Македонија
Грковска: Целиме кон уште повисоко ниво на транспарентност и одржлива свест за нејзината важност
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, се обрати на втората јавна расправа за нацрт-стратегијата за транспарентност 2023-2026, која се одржува во Велес, организирана од Кабинетот за политики за добро владеење, во соработка со Фондацијата „Метаморфозис“.
„Ако корупцијата е болест, транспарентноста е централен дел во нејзиното лекување“. Со овој цитат на поранешниот генерален секретар на Обединетите нации, Кофи Анан, вицепремиерката Грковска ја илустрира огромната важност на транспарентноста како принцип на доброто владеење во справувањето со разорните коруптивни појави во општеството.
„Јакнењето на транспарентноста на сите нивоа во системот е еден од најважните предуслови за превенција на корупцијата и за подобрување на севкупната кондиција на институциите, кои со вградување и доследна примена на ова начело стануваат поодговорни, поотчетни и поефикасни во извршувањето на својата функција како сервис на граѓаните“, нагласи Грковска.
Таа се осврна на фактот дека во последните години транспарентноста на институциите е значително подобрена, а тоа се должи на определбата за воспоставување механизми, носење соодветна легислатива и развивање и спроведување политики. Тоа резултира со зајакнување на фискалната дисциплина преку отворање на трезорот, со што на јавноста ѝ се овозможи да има увид во трошоците, но и со отворање на институциите кон јавноста и овозможување полесен пристап до информации.
Нашата земја е една од ретките што подготвуваат стратешки документи од овој тип и понатамошните чекори се во насока да се одржи отвореноста, без да се ретерира од досега постигнатото, а институциите што назадуваат треба да го достигнат нивото на оние што имаат најголем напредок во поглед на транспарентноста. Според Ирена Бојаџиевска, експертка, која работеше на оваа стратегија, практиките на добро владеење и отворена власт треба да станат стандард во секојдневното работење.
Оваа стратегија се надоврзува на претходната стратегија за транспарентност и е насочена е кон остварување на визијата – Република Северна Македонија да биде држава со изградена институционална култура на транспарентност, држава во која владеат стандарди на добро управување во институциите на извршната власт, а со тоа и зголемена доверба на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Тетово и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вчера вечер во 23 часот и 9 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од територијата на Република Косово, на околу 46 км северозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.0
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

