Македонија
Кај „Треска“, место 12.500, ќе има над 33.000 жители, Уставен одби да го преиспита планот
Згасна и последната надеж на жителите на Центар за спречување на бетонизацијата на местото на поранешната фабрика „Треска“ оти Уставниот суд ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на важечкиот урбанистички план, кој предвидува изградба на згради – наполитанки и има низа неусогласености со Генералниот урбанистички план за Скопје. Граѓаните и експертите имаа низа забелешки за планот, но без оглед на тоа, неговата реализација почна и веќе се изведуваат првите згради.
Од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, кои заедно со адвокатката Сузана Јошевска ја поведоа иницијативата пред Уставен суд, сега велат дека случајот на „Треска“ покажа оти Устав се менува, но ДУП никако.
„’Треска’ тресна на Уставен! Уставниот суд, без расправа и повикување експерти, ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на планот за Буњаковец, во кој спаѓа и просторот на ‘Треска’. За жал, се потврди правилото ‘Устав може да се смени, ама ДУП никако’. На здравје нека се во Буњаковец:
⚫ над 1 милион квадратни метри изградена бруто-површина за домување наместо 400.000, што ги дозволува ГУП;
⚫️ над 60 % изграденост за домување наместо 22 % колку што дозволува ГУП;
⚫️ над 33.000 жители наместо 12.500 колку што дозволува ГУП;
⚫️ над 9.300 просечен број на семејства наместо 3.400 колку што дозволува ГУП;
⚫️ 0,36 квадратни метри зеленило на жител или ич;
⚫️ густина на изграденост со планираните висини со кои не се обезбедува минимален стандард за нормално хумано живеење или доволна аерација и минимални 2 часа осончаност;
⚫️ уште подолги листи за чекање за запишување во градинка, училишта…
На здравје нека се ‘наполитанките’“, реагираат од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.
Иницијативата за преиспитување на планот беше поднесена во јули годинава кога веќе беше извесно дека некои од зградите ќе се изградат, а целта беше да се запрат оние објекти што сè уште немаат одобренија за градење, а се предвидени во планот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Влен“: Со еден глас, Албанците го запечатија крајот на ерата на Ахмети!
„Изборите што ги нарекоа „референдум“ завршија како политички суд против оние што го држеа албанскиот народ како заложник 23 години со лаги и измами. Граѓаните јасно проговорија дека времето на манипулаторите е завршено“, велат од „Влен“.
„Двата круга од овие избори докажаа дека Демократската Унија за Интеграција е избришана од политичката карта на Северна Македонија. По две децении манипулација, оваа партија стана мала структура, без поддршка и без политички легитимитет.
Ова не го кажува ВЛЕН, го кажува слободниот глас на Албанците.
Во првиот круг, ВЛЕН убедливо победи во Чаир, Сарај, Арачиново, Желино и Теарце. Во вториот круг, Албанците ја запечатија промената во Боговиње, Дебар, Струга, Долнени и Тетово. Овие победи не се случајности, тие се отворено отфрлање на старата политика и потврда на вербата во новата политика.
Албанците точно знаат кој работи, а кој измамува, кој дели, а кој обединува.
Ова јасно гласање е крај на една ера и почеток на нова визија за албанската политика.
ВЛЕН го чита овој резултат како почеток на политика на одговорност, мерена со работа, понизност и почит кон граѓанинот. Нема да зборуваме за губитниците бидејќи Албанците веќе проговорија“, соопштија од „Влен“.
Македонија
Делови од пет скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од село Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
· од 08:30 до 12:30 часот, корисниците од дел од ул. Димче Милошевски. (Општина Гази Баба)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од ул. 1 во с. Сопиште. (Општина Сопиште)
· од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од ул. Димитар Мирсачев. (Општина Кисела Вода)
· од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од објектите во околината на ул. Леринска бр. 3. (Општина Карпош)
Македонија
Променливо облачно, претпладне слаба магла, попладне повремени врнежи од дожд
Променливо облачно, претпладне по одделни котлини со појава на магла. Попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 8, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне во делови од котлината со појава на слаба магла. Попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно време, по одделни котлини со појава на утринска магла. Во вторник ќе има повремени локални врнежи од дожд и ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Дневната температура ќе опадне за неколку степени. Во среда и четврток ќе преовладува претежно стабилно време, а локални врнежи од дожд повторно се очекуваат во деновите од следниот викенд.

