Економија
Казни без селекција за оние што не ги почитуваат одлуките, нема да има зголемување на цените, уверува Државниот пазарен инспекторат
Државниот пазарен инспекторат известува по реакциите на граѓаните и на стручната јавност, дека зголемување на цените на основните прехрамбени производи нема да има.
Пазарниот инспекторат ќе продолжи, како што велат од оваа институција, да постапува по веќе донесените одлуки на Владата за намалување на цените.
„Ќе проверуваме дали стои ознаката „гарантирана цена“ и дали се почитуваат другите одредби од одлуките, кои се однесуваат на трговците на мало и на трговците на големо. Граѓаните да бидат спокојни! Цените на основните прехранбени производи нема да се зголемат, може само дополнително да се намалат. Пазарниот инспекторат ќе продолжи да постапува по одлуките за намалување на цените, кои се веќе донесени. Оној што нема да ги почитува одлуките ќе биде казнет без селекција“, порачуваат од таму.
„Граѓаните се на прво место, а ние сме тука за да го штитиме нивниот стандард“, изјави директорот Горан Трајковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Земјоделците на протест поради ниските откупни цени во Струмица – Левица дава поддршка
Земјоделците од струмичките села денес повторно одржаа протест поради ниските откупни цени. Овојпат протестот беше во центарот на Струмица.
„Државата не води сметка за увозот на патлиџани, а прекупците се оставени со одврзани раце. Резултатот е ниска почетна откупна цена, која по правило до крај на откупот секогаш паѓа.
Со понудената цена, земјоделците не можат да си ги покријат ниту трошоците за производство што како краен ефект има дестимулација на земјоделците, намалување на производството во идните години, запустување на полето и иселување од државата“, велат од Левица.
За да се спречи тоа, како што додаваат, мора во наредните десет дена да се преземат итни мерки.
Пратеникот Сашко Јанчев и координаторот на Секор – земјоделие на Левица повторно беа на протестот да им дадат поддршка на земјоделците.
Економија
Поевтин бензин и поскап дизел од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,16 отсто во однос на одлуката од 20 мај.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,492 отсто, кај дизелот има зголемување за 0,845%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 0,513% и кај мазутот намалувањето е за 0,164%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,333%
Од 28.5.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 82,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 84,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 73,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 73,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 42,453 (денари/килограм)
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за 0,50 ден/лит, додека малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,176 ден/кг и сега изнесува 42,453 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 28.5.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Економија
Ангеловска-Бежоска: И покрај шоковите, стабилноста на домашната валута зачувана
На покана на Централната банка на Исланд и престижниот американски универзитет „Нортвестерн“, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на конференцијата „Макроекономската стабилност на малите и отворени економии – предизвици и лекции“, којашто се одржа во Рејкјавик, Исланд. Таа беше поканета да го сподели искуството за успешното задржување на стабилноста на девизниот курс во македонската економија.
„Во раната транзиција, како и многу други економии од ЦИЈИЕ, усвоивме стратегија на фиксен девизен курс за справување со хиперинфлацијата, којашто ја применуваме и во моментов. Таа е соодветна на карактеристиките на нашата економија, којашто има висока трговска отвореност (160% од БДП), висока зависност на извозот од увозни компоненти, висока финансиска отвореност (185% од БДП), како и релативно висок степен на евроизација на банкарскиот систем (околу 42% од активата е во евра). Овие карактеристики отвораат можност за висок преносен ефект од девизниот курс врз цените и финансиската стабилност, без позначителни ефекти врз економскиот раст“, нагласи Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката се осврна и на последната криза, и на предизвиците за задржувањето на оваа стратегија. Таа потсети и на притисоците на девизниот пазар коишто беа видливи од почетокот на пандемијата до средината на 2022 година, за кои беа нужни значителни интервенции од страна на централната банка, коишто во одреден момент достигнаа 15% од девизните резерви.
„Активните интервенции на девизниот пазар беа можни благодарение на девизните резерви насобрани пред кризата, покрај поддршката од меѓународните финансиски институции во кризниот период. Насобраните резерви ги одразуваат претходните претпазливи макроекономски политики и постепената и соодветно распределена либерализација на капиталната сметка. Затегнатата монетарна политика, користењето сет од макропрудентни мерки првенствено насочени кон зголемувањето на отпорноста на банкарскиот систем, како и мерките преземени за зголемување на транспарентноста и комуникацијата со јавноста, коишто уште повеќе ја зајакнаа довербата во Народната банка, беа од клучно значење за одржувањето на стабилноста на девизниот курс“, нагласи Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката подвлече дека и покрај шоковите од невидени размери, стабилноста на девизниот курс беше задржана, а нивото на девизните резерви во моментов е повисоко за близу 40% во споредба со преткризниот период.
На панел-дискусијата, којашто беше предводена од професорот Харис Делас, од Универзитетот „Сури“ и Институтот „Карл Брунер“, покрај гувернерката, учествуваа и гувернерот на Банката на Словенија и гувернерот на Банката на Естонија. На настанот учествуваа повеќе професори од престижни универзитети.