Култура
Претставата „Син“ на Дино Мустафиќ на фестивалот „Рута“ 2023

Претставата „Син“ на режисерот Дино Мустафиќ, работена по текстот „Син“ од трилогијата на Флоријан Зелер, вечерва на фестивалот „Рута“ во Драмскиот театар – Скопје во 20 часот. Претставата е во изведба на Камерни театар 55 од Сараево и нејзината премиера беше во мај на матичната сцена на театарот.
На прес-конференцијата говореа петмината актери од претставата, која, всушност, раскажува приказна за семејството, за депресивниот тинејџер растргнат меѓу разведените родители. Ликовите раскажуваат приказна за луѓето што не прават ништо друго, освен што се обидуваат да ги најдат вистинските зборови.
„Добрата претстава, верувам, е претставата по која имате потреба да разговарате, да поставувате прашања, да анализирате и да дискутирате. По оние претстави што се извонредни, може и долго да се молчи, да се седи во тишина, исто како по молитва, медитација или голема загуба. ‘Син’ е токму такво парче уметност, кое нè повикува на долга тишина и молк, но и на простување, смеа и плач. Дино Мустафиќ е режисер што знае дека театарот е простор (и време) во кое имате можност и привилегија, да се ставите во туѓата кожа, да прифатите туѓите искуства да станат ваши. Простор за емпатија. Простор во кој човечките емоции се секогаш поважни од фабулата или самиот тек на дејствата и изговарање на репликите. Раскажувањето на приказната, и покрај оганот, како и она покрај поспаното дете, се чини магично, а токму таква магија создава актерскиот ансамбл на Камерниот театар 55 во претставата ‘Син’.
Гледањето на претставата, исто како и кога се чита книга, ни овозможува да бидеме јунаци, во туѓите чевли да осетиме радост, болка, љубов, страдање, страв, тага, осаменост. А оваа претстава ни дава можност да бидеме, по сопствена желба и одлука, синови, татковци и(ли) мајки“, истакнува Алмир Имширевиќ во програмата за претставата.
Автор: Флоријан Зелер; Режија: Дино Мустафиќ; Драматург: Ведран Фајковиќ; Сценограф и костимограф: Адиса Ватреш Селимовиќ; Композитор: Ирена Поповиќ; Асистент композитор: Никола Драговиќ; Продуцент: Сенан Алихоџиќ; Асистент на продукција: Скендер Башиќ.
Улогите во претставата ги толкуваат: Адмир Гламочак, Давор Голубовиќ, Сабина Бамбур, Џана Пињо, Амар Селимовиќ.
Во рамките на фестивалот „Рута“ претставата ќе биде изведена на 6 октомври (петок) во 20 часот на сцената на Драмскиот театар – Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Започнаа пробите на претставата „Лов на дива свиња“

Македонскиот народен театар од Скопје и Градското позориште од Подгорица потпишаа Меморандум за соработка за продлабочување на културната и уметничката размена меѓу Северна Македонија и Црна Гора.
Претставувани од директорите Никола Кимовски и Сандра Вујовиќ, двете институции ја изразија својата подготвеност за заедничка работа во областа на театарот, културата и уметноста.
Меморандумот предвидува размена на театарски претстави, реализирање заеднички копродукции, спроведување едукативни програми, како и соработка во областа на техничката и логистичката поддршка, маркетингот и промоцијата на заеднички проекти. Целта е воспоставување долгорочна и одржлива соработка, со редовна комуникација и координација при реализацијата на предвидените активности.
Овој документ претставува значаен чекор кон унапредување на регионалната културна поврзаност и зацврстување на меѓународната соработка во уметничката сфера.
„Македонскиот народен театар и натаму продолжува да создава во духот на мојата визија и стратегија – создавање театар отворен за сите, современ театар кој постојано вмрежување, остварува институционални и меѓународни соработки, со цел развој на современиот театар во Македонија и регионот“, изјави директорот Никола Кимовски.
Првата меѓународна соработка започнува со реализацијата на претставата „Лов на дива свиња“, чиј автор е црногорската современа писателка Марија Сарап, а режијата е на македонската режисерка Наташа Поплавска.
Претставата ќе се реализира во копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Градското позориште од Подгорица и Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт Медиа“ од Скопје.
Во претставата учествува актерска екипа од двете земји: Ана Стојановска, Искра Ветерова и Мина Јелушиќ Јериниќ од Македонија, како и Ѓорѓе Татиќ и Вукан Пејовиќ од Црна Гора.
Претставата „Лов на дива свиња“ премиерно ќе биде изведена на 19 јули во рамки на фестивалот „Скопско лето“, а премиера во Подгорица, Црна Гора, е планирана за септември.
Претставата е дел од Националната програма за култура за 2025 година и финансиски е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и од Градот Подгорица, Црна Гора, како и од компаниите: „Виталиа“ од Скопје, хотелот „Мериот“ и рестораните „Дистрикт“, „Тренд“ и „Шпајз“.
Култура
Изложба на пастели од Илија Спасов-Чендо

На 19 јуни, во 13 часот, во Културно-информативниот центар – Скопје, ќе биде отворена изложбата на слики изработени во техниката пастел од академскиот сликар Илија Спасов Чендо
Илија Спасов – Чендо
Роден е во Неготино. Дипломирал на ФЛУ Скопје. Член е на ДЛУМ. Добитник е на наградата за сликарство „Лазар Личеновски„ 2011. Самостојно изложувал во Скопје, Софија, Битола , Белград, Нови Сад, Дубровник, Кавадарци и Неготино. Учесник е на повеќе групни изложби. На изложбата авторот ќе се претстави со 25 пастели изработени во последните две години.
Изложбата ќе биде отворена до 01.07.2025 година.
Култура
Промоција на поетската книга „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков

Поетската книга „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков во издание на „Фуснота“ ќе биде промовирана денеска во кафе-книжарница „Буква“ со почеток во 19:00 часот.
Промоторка на книгата е проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, главен уредник е Маја Којчева Величкова, лектура: Елизабета Коневска, дизајнот на корицата изработи Мите Спасовски, а извадоци од романот ќе чита Светла Јакшиќ.
Книгата е објавена со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.