Економија
„Фич“: Затегнувањето на монетарната политика придонесе кон враќање на едноцифрената инфлација во Македонија

Затегнувањето на монетарната политика придонесе кон враќање на инфлацијата на едноцифрено ниво, наведува агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ во својот извештај за кредитниот рејтинг на земјава, во кој го потврдува нејзиниот рејтинг на „ББ+“ со стабилен изглед.
Очекувањата на Агенцијата се дека инфлацијата и натаму ќе се намалува. Посочуваат и дека во изминатите осум месеци девизните резерви се зголемени, додека дефицитот на тековната сметка е стеснет, како и дека банкарскиот сектор и натаму е здрав и соодветно капитализиран.
Агенцијата за кредитен рејтинг посочува дека, од октомври минатата година, поради затегнатата монетарна политика, како и поради споредбената основа, инфлацијата се намали од 19,8% на 8,3% во август. Сепак, инфлацијата кај храната и натаму е висока, поради што во септември се замрзнати цените на дел од производите. Од „Фич“ очекуваат дека инфлацијата и натаму ќе забавува, како резултат на споредбената основа, затегнатата монетарна политика и замрзнувањето на цените на храната, иако, како што наведуваат, растот на платите може да има негативен ефект врз инфлацијата. Очекувањата се дека стапките на инфлација во текот на следната година ќе се вратат на ниски едноцифрени нивоа.
Банкарскиот сектор и натаму е стабилен и профитабилен, а адекватноста на капиталот бележи раст, достигнувајќи 18,2%, додека економското окружување немаше ефекти врз нефункционалните кредити коишто останаа на ниско ниво. Цените на недвижностите забавуваат по период на брз раст, што е резултат на затегнувањето на финансиските услови, но и капиталните барања кон банките и макропрудентните мерки за адекватност на кредитобарателите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Трет ден хаос со „МојДДВ“, граѓаните револтирани, не можат да скенираат фискални сметки

Апликацијата „МојДДВ“ не функционира веќе трет ден, а револтирани граѓани масовно пријавуваат дека не можат да ги скенираат фискалните сметки и да го остварат своето право на поврат на ДДВ.
Проблемите со апликацијата започнаа уште пред неколку дена, а Управата за јавни приходи (УЈП) вчера официјално потврди дека станува збор за технички проблем и увери дека се работи на негово отстранување.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција“, велат од УЈП.
Од институцијата не прецизираат кога „МојДДВ“ ќе проработи, а засега корисниците се оставени да чекаат, со надеж дека нема да изгубат право на поврат на средства.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавуваат реакции од граѓани кои се жалат дека изгубиле време обидувајќи се безуспешно да ја користат апликацијата. Многумина бараат одговорност и транспарентност од институциите, но и посочуваат дека слични прекини во работата на апликацијата се случуваат сè почесто.
Економија
Скенирањето сметки на апликацијата „МојДДВ“ е со прекини, УЈП извести за технички проблеми

Управата за јавни приходи извести дека мобилната апликација „МојДДВ“ во моментов работи со прекини. Тимот на УЈП интензивно работи на отстранување на проблемот, со цел апликацијата да биде целосно функционална.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција. Ги молиме сите корисници за трпеливост и разбирање. Тимот на Управата за јавни приходи е целосно ангажиран и работи на надминување на техничките пречки“, соопшти Управата за јавни приходи.
Од таму не откриваат за какви технички проблеми се работи, ниту пак кога очекуваат да бидат надминати.
Економија
Мицкоски најави нова инвестиција во Штип

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на најавата на директорот на Технолошко-индустриските развојни зони за 4 нови странски инвестиции, изјави:
„Во текот на вчерашниот ден, во разговор со директорот, имаме добра вест, нова инвестиција, потврдена во индустриската зона во Штип. Фабрика којашто ќе вработи до 150 луѓе. Фабрика којашто ќе инвестира некаде околу 35 милиони евра. Којашто во својот пик за три години од денес ќе извезува 300 милиони евра коишто ќе влезат во Бруто домашниот производ и ќе произведува батерии и тоа е добро. И тоа е добро, а за сите овие други, да имаме и потврди и полека ќе ги објавуваме. Ова е веќе договорено со инвеститорот и заради тоа го кажав, инаку фабриката е од земја од Европска Унија, да немаме дилема.“