Свет
ОН: Целосна блокада на Газа е забранета

Целосната блокада на Појасот Газа, што вчера ја објави израелскиот министер за одбрана, е забранета со меѓународното хуманитарно право, потсети денеска високиот комесар на ОН за човекови права, а Меѓународната здравствена организација (СЗО) побара хуманитарен коридор.
„Воведувањето опсада што ги загрозува животите на цивилите со лишување од основни добра за опстанок е забрането со меѓународното хуманитарно право. Секое ограничување на движењето на луѓе и стоки за целите на опсадата мора да се оправда со воени потреби, во спротивно таквата опсада претставува колективна казна“, рече комесарот Волкер Туерк.
Тој е „длабоко шокиран и огорчен од наводите за масовни егзекуции на цивили, а во некои случаи и од тврдењата за ужасни масакри извршени од членови на палестински вооружени групи“. Тој ги повика тие групи „веднаш и безусловно да ги ослободат сите заробени цивили“.
„Земањето заложници е забрането со меѓународното право“, нагласи тој.
Според информациите со кои располагаат службите на ОН, има цивилни жртви во израелското бомбардирање на Газа. Израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант, вчера најави тотална блокада на Појасот Газа на третиот ден од офанзивата што ја почна палестинското исламистичко движење Хамас против Израел.
Галант рече дека нема да има струја, вода или гас во Појасот Газа. Меѓународната здравствена организација (СЗО) побара отворање хуманитарен коридор кон Појасот Газа.
„Хуманитарниот коридор е неопходен за испраќање на клучните медицински материјали потребни за населението“, рече портпаролот на СЗО на брифингот во Женева.
Речиси 2,3 милиона луѓе живеат во лоши услови во Појасот Газа, површина од само 363 квадратни километри, што го прави еден од најгусто населените во светот и под израелска блокада од 2007 година кога Хамас ја презеде власта во енклавата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Факели и емоции: „Цесарица“ одекнуваше на фериботот кон Корчула

Три и пол часа по тргнувањето од Сплит, атмосферата на фериботот кон Корчула не стивнