Македонија
АСОМ: Државната лотарија ја спинува јавноста, ниту една членка на Асоцијацијата нема да учествува на незаконскиот тендер
Асоцијацијата на спортските обложувалници на Македонија (АСОМ), денеска, на прес-конференција истакна дека нема да дозволи Владата преку Државната лотарија на Македонија да ја спинува јавноста.
Асоцијацијата посочи дека во објавата на Државната лотарија на Македонија, која неодамна беше пласирана во медиумите, се информира дека тендерска документација по јавниот повик за избор на правни лица заради доделување договор за заедничко вложување во интернет-игрите на среќа, во кои доминантно учество со 51 отсто ќе има Државната лотарија, подигнале повеќе од 10-ина компании, од кои повеќе од половина се друштва за приредување игри на среќа основани и со седиште во Македонија. Тие нагласија дека сето тоа било претставено како спроведување транспарентна и законски издржана постапка, што, всушност, според АСОМ, претставува класична манипулација.
„Тука сме за да појасниме дека тендерската документација е подигната од страна на домашните компании со цел да се провери содржината, која воедно се потврди дека е идентична со јавниот повик на Државната лотарија, кој јасно ги дискриминира домашните лиценцирани компании. Подигнувањето на тендерската документација ги потврди нашите убедувања дека станува збор за наместен јавен повик наменет за странски однапред договорени компании“, истакна Васко Илијевски, претседател на АСОМ.
Стоејќи пред Владата, од Асоцијацијата јавно потврдија дека ниту една членка на АСОМ, асоцијација во која членуваат над 95 проценти од претставниците на приредувачите на игри на среќа во обложувачница во земјата, нема да учествува на, како што велат, незаконскиот однапред договорен тендер.
„Скандалозно е тоа што државата, од една страна, нè дискриминира и не ни дозволува да приредуваме интернет-игри на среќа според постојниот Закон за игрите на среќа, потоа како услов во јавен оглас бара да имаме искуство во тоа за потоа да објави дека сме ја подигнале тендерската документација за незаконски јавен повик, кој од самиот почеток го оспоруваме“, потенцира Илијевски.
АСОМ уште еднаш јавно го повтори својот став дека владината одлука за почнување постапка за основање три нови друштва за приредување интернет-игри на среќа е незаконска и дискриминирачка за домашните лиценцирани компании и ги истакна своите барања.
„Без исклучок бараме: да се донесат подзаконските акти, кои цела деценија се држат во фиока за домашните компании во согласност со актуелниот закон да може да приредуваат игри на среќа и реално да се либерализира пазарот, да се поништи незаконската владина одлука, која претставува сериозна закана за домашните лиценцирани приредувачи на игри на среќа и итно да се вклучат сите засегнати страни во креирање на сите следни одлуки поврзани со индустријата“, порачаа од АСОМ.
Асоцијацијата информира дека поседува информација дека на Комисијата за европски прашања во Собранието насила ќе се обиде да се истурка новиот предлог-закон за игри на среќа, кој значи крај на легалната индустрија на игри на среќа, што во никој случај нема да го дозволи.
„Нема да стоиме мирно и да гледаме како Владата врши упад во бизнисот со игрите на среќа свесно ставајќи клуч на врата на една легална индустрија, која во буџетот годишно носи прилив од 280 милиони евра и вработува над 10.000 лица“, истакнаа од АСОМ.
Од Асоцијацијата порачаа дека доколку Владата остане глува на нивните апели, подготвени се да излезат на масовни протести и да се борат за своите права и егзистенција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

