Македонија
Левица: Што се гори во близина на Орман за Општина Ѓорче Петров да дише токсичен воздух
Покрај загадениот воздух чиј причинител е палењето на дивите депонии во Општина Ѓорче Петров, жителите на оваа скопска општина се жртви и на токсичниот воздух од соседните општини, велат од политичката партија Левица.
„Во повеќе наврати алармиравме за често неподносливиот воздух од Општина Сарај, а на кои се принудени жителите на Ѓорче Петров во урбаниот дел на Општината.
Овој пат, до нас стаса информација, слики и сведоштва од жители од други делови на Општината (непосредно до село Орман).
Имено, станува збор за компанија која покрај тоа што врши откуп на акумулатори и рафинира олово, граѓани сведочат и за постојано пристигање на шлепери со српски регистарски таблички, како и за неподнослив мирис особено во доцните часови. Едноставно никој не знае што точно се гори овдека, а ниту пак некој се осудил да изврши контрола.
Иако прилично далеку од очите на граѓаните, сепак ваквиот токсичен воздух ‘патувајќи’ долж реката Лепенец е присутен и интензивен за жителите во Општина Ѓорче Петров.
Законодавецот пропишал минимум услови и технички решенија, кои треба да ги почитуваат фирмите за рециклажа на вака опасни тешки метали, меѓутоа, како и сѐ во нашата држава, често пати, се заобиколуваат прописите и законите кои ја регулираат оваа проблематика.
Друг проблем се нередовните инспекциски контроли, кои ако ги има се извршуваат формално (практично, колку да се собере рекет), а најчесто и се прескокнуваат.
Дополнително, несоодветната селекција на инспекциските служби, прави овој проблем да достигне алармантни состојби со труење на луѓе, пропратено со енормно зголемување на карциноми и други тешки заболувања кај населението, особено кај децата.
Македонија чекор по чекор станува депонија на регионот со увезување на секаков отпад.
За ваквото труење сe виновници како органите од централнaта, така и локалната власт.
Општина Ѓорче Петров и градоначалникот Стојковски е редно време да се заангажира на ова поле. За почеток: конструирање на конечно конструктивна и реално потребна меѓуопштинска соработка; итно расчистување на дивите депонии во Општината; активност и достапност на комуналните редари и инспекторите за животна средина“, се вели во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.
Македонија
Делови од Центар и Зелениково денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на затварач од ф – 100 мм на ул. 5 бр. 47 во село Моране, во периодот од 08.30 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од село Моране, општина Зелениково.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека поради уличен дефект на ул. Васил Ѓорѓов б.б – пред ОУ Киро Глигоров, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Васил Ѓорѓов, Адам Мицкиевиќ, дел од корисниците од улиците Киро Глигоров и Козара, како и објектот на заводот за физикална медицина и рехабилитација, општина Центар.
Македонија
Дел од Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од улицата Тодор Чангов – крак 48. (општина Аеродром)

