Македонија
Ковачевски на третиот самит на Европската политичка заедница во Шпанија: во фокусот прашања за иднината на Европа
Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, во Гранада, Шпанија, ќе учествува на третиот самит на Европската политичка заедница. На самитот учествуваат лидери од вкупно 47 земји, од кои 27 земји членки на Европската Унија, земји од Западен Балкан, Швајцарија, Норвешка и Исланд, како и Азербејџан, Грузија, Турција и Украина. На самитот ќе земат учество и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Програмата на самитот содржи пленарна сесија и дискусии на тркалезни маси поврзани со актуелни прашања за иднината на Европа.
Ковачевски ќе учествува на пленарна сесија, а потоа со лидерите на Шведска, Франција, Обединетото Кралство, Италија, Хрватска, Лихтенштајн, Бугарија и Албанија, како и Европската комисија и Европскиот парламент, ќе земе учество на тркалезната маса посветена на дигиталната транзиција и вештачката интелигенција. Во рамките на третиот самит на Европската политичка заедница предвидено е Ковачевски да оствари и билатерални средби со премиерот на Холандија, Марк Руте, и со премиерот на Ирска, Лео Варадкар.
Европската политичка заедница е платформа за политичка координација за европските земји од континентот, чија цел е да ги собере лидерите од европските земји во духот на еднаквоста и единството двапати годишно. Првиот самит на Европската политичка заедница се одржа во Прага во октомври 2022 година по што во јуни годинава следуваше самит во Кишињев, Молдавија.
За време на посетата на Гранада, Шпанија, Ковачевски ќе биде придружуван од сопругата Елена Ковачевска. Таа во рамките на самитот има повеќе активности во програмата, а ќе го придружува Ковачевски на свечената вечера организирана од кралот и кралицата на Шпанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стојкоски: Стоп за дезинформации и паника, во општина Ѓорче Петров нема, ниту ќе има мигрантски кампови
Стоп за дезинформации и паника. Советот на Општина Ѓорче Петров јасно и недвосмислено ја отфрла секоја лага и манипулација поврзана со наводно прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови, напиша на социјалните мрежи Александар Стојкоски, градоначалник на општината Ѓорче Петров.
„Во нашата општина нема, ниту било побарано, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови или трајно сместување мигранти.
Свесното ширење дезинформации создава страв, несигурност и ја нарушува стабилноста и соживотот во локалната заедница. Тоа не е политика – тоа е неодговорност“.
Стоиме цврсто во заштита на безбедноста, јавниот ред, меѓуетничката стабилност и мирниот живот на нашите граѓани, порачува Стојкоски.
Ги повика сите политички чинители на одговорен јавен говор и почитување на фактите.
„Мнозинството во Советот предводено од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија ги усвои следните заклучоци:
Нема мигрантски кампови во општината;
Не е побарано ниту не е договорено прифаќање мигранти;
Ннема да биде дозволено трајно сместување мигранти;
Заклучоци:
Се осудуваат лажните информации и политичките манипулации
Се констатира дека дезинформациите создаваат паника и несигурност
Се потврдува јасна политика против нелегалната миграција
Се дава поддршка на мерките на Владата за безбедност и стабилност
Се штитат меѓуетничките односи, мирот и соживотот.
Општината останува цврсто посветена на безбедноста и мирниот живот на граѓаните“.
Македонија
Тошковски: МВР успешно го заокружи проектот со ОБСЕ за хибридно образование
Министерството за внатрешни работи денес официјално го одбележа завршувањето на проектот „Градење на хибриден образовен систем во Министерството за внатрешни работи на Македонија“, со кој се поставуваат темелите на современ, одржлив и технолошки напреден систем за полициска обука.
Проектот, реализиран во партнерство со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и со финансиска поддршка од Сојузна Република Германија, Кралството Норвешка и дополнителни придонеси од Финска, во изминатите години овозможи суштинска трансформација на начинот на стручно усовршување и професионален развој во рамки на Министерството.
Во рамки на проектот беше воспоставен модерен хибриден модел на образование кој комбинира дигитални алатки, современи дидактички методи и долгорочен пристап „обука на обучувачи“. Развиена е програма за хибридна обука, селектирани и обучени се национални обучувачи со високи дигитални и педагошки компетенции, воспоставен е Мултимедијален центар за обука во Тренинг центарот во Идризово, како и Систем за управување со учење (LMS) кој овозможува флексибилна и квалитетна едукација.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обраќајќи се на завршниот настан, истакна дека овие резултати претставуваат јасен показател за институционална зрелост и определба за континуирано вложување во знаење и професионализација на полициската служба. Тој нагласи дека воспоставените капацитети отвораат можности за понатамошна соработка со меѓународните партнери и за активно вклучување во регионалните образовни мрежи, вклучително и Регионалната асоцијација на полициски академии и центри за обука од Југоисточна Европа.
Министерството за внатрешни работи упати благодарност до Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како и до меѓународните партнери за континуираната поддршка, нагласувајќи дека со овој проект не се става крај, туку се отвора ново поглавје во кое хибридното образование станува составен дел од секојдневното функционирање на Министерството и важна алатка за подготовка на полицијата за идните безбедносни предизвици.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска на увид во реконструктивните зафати во ООУ „Партенија Зографски“
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес го посети ООУ „Партенија Зографски“, каде што се реализираат повеќе реконструктивни зафати. Со овие активности, општината продолжува да го унапредува образовниот простор и да создава современи, безбедни и функционални услови за сите ученици, велат од таму.
-Извршив увид во реконструктивните зафати во ООУ „Партенија Зографски“, каде што во континуитет се работи на унапредување на условите за учениците.
Поставуваме лед осветлување, во училниците и ходниците. Во моментот е во тек и реконструкција на тоалетите, што е особено важно за хигиената и секојдневниот престој на нашите дечиња во училиштето. Направени се зафати на електричните разводни табли, со што училиштето станува побезбедно и пофункционално. Со вакви вложувања покажуваме дека образованието и грижата за децата ни се приоритет и дека продолжуваме да работиме за подобри услови за учење-изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

