Македонија
Птица остави делови од Битола без струја

Денеска, во раните утрински часови дојде до испад во ТС „Битола 2“ инициран од птица што прелетала во делот на 110 kV собирница, при што дошло до прескок со еден од порталите на истата собирница, соопшти МЕПСО.
Испадот предизвика прекин во напојувањето со електрична енергија во траење од половина час, но со навремена реакција на вработените во Подружницата ОПМ (вработените во одделот ТС, одделот ТКОИ, одделот Релејна заштита и одделот ДВ), како што велат од МЕСПО, сè беше вратено во првобитната состојба, а снабдувањето со електрична енергија е нормализирано и се одвива непречено.
„Штетите врз опремата од денешниот испад се незначителни поради фактот што АД МЕПСО – Скопје располага со кадар кој е еден од најдобрите во регионот и ваквите брзи и навремени интервенции се дел од нашата секојдневна работа“, велат од МЕПСО.
Случаи од ваков тип, птица да предизвика испад во напојувањето, се исклучително ретки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Јавното обвинителство се обиде да ја релативизира одговорноста на актуелните функционери

Според СДСМ, со денешната прес-конференција, Јавното обвинителство уште еднаш потврдило дека постои сериозен обид да се минимизира и релативизира одговорноста на носителите на актуелни функции и институции поврзани со трагедијата во Кочани.
Од опозициската партија велат дека наместо да се лоцира институционалната одговорност и да се повикаат на одговорност директорите на Државниот пазарен инспекторат, УЈП и други релевантни органи кои имаа обврска да постапуваат, фокусот се префрла на индивидуални случаи и на маргинални групи, избегнувајќи ја суштината – зошто и како фирма увезувала и со месеци продавала опасна пиротехника без дозвола, и кој тоа го дозволил.
Дополнително, како што се додава, наместо да се отворат посебни истраги за секој аспект од случајот – за незаконскиот увоз, за институционалниот надзор, за реакцијата на полицијата и за конкретните пропусти на диското, Обвинителството сѐ спакува во еден предмет, со што ризикува да се развлекува постапката со години, па дури и децении. Со ваков пристап, правдата станува недостижна – а тоа е неприфатливо.
„Сериозно прашање е и одлуката приведените полицајци и полициски функционери, кои биле одговорни кобната вечер, да се пуштат на слобода со мерки за претпазливост. Особено загрижува фактот дека двајца од нив биле пресретнати на пат кон граница со Бугарија, што отвора сомнеж за можно бегство и криење на вината.
СДСМ уште еднаш потенцира – без целосна и непристрасна истрага, без одговорност за институциите и носителите на функции кои затаиле, нема да има вистинска правда за жртвите и нивните семејства.
Граѓаните гледаат. И со право очекуваат правда“, се додава во партиското соопштение.
Македонија
(Видео) Во Гази Баба се гради огромна дива депонија без никакви дозволи, објави Арсовска

Во општина Гази Баба, фирма затекната од инспекторат на град Скопје при вршење нелегални активности, правење огромна дива депонија со градежен и опасен отпад и бесправна експлоатација на земјиште, без лиценци, елаборати, дозволи и одобренија, што претставува сериозна опасност по здравјето на граѓаните и животната средина, објави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
„Апелираме до Министерството за внатрешни работи да постапи, бидејќи неказнивоста и непостапувањето предизвикува сторителите на вакви дела да мислат дека се недопирливи пред законот. Фирмата која прави дива депонија и каде се експлоатира, го има поткопано 110kV кабловски и воздушен далновод кој го напојува со електрична енергија градот Скопје. На ова земјиште сопственост на Република Македонија се прави сериозна штета на главниот далновод, известени се сите надлежни институции за кои очекуваме да не се кријат и да постапуваат“, вели Арсовска.
Македонија
Кривични пријави против двајца угостители од Берово и од Пехчево за бесправно градење

Полицијата поднесе кривични пријави против правно лице – угостителски објект од Пехчево и против С. П. (43) од Пехчево и против правно лице – угостителски објект од Берово и В. К. (32) од Берово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела бесправно градење.
Пријавениот С.П., сопственик и управител на правното лице од Пехчево, на катастарска парцела во Пехчево во државна соспственост, без одобрение за градење издадено од надлежен орган, изградил тврд објект во кој што е сместен угостителскиот објект и вршел угостителска дејност.
Пријавениот В.К., сопственик и управител на правното лице од Берово, на катастарска парцела, сопственост на Т.К. и М.К., на земјоделско земјиште, надвор од урбанистички план за град Берово, бесправно изградил тврд објект во кој што е сместен угостителскиот објект во кој вршел угостителска дејност.