Македонија
(Видео) Пендаровски на одбележувањето на 80-годишнината од битката кај селото Кленоец
Претседателот Стево Пендаровски денеска присуствуваше и се обрати на одбележувањето на 80-годишнината од битката кај селото Кленоец. Тој положи свежо цвеќе на меморијалниот споменик на паднатите борци.
„Манифестот ја дава конкретната програма и насоки за натамошниот тек на антифашистичката борба до конечно ослободување и ги исцртува контурите на идното уредување на македонската држава. Но, исто така манифестот предупредува дека и покрај големите победи и ослободените територии, на македонскиот народ му претстојат уште многу тешки и крвави борби со фашистичкиот окупатор и неговите соработници, до целосното и конечно ослободување на Македонија.
Првата таква борба се случила само три дена подоцна, на 6 октомври 1943, тука во Кленоец. Иако поради тешките загуби битката кај Кленоец била привремено загубена, сепак патот кон добивање на војната бил целосно отворен. Со последователните воени акции, како Февруарскиот поход, беше трасиран патот до АСНОМ и прогласување слободна македонска држава првпат во нашата историја.
Денеска сме тука собрани да се потсетиме дека цената за нашата слобода е запишана на секој споменик и секој паметник од народноослободителната војна, вклучително и на овој тука во Кленоец. На оваа плоча се врежани имињата на борците што беа подготвени да ја платат и највисоката цена за нашата слобода, со сопствените животи“, рече Пендаровски.
За да можеме да се наречеме нивни достојни наследници, рече Пендаровски, мораме да го чуваме она за што тие се бореа – слобода, правда, соживот и демократски вредности. Преку граѓанско и национално помирување, преку владеење на правото, преку подигнување на квалитетот на животот, наша должност е да ја вратиме надежта кај младите генерации дека може да се остварат и тука, во својата татковина, порача претседателот на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски на МАСИТ: Владата е партнер на приватниот сектор, да ја изградиме најмодерната дигитална администрација во регионот
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска учествуваше на 20. годишната конференција по повод 25 години МАСИТ. Андоновски во своето oбраќање на една од дискусиите истакна дека дигитализацијата не е само технолошки процес, туку системска промена која го подобрува начинот на кој институциите работат и комуницираат со граѓаните и бизнисите.
„Веруваме во силата на домашните ИКТ компании. Затоа им даваме простор да бидат носители на проекти, пристап до инфраструктура преку Везилка AI и можности за иновации и развој преку ЕДИХ INNOFEIT. Нашата цел е едноставна: технологија создадена во Македонија да стане технологија што ја користи регионот и Европа“, изјави министерот.
Во изјава за медиумите, Андоновски ја истакна важноста на приватниот сектор и појасни дека соработката меѓу Владата и компаниите ја гради дигиталната трансформација на државата.
„Ја испратив пораката дека потребно е заедно да соработуваме, Владата уште во минатото одлучила да се потпре на приватниот сектор во дигитализацијата и дигиталната трансформација на општеството, а сега треба заедно да градиме проекти кои ќе значат реализација во државата, но и на извоз на овие продукти во Европа. Мислам дека имаме одлични кадри кои излегуваат од универзитети, сега е шансата тие да ги искористиме во приватниот сектор, а да и помогнат и на државата’’, соопшти Андоновски.
Македонија
Oтстранети 𝟣𝟧𝟢𝟢 кубни метри отпад од диви депонии и изготвени 𝟣𝟩𝟫 записници за правилно одлагање на отпадот во текот на ноември
Во текот на месец ноември 2025 година, Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше вкупно 179 едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпадот. Претставниците на Еко-патролата ги информираа и едуцираа граѓаните на кој начин, каде и во кои термини, согласно законските одредби, треба да го одлагаат комуналниот отпад и отпадот од пакувања, со цел – заштита на животната средина и јавното здравје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Во текот на минатиот месец, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа 1500 кубни метри непрописно одложен мешан комунален, кабаст и градежен отпад. Интервенирано е во речиси сите скопски општини, како и на таканаречените „црни точки“ каде што е забележано континуирано одлагање отпад на јавни и на сообраќајни површини“, велат од ЈП Комунална хигиена-Скопје и додаваат дека во наведените месечни податоци, не се пресметани отстранетите количини непрописно одложен отпад во рамките на масовната акција за чистење на градот што се одвиваше во периодот од 6-9 ноември.


Македонија
„РКЕ да ја преземе во целост надлежноста во формирање конечна цена на водата“, порака од тркалезната маса
РКЕ да ја преземе во целост надлежноста во формирање на конечна цена на водата – е пораката од тркалезна маса „Иницијатива за промена на постапката за утврдување на тарифите за водни услуги и влијанието на соодветните тарифи врз најгорливите проблеми со кои се соочуваат комуналните претпријатија“ во организација на Здружение на даватели на комунални услуги – АДКОМ.
Податоците покажуваат дека актуелниот начин на определување на цената е сложен, финансиски неодржлив, а услугата несоодветна поради што загубите на вода на национално ниво се искачија на 64%. Анализите на РКЕ покажуваат дека од 79 претпријатија што обезбедуваат водни услуги, за 20 од нив се донесени регулаторни одлуки, при што за 11 од нив советите на општините не дале согласност, а додека девет Јавни комунални претпријатија воопшто не ни поднеле барање за нова цена.
„Целта на ова иницијатива е преку интервенции во законските решенија да се создаде поедноставен, транспарентен и стабилен систем за утврдување на тарифите за водни услуги. Нудиме јасен и едноставен процес во формирање на конечната цена. Предлагаме кратење на бирократскиот процес, од шест во два чекори, со доставување на барање и утврдување на конечна цена . РКЕ подолго време алармира дека сегашниот начин на утврдување на цена е неефикасен: се доведува во прашање квалитетот на услугата, дефектите се зголемуваат, а јавните комунални претпријатија се борат за ликвидност“, изјави Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Анализите покажуваат дека од година во година трошиме поголеми количини на вода, а наплата се намалува и бројот на вработени се зголемува.
„Актуелните тарифи за вода не ги покриваат реалните трошоци и затоа јавните комунални претпријатија работат со загуба, па општините се приморани да ги субвенционираат. Последиците се мултидимензионални, а она што е најзагрижувачки е дека поради недостаток на средства, инвестиции нема и процентот на загуба на вода од година во година расте и сето тоа е резултат на старата водоводна мрежа. Со реализација на оваа иницијатива – ќе се создадат предуслови РКЕ да спроведе регулаторни одлуки и мерки со што ќе се обезбеди самоодржливост на ЈКП на долг рок. Ние дефинираме конечна цена, но предвидуваме и задолжителни средства за инвестиции и го ограничуваме бројот на вработени“, посочи Фатон Амбари член на РКЕ.

