укинување на царините за увоз од САД. Овие измени ќе значат пониски трошоци за домашното производство, а со тоа зголемена конкурентност на странските пазари, нови инвестиции и повеќе вработувања“, рече таа.
Укинувањето на царините за стоките по потекло од Соединетите Американски Држави, пак, додаде Стојаноска, не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, со кој испраќаме сигнал за зголемена подготвеност за соработка со нашите стратешки партнери и поддршка за слободната трговија.
„Со оваа законска измена македонските компании ќе станат поконкурентни, ќе се намалат цените за производство и ќе се зголеми извозот, со што директно ќе влијае на растот на економијата. Ова е само еден чекор од поширокиот план за економски раст. Клучна измена со која се посветуваме на економијата во пракса, а не само на хартија“, рече Стојаноска.
Економија
Цените на нафтата го забележаа најголемиот скок во последните неколку години поради стравот од војна

Глобалните цени на нафтата пораснаа за повеќе од 4 проценти забележувајќи го најголемиот дневен процентен пораст од март 2022 година поради стравувањата дека потенцијалното проширување на конфликтот на Блискиот Исток би можело да предизвика големи прекини во снабдувањето со енергија.
Цената на „Брент“, меѓународниот референтен стандард, се зголеми за 4,3 проценти, на 72,40 долара за барел, а американската референтна нафта West Texas Intermediate (WTI) скокна за 5 проценти, на 71,40 долар за барел.
Според „Ројтерс“, ова се најголемите еднодневни скокови за двете референтни цени на нафтата од март 2022 година кога почна војната во Украина.
„Остриот пораст на цените на ‘Брент’ ги одразува не само тековните ризици за снабдување туку и растечкото чувство дека потенцијалната ескалација на конфликтот би можела да трае за разлика од претходните краткотрајни епизоди меѓу Израел и Иран“, рече Ахмад Асири, истражувачки стратег во „Пеперстоун“.
Нервозата на пазарите дополнително се потврдува со движењата на американските берзи, пренесува „Танјуг“.