Култура
Костадиновска-Стојчевска: Во годината кога славиме 150 години од смртта на Дичо Зограф, го обновуваме старото училиште во неговото родно Тресонче

Се уредува старото училиште во Тресонче, родното село на познатиот македонски иконописец, фрескосликар и претставник на Дебарската школа, Дичо Зограф.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Медат Куртовски, денеска ја посетија локацијата на Основното училиште „Димитар Ормански“ во Тресонче, каде што со капитални дотации од Министерството за култура во износ од 5,3 милиони денари, старата училишна зграда во најстарото мијачко, а со тоа и малореканско село, ќе се ревитализира во мултифункционален културен центар.
„Срдечно ја поздравувам идејата на градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, токму во годината кога одбележуваме 150 години од смртта на Дичо Зограф, кој е еден од водечките зографи на Дебарската школа и еден од најпознатите иконописци и фрескосликари на Балканот во XIX век, да го обновиме старото училиште во прекрасното Тресонче. На овој начин, со соработката меѓу централната и локалната власт, ја покажуваме нашата грижа за заштитата и негувањето на врвните вредности што ги поседува овој региoн, кој е пребогат со културно наследство. Токму овој регион дал голем број истакнати културни дејци кои се значаен дел од македонската традиција, историја и култура“, рече министерката за култура Костадиновска-Стојчевска. Таа дополни дека оваа година се одбележуваат 100 години од смртта на зографот Аврам Дичов, кој е претставник на Дебарската зографска школа и син на Дичо Зограф.
„Особено е важно што преку овој мултифункционален центар ќе се активираат најразлични содржини кои ќе ја афирмираат културата на регионот и ќе привлечат поголем број гости. Создаваме соодветен дом за честување на делото на Дичо Зограф, репрезентативен изложбен простор, место за одржување семинари, и воопшто место каде што ќе го негуваме уметничкото наследство на овој прочуен зограф“, додаде Костадиновска-Стојчевска.
Таа нагласи дека со обновата на старото училиште ќе се создадат и достоинствени услови за сите учесници на традиционалната меѓународна школа „По патеките на Дичо Зограф“, која се одржува во Тресонче секоја година.
„Со вакви инвестиции ќе создадеме соодветни услови каде што ќе се одржуваат многубројни културни настани и ќе се привлекуваат повеќе посетители и туристи кои ќе се запознаваат со културата, историјата и убавините на нашата општина“, додаде градоначалникот Медат Куртовски. Тој го истакна значењето на поддршката на проекти со кои се обезбедува рамномерен развој на државата, особено во помалите места, каде што населението има помали можности за посета на културни настани.
Реконструкцијата на старото училиште во Тресонче е еден од деветте проекти за кои годинава, преку конкурсот за капитални дотации на Министерството за култура, беа издвоени 40 милиони денари.
Костадиновска-Стојчевска и градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше го посетија и Домот на културата во селото Ростуше каде што со средства од локалната самоуправа е извршена обнова на озвучувањето, а е променета и електричната инсталација во објектот кој се користи за различни културни активности. Во изминатиот период во овој објект беа изведени и реконструктивни зафати, нова фасада, а беа обновени и столовите во Домот, кој е единствено место за културни настани во ова населено место. Тие присуствуваа и на кратката уметничка програма што ја подготвија учениците од основното училиште, кои изведоа перформанс и ора од богатата македонска фолклорна традиција.
Костадиновска-Стојчевска и Куртовски на крајот од посетата се согласија дека соработката меѓу централната и локалната власт е од искучително значење за подобрување на условите во кои функционираат малите домови на културата во малите населени места низ државава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Холандски бит и филмски ритам на „Скопје Синема Сити 2025“: Лауреат е култниот фотограф и режисер Антон Корбајн

Филмот „Контрола“ (Control, 2007) е биографска драма за Јан Кертис, фронтменот на култниот постпанк бенд Џој Дивижн ( Joy Division) , кој го обележа звукот на една генерација.
На 29 и 30 октомври, во киното „Фросина“ во МКЦ, ќе се одржи 11. издание на фестивалот за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“, кој оваа година ја поставува Холандија во фокус.
Свеченото отворање ќе биде со култниот филм „Контрола“ на Антон Корбајн – легендарен холандски режисер и фотограф, познат по своите впечатливи портрети на светски музички ѕвезди и по своите влијателни музички видеа. Корбајн е лауреат на овогодинешното издание, а фестивалот ќе му ја додели наградата за животно дело за неговите достигнувања во областа на фотографијата, музиката и филмот.
Филмот „Контрола“ (Control, 2007) е биографска драма за Јан Кертис, фронтменот на култниот постпанк бенд Џој Дивижн ( Joy Division) , кој го обележа звукот на една генерација. Снимен во впечатлива црно-бела фотографија, филмот ја истражува тенката линија меѓу славата, внатрешната осаменост и автодеструкцијата, претставувајќи го Кертис како симбол на младешкиот немир и уметничката ранливост. Корбајн, кој и самиот бил фотограф на Joy Division, создава интимен, емотивен портрет што прераснува во визуелна поезија на меланхолијата.
Покрај „Контрола“, публиката ќе може да ги погледне и документарниот филм „Бимхаус блуз“, посветен на легендарниот џез клуб Бимхаус во Амстердам; краткиот анимиран филм „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска; како и „Македонски дневник во рими“, проект на Види Вака кој го истражува светот на домашниот хип-хоп.
Во рамките на фестивалот, на 1 ноември во 19 часот, во Јавна соба, ќе биде отворена фотографската изложба на Ненад Георгиевски со наслов „Географии, лица и улици“, која го поврзува визуелниот израз со урбаните и културните простори низ кои патува музиката.
„Скопје Синема Сити 2025“ е поддржан од Амбасадата на Холандија во Македонија и од Министерството за култура и туризам.
Дизајнот на плакатот за 11. Издание е дело на Милица Коцева.
Култура
Објавени наградите на 28. издание на Денови на комедијата Куманово

