Свет
Австрија ја запира помошта за Палестинците

Австрија објави дека ја прекинува помошта за Палестинците во вкупен износ од речиси 19 милиони евра за неколку проекти. Тоа е одговор на нападот на Хамас врз Израел.
Ова утрово го соопшти австрискиот министер за надворешни работи, Александар Шаленберг. Во последните години, имено, владејачките конзервативци зазедоа една од најпроизраелските позиции во Европската Унија. Израелското знаме беше подигнато над канцеларијата на канцеларката и Министерството за надворешни работи по шокантниот напад на Хамас почнат од Појасот Газа во саботата.
„Размерите на теророт се толку страшни што не можеме да се вратиме на вообичаеното работење. Затоа, засега ќе ги замрзнеме сите плаќања од австриската развојна соработка“, изјави Шаленберг за радиото ОРФ. Шаленберг не направи разлика помеѓу Газа, палестинска енклава со која управува Хамас, и многу поголемиот Западен Брег, кој е управуван од Палестинската управа поддржана од Западот и предводена од претседателот Махмуд Абас, чие движење Фатах му се спротивставува на Хамас.
Веста за суспензијата на австриската помош доаѓа додека соседна Германија вчера расправаше дали да ја замрзне помошта за Палестинците по нападот на Хамас, при што министерката за развој, Свења Шулце, од владејачките социјалдемократи, рече дека владата секогаш внимавала парите да се користат само за мирни цели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Висок руски функционер ќе го посети Вашингтон оваа недела

Се очекува руски функционер да го посети Вашингтон оваа недела на разговори со администрацијата на Трамп, објави вчера Си-eн-eн, повикувајќи се на американски функционер и два извори запознаени со плановите.
Функционерот Кирил Дмитриев ќе се сретне со претставникот на администрацијата на Трамп, Стив Виткоф, за да разговараат за зајакнување на односите меѓу двете земји, додека тие се обидуваат да стават крај на војната во Украина, објави Си-ен-ен.
Дмитриев, шеф на рускиот државен фонд, минатиот месец беше назначен за специјален претставник на Русија за меѓународна економска и инвестициска соработка.
Свет
Американската војска распоредува дополнителни воздушни сили на Блискиот Исток

Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет распореди дополнителни воени авиони за зајакнување на американските поморски сили на Блискиот Исток, соопшти Пентагон, во услови на бомбардирање на Јемен и зголемени тензии со Иран.
Во кусото соопштение на Пентагон не се споменуваат конкретни авиони, но анонимни извори велат дека најмалку четири бомбардери Б-2 се преместени во американско-британската воена база на островот Диего Гарсија во Индискиот Океан. Тоа е доволно блиску за да се стигне до Јемен или Иран, велат експертите.
„САД и нивните партнери остануваат посветени на регионалната безбедност во ЦЕНТКОМ (областа на одговорност) и се подготвени да одговорат на секој државен или недржавен чинител кој се обидува да го прошири или ескалира конфликтот во регионот“, се вели во соопштението.
„Секретарот Хегсет и понатаму јасно кажува дека доколку Иран или неговите полномошници го загрозат американскиот персонал и интереси во регионот, Соединетите држави ќе преземат решителна акција за одбрана на нашиот народ“, се додава.
ЦЕНТКОМ се однесува на Централната команда на САД, која се состои од регион кој се протега преку североисточна Африка, Блискиот Исток и централна и јужна Азија.
Европа
Единаесетгодишно девојче исчезна откако вчера влегло во реката Темза во Лондон

Единаесетгодишното девојче кое исчезна откако вчера влегло во реката Темза во источен Лондон е именувано како Калија Коа, потврди полицијата.
Калија беше надвор и играше и влезе во реката во близина на аеродромот во Лондон Сити.
Итната помош била повикана на местото на настанот во 13 часот и 23 минути. по локално време, а во потрагата по девојчето се вклучени лондонската Брза помош, пожарникари, крајбрежна стража и спасувачка служба.
Метрополитенската полиција води операција за пребарување и спасување долж Темза.
Ден Кард, началникот на локалната полиција за североисточен Лондон, рече: „Нашите службеници специјалисти го поддржуваат семејството на девојчето во овој исклучително тежок момент, а нашите мисли се со сите погодени од овој настан. Посветени сме на наоѓање на Калија и, работејќи со партнерите, спроведуваме детална потрага на широк простор, користејќи беспилотни летала и чамци“.
Тој им се заблагодари на граѓаните, полицајците и другите служби за итни случаи за брзата реакција и големата операција за пребарување.
Една жена која се обидела да помогне, рече дека стигнала до брегот со појас за спасување, но не можела да го најде девојчето.
Кери Бенаџауд (62) изјави за новинската агенција PA дека децата трчале и викале дека нивната другарка е во реката.
„Ми се јави еден сосед. Тој рече дека повикал полиција и тогаш видел дека нејзините раце исчезнуваат под водата. Кога пристигнав со појасот за спасување, повеќе не ја видов“, рекла таа.