Топ
Скопјанец ја малтретирал сопругата пред ќерката: ја нападнал, па ја гризел и ја влечел

Скопското Обвинителство поведе постапка против едно лице поради насилство кон сопругата.
Осомничениот 25-годишник, на 3 октомври, алкохолизиран дошол пред влез на зграда на улицата Пушкинова во Кисела Вода, и најпрвин со висок тон се обратил кон оштетената со која се во бракоразводна постапка.
Пред нивната заедничка двегодишна ќерка грубо ја навредувал жената, а потоа и физички ја нападнал, ја влечел за косата, ја изгребал, ја гризнал и ја зграбил за вратот. На оштетената ѝ нанел видливи повреди и продолжил да ѝ се заканува одземајќи ѝ го телефонот. Жртвата успеала да се оттргне и да избега од местото засолнувајќи се во зградата отспротива додека случајна минувачка не повикала полиција, велат од Обвинителството.
Исто така, осомничениот, со судска одлука од Основен граѓански суд Скопје, имал изречена привремена мерка за заштита од семејно насилство кон неговата сопруга – забрана да се заканува дека ќе стори семејно насилство врз оштетената, забрана да ја малтретира, телефонира, вознемирува, контактира или на друг начин директно или индиректно да комуницира со оштетената, забрана да ѝ се приближи на растојание помало од 100 метри од нејзиното живеалиште, работното место или определено место што го посетува жртвата. Иако и претходно од надлежните институции му било укажано на ваквите забрани, тој не ги почитувал и ги прекршувал за што оштетената во неколку наврати пријавувала во полиција.
Особено имајќи предвид дека осомничениот во континуитет претходно физички и психички ја малтретирал оштетената, јавниот обвинител оцени дека постојат околности што го оправдуваат стравот дека тој ќе го повтори кривичното дело или ќе го изврши кривичното дело со кое се заканува. Со такво образложение обвинителот до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Секој што на каков било начин има поврзаност со случајот во Кочани да биде изведен пред лицето на правдата

Премиерот Христијан Мицкоски, денес, одговарајќи на новинарско прашање во однос на најновата сторија на ИРЛ, која споменува вмешаност на даночни инспектори во случајот во Кочани, а не биле опфатени во обвинението, изјави:
„Благодарам, се разбира дека случајот го води Обвинителството. Јавниот државен обвинител Коцевски, таму видовте и вие, изминатиов период дванаесетина обвинители беа тие што работеа на овој случај. Ако е прашањето дали сум задоволен од работата на Обвинителството, мојот одговор ќе биде – не сум задоволен. И токму тоа беше причината зошто поддржувме во парламентот смена на Коцевски. А зошто СДСМ и ДУИ не ја поддржаа смената на Коцевски, тоа е друго прашање. Така што секој оној што на каков било начин и во каква било форма има каква било поврзаност со овој случај треба да биде изведен пред лицето на правдата“.
Македонија
Уапсени 60 лица за подметнување пожари во Македонија

Од 01 април до 29 септември регистрирани се вкупно 2.080 пожари на отворен простор, при што приведени се вкупно 60 лица, а по преземени мерки поднесени се 36 кривични пријави, информира Министерството за внатрешни работи.
Најголемиот број на настанати пожари е утврдено дека се предизвикани од човечки фактор, со различни мотиви и се преземаат мерки и активности за расчистување на случаите и откривање на нивна евентуална меѓусебна поврзаност.
Исто така, од 01.07.2025 година, откако е воведена забрана за движење во шуми, до 29.09.2025 без писмено одобрение за движење во шума, биле затекнати 27 лица. Против истите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци по Закон за шуми.
Во насока на рана превенција од пожари, полициските служби употребуваат дронови за мониторирање на шумските појаси на територијата на државата.
„Со воведувањето на овие оперативни мерки зголемена е ефикасноста во делот на раното предупредување и лоцирање на евентуалните пожари, како и детектирањето на можните причини или причинители на истите“, велат од МВР.
Македонија
Католичката црква со реакција за муралот на Мајка Тереза: Ова е навредлив чин за сите верници

Католичката црква во Македонија изразува жалење за, како што велат, недостојниот и навредлив чин со кој на муралот на света Мајка Тереза, поставен на „Школка“ во Градскиот парк во Скопје, е додадена марама на нејзиниот лик.
Со оваа постапка, велат од Католичката црква, се повредуваат верските чувства на верниците и н апочитувачите на делото на светицата.
„Потсетуваме дека света Мајка Тереза е светица на Католичката црква, родена во Скопје, почесна граѓанка на овој град и граѓанка на светот. Со својот живот посветен на сиромашните и болните, со својата едноставност, понизност и љубов ја направи Македонија и Скопје препознатливи во светот и пример за почит кон другиот.
По големиот настан, што се случи на 28 септември 2025 година за целиот македонски народ со осветувањето на храмот „Свети Константин и Елена“, кој се наоѓа во непосредна близина на Спомен-куќата на света Мајка Тереза, се прашуваме: Зарем нашата светица заслужи ваков однос од дел од своите сограѓани?
Почитта кон верските чувства е основен елемент на секое демократско општество. Грижата за нив е одговорност на сите граѓани, а воедно ги отсликува и демократската зрелост кај поединци и групи, нивната подготвеност за соживот и прифаќање на различните.
Слободата на уметничкото изразување и јавната дебата се драгоцени вредности, но тие треба да се остваруваат со почит кон достоинството на другите и кон она што е свето за една заедница. Затоа недозволиво е светите ликови, како света Мајка Тереза, да бидат инструментализирани или злоупотребувани за какви било цели“, се наведува во соопштението од канцеларијата на Скопска бискупија и на Струмичко-скопската епархија.
Во него се додава дека Католичката црква се приклучува кон сите добронамерни граѓани, кои веќе реагираа и го осудија ваквиот срамен чин и апелира до целата македонска јавност на поголема свесност за значењето на светците, светите простори и другите свети работи, како и вредностите во општеството што ги застапуваат црквите и верските заедници.
„Во таа насока, ги повикуваме надлежните институции да преземат соодветни мерки, да ги заштитат верските чувства на граѓаните и во иднина да ги превенираат ваквите појави. Во исто време изразуваме благодарност до сите луѓе на изразената загриженост и за поддршката што ја упатија до Црквата“, велат од канцеларијата на Скопската бискупија и на Струмичко-скопската епархија.