Жирито на 28. издание на Меѓународниот театарски фестивал Денови на комедија Куманово 2025, во состав: Претседател: Александар Ивановски, и членови на жирито: Дубравка Киселички, Петар Андоновски, Гергана Трaјкова и Стефан Јакимовски ги донесе следниве одлуки и награди:
Најдобра актерка – Рада Каирјакова, претстава „Постојаната сопруга“ (Сатиричен театар „Алеко Константинов“ Софија, Р. Бугарија);
Најдобар актер – Горѓи Јолески, претстава „Бог на колежот“ (Македонски народен театар – Скопје);
Најдобра споредна улога (женска) Јасмина Вучкова, претстава „Петок 13“ (Народен театар Струмица);
Најдобра споредна улога (машка) Благојчо Стојанов, претстава „Госпоѓа Министерка“ (Театар „Јордан хаџи Константинов“ – Велес);
Најдобра улога за млад актер – Никица Јанковски, претстава „Разбуди се Тина“ (Театар Куманово);
Најдобра сценографија – Нина Пашова, претстава „Постојаната сопруга“ (Сатиричен театар „Алеко Константинов“ Софија, Р. Бугарија);
Најдобра костимографија – Маријана Живковиќ, претстава „Покондирена тиква“ (Народен театар Пирот, Р. Србија);
Најдобра режија – Бојка Велкова претстава „Постојаната сопруга“ (Сатиричен театар „Алеко Константинов“ Софија, Р. Бугарија);
Најдобра претстава – „Бог на колежот“ (Македонски народен театар – Скопје);
Култура
Почнува 15. јубилејно издание на музичкиот фестивал „Здраво млади“ во МКЦ

Во знак на долгогодишната посветеност кон новата музичка сцена и поддршка на млади артисти, ЈУ Младински културен центар го најавува 15-то јубилејно издание на фестивалот на нова музика „ЗДРАВО МЛАДИ“, кое ќе се одржи на 10 и 11 октомври 2025 во МКЦ.
„ЗДРАВО МЛАДИ“ е фестивал на независната и современа музичка сцена, создаден со цел да биде платформа за млади музичари, нови музички правци и иновативна програма. Овогодишната, 15-та јубилејна година, за “Здраво Млади” е “година со уште позасилена програма, многу нови и веќе познати изведувачи на домашната сцена и свежа енергија, која најавува настан на кој се поканети сите, бидејќи одамна се немаме видено.”
Првиот фестивалски ден е посветен на домашната млада алтернативна сцена, која ќе се реализира во соработка со Музичката младина на Македонија. Во рамките на овој проект, насловен “Imagine Macedonia” во кој МММ е партнер, e натпревар за млади музичари со авторска музика од сите жанрови, чија цел е здружување на млади луѓе од сите музички жанрови. “Imagine Music Experience” годинава се одржува во 9 земји (Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Македонија, Унгарија, Холандија, Велика Британија и Зимбабве) и е програма отворена за музичари на возраст од 13 до 21 година. Секоја година, победниците на националното финале од секоја од овие земји имаат шанса да настапуваат и да се натпреваруваат на меѓународното финале во Брисел, Белгија (11-15 декември) во салата на La Botanique.
Годинава Imagine Macedonia ќе се реализира во соработка со Малдинскиот Културен Центар во Скопје и фестивалот „Здраво Млади“ на кој ќе настапат следните млади музички состави: “LSD during war”, Големата вода, Мираж, “The Pot”, “Sunneater”, Корка, “Tsar Von Time” и “DENMV”.
Утре, 11 октомври, главната фестивалска вечер ќе ја отвори победникот од денешниот натпревар, Imagine Macedonia. Вечерта е поделена на 3 фестивалски бини: сала “25 Мај” (Денсинг сала), на која ќе настапат легендарниот белградски бенд “Repetitor”, митскиот либиски цар на “хабиби фанкот” – Ахмед Факрун, скопскиот состав “Pedro Horizonte”, хрватскиот алт-поп бенд во подем “Ki Klop”, и новите рокенрол ѕвезди на македонската сцена – Преку ред.
Втората фестивалска бина, лоцирана во Клубот МКЦ, оваа година се реализира во соработка со здружението на граѓани за промоција на женската активност “Tiiiit.Inc” од Скопје. Бината е посветена на фестивалот “Прво па женско” и во рамките на оваа програма, ќе настапат следните артисти: “Pocket palma”, “Suze od luka”, Katerinha, Gillespie, KEM, Lelee. Оваа програма, настанува како фузија на двата фестивали – “Здраво млади” и “Прво па женско”, кое годинава ќе го доживее своето 13 издание. Фестивалот “Прво па женско” е единствен фестивал во земјата посветен на феминистичката култура и активизам, кој промовира разновидни пристапи во промислувањето и репрезентацијата на родот во уметноста и критичките пракси. Програмата која ќе ја претстават во рамките на “Здраво Млади” e дел од есенското издание на “Прво па женско 13”. Благодарение на оваа соработка, дизајнот оваа година за фестивалот го изработи младата дизајнерка Ана “Април” Попоска.
Фестивалот “Здраво Млади” е поддржан од Министерството за култура и туризам, Град Скопје, мрежата Liveurope и Тиииит.инк, а влезот е слободен.