Економија
Бочварски-Рустеми: До крајот на месецот ќе се пушти за сообраќај десната лента на автопатот Катланово – Петровец

Десната лента од автопатската делница Катланово – Петровец на Коридорот 10 ќе биде пуштена за сообраќај до крајот на овој месец. Работите се во завршна фаза, денеска се поставуваше завршниот слој на асфалт, а во следниот период ќе се поставува заштитната ограда и сообраќајната сигнализација. Увид во градежните активности денеска извршија министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.
Инвестицијата за рехабилитација на автопатската делница во должина од 11 километри изнесува 6,2 милиони евра. Покрај рехабилитацијата, автопатот ќе се прошири и со уште една дополнителна лента за застанување.
По изборот на новиот изведувач градежните активности ја имаат потребната динамика и комплетно автопатската делница се очекува да биде завршена во рамките на рокот предвиден во договорот, односно до декември оваа година.
„Од денешниот увид се уверивме дека градежните работи се одвиваат со силна динамика. Надзорот и изведувачот не информираа дека десниот коловоз ќе биде завршен за 20-тина дена, со што ќе се постави сигнализацијата и комплетно ќе биде пуштен за сообраќај. Претходно имавме проблеми со слабата реализација, но со изборот на новите изведувачи, сликата комплетно е сменета и оваа делница очекувам комплетно да ја пуштиме за сообраќај до крајот на годината. Ова е многу важна алка од Коридорот 10 бидејќи претставува главна патна врска за граѓаните на Северна Македонија“, изјави Бочварски.
ЈП за државни патишта е во постојана координација со надзорот и со изведувачот заради навремено завршување на овој проект, потенцираше Рустеми.
„Со цел да се подигне нивото на безбедноста на учесниците на сообраќајот отпочнавме со рехабилитација на левиот и десниот коловоз кои ќе бидат проширени со уште една лента со што ќе се добие комплетна автопатска делница по сите стандарди. Проширувањето се одвива во внатрешниот зелен појас на автопатот со цел да се избегне дополнителна експропријација. Работите се одвиваат со засилено темпо и очекуваме дека до крајот на годинава како што е предвидено со договорот ќе се испочитува рокот за градба“, директорот Рустеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Две милијарди евра инвестиции во железничкиот сообраќај, брза пруга Табановце-Гевгелија

Се надзираат контурите за почеток на најголемиот инфраструктурен проект во регионот. Формирање на координативното тело во вторник и започнување на постапка за обезбедување на финансиски средства за реализација на проектот брза пруга, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Проектот брза пруга Табановце-Гевгелија ќе чини од 1,7 до 2 милијарди евра и ќе биде најголем поединечен проект во Македонија.
Новата брза пруга ќе биде со нови возови, локомотиви и целосно модернизирана и реконструирани железнички станица во Скопје и реконструирани станици низ Македонија.
Со брзата пруга предвидено е патнички сообраќај да биде до 160 км на час, а товарниот сообраќај до 120 км на час. Граѓаните ќе можат да патуваат за час и пол до Солун, 4 до 5 часа до Виена.
Со поддршка и следење на британските и европските стандарди овој проект е од големо значење и ќе ја подобри безбедноста во железничкиот сообраќај.
Брз и ефикасен железнички сообраќај од граница на Србија до граница на Грција. Делницата Табановце – Гевгелија ќе се скрати од 235 км што е моментално, влез излез од државата, се планира да биде 200 и под 200 км. Целта е да имаме брза пруга и брз транспорт.
Македонија конечно ќе почне да ја користи добрата местоположба и ќе се впише на мапата на карго Европа. Карго транспортот се предвидува да донесе од 100 – 120 милиони годишен приход од товарниот сообраќај.
Со развојот на железничката и патната инфраструктура се создаваат можности за поврзување, за подобар и поквалитетен живот на граѓаните“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Kланот Заеви и Филипче преку шема на фирми препродавале јаглен на ЕСМ трипати поскапо и профитирале

Во време на ковид пандемија и енергетска криза Заев и Филипче се богателе врз грбот на граѓаните кои плаќаа драстично повисоки сметки за струја, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче трет ден молчи за испумпувањето на десетици милиони евра од ЕСМ од страна на Вице Заев и фирми кои водат лично до него.
Вице Заев, Зоран Заев и Венко Филипче се директно виновни што струјата во нивно време се покачи за над 50%.
Фирми блиски до Заев и Филипче препродавале јаглен на ЕСМ за три пати поскапо од набавеното.
Зоран Заев, Вице Заев и Венко Филипче, за да можат да се богатат врз грбот на граѓаните креирале мрежа на фирми и посредници за ископ, транспорт и продажба на јаглен од Грција на ЕСМ.
Грчкиот јаглен горел во Македонија а профитот завршил кај Вице Заев во Бугарија.
Јагленот кој од Грција се продавал кон мрежата на фирми за 30 евра бил препродаван во Македонија на ЕСМ по цена и до 82.5 евра.
Додека кланот Заеви продавале скап јаглен на ЕСМ, Филипче уживал во придобивките на милионските бизниси.
Одговорност за овој милионски скандал мора да има, а ЈО да отвори истрага“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
Повеќе од половина од самовработените во ЕУ работат и по пензионирање

Во Европската унија, 56,4 отсто од самовработените лица во текот на 2023 година продолжиле да работат дури и по добивањето на првата пензија, објави денеска Евростат.
Канцеларијата на ЕУ задолжена за статистика наведува дека меѓу земјите-членки на Европската унија, процентот на самовработени пензионери кои продолжиле да работат или повторно се вклучиле на пазарот на трудот бил највисок во Шведска (98,4 отсто), Финска (88) и Ирска (87,7).
Од друга страна, најниско учество имало во Шпанија (18,2 отсто), Грција (20,3) и Словенија (40,4).
Повеќе од половина (57 отсто) од вработените пензионери во ЕУ работеле со скратено работно време.
Оваа стапка е значително повисока отколку кај вработените кои не се пензионери (16,2 отсто).