Култура
Богата концертна активност на пијанистот Дино Имери
Македонскиот пијанист Дино Имери, кој не случајно критиката го нарекува волшебник на пијаното, до крајот на оваа година го очекуваат неколку значајни настани, што ќе придонесат кон збогатување не само на неговата лична биографија и пијанистичка кариера туку и на културното милје во земјата. Имери ќе реализира концерти на домашната и на меѓународната сцена, самостојни, но и во рамките на фестивали и проекти, што ќе остават силен белег на музичкото небо и надвор од земјата поради шареноликата програма, поради несомнениот квалитет на неговото музицирање, но и поради поводите за кои тие се наменети.
Првиот настап на еден од најдобрите македонски пијанисти, Дино Имери, ќе биде на 16 октомври кога заедно со извонредниот тенор Михаило Арсенски ќе концертира на свеченото отворање на фестивалот „Златна лира“, кој е во организација на Сојузот на музичките уметници на Македонија. Оваа вечер ќе ја красат изведби на мошне импресивни дела од разни музички епохи, од композитори, како Клод Дебиси или Рихард Штраус, и секако дела од македонските композитори, оние што ги поставија темелите на македонското композиторско творештво – Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев и Томислав Зографски.
Мошне значаен меѓународен проект ќе има на 25 октомври. По повод јубилејот – 30 години билатерални односи меѓу Македонија и Велика Британија, Имери ќе одржи концерт во Лондон, во Кралскиот колеџ за музика (Royal College of Music), каде што ќе настапи како солист на пијано, но и заедно со хрватскиот повеќенаградуван пијанист Ведран Јањанин, со изведба на дела од македонски автори, како и дела од Густав Холст, Сергеј Рахманинов и Витолд Лутославски. Настанот е поддржан од македонското Министерство за култура, а го организира Амбасадата на РСМ во Лондон.
На 19 ноември Имери заминува во Загреб, Хрватска, каде што ќе одржи солистички рецитал во прекрасното здание на Државниот архив. Она што особено интригира во врска со овој настан е што македонскиот пијанист ќе свири на историскиот инструмент Pleyel од 1924 година, кој бил во сопственост на Светислав Станчич – таткото на хрватската пијанистичка педагогија. Концертот е дел од циклусот Pleyel Svetislava Stančiča, а Имери ќе изведе дела од Де Фаља, Момпу, Равел, Бизе-Хоровиц. Организатор на настанот е уметничката организација Cristoforium, во соработка со Културно-информативниот центар на РСМ во Загреб.
На 4 декември, пак, Имери се враќа во Скопје, каде што во Камерната сала на Филхармонијата на РСМ, заедно со македонската истакната диригентка Дијана Имери-Илкоска, ќе го реализираат долгоочекуваниот проект „Музика и поезија – вечер со музиката на Шопен“.
Станува збор, всушност, за концерт на ИД Камерниот оркестар, предводен од маестро Имери-Илкоска, на кој како солист на пијано настапува Дино Имери. Мошне атрактивна и комплексна програма, заокружена во звучно-поетска обланда преку изведба на Концертот за пијано и оркестар бр. 2 во f-moll и други дела на славниот романтичар Фредерик Шопен. Настанот е поддржан од македонското Министерство за култура, како и од Амбасада на Полска во РСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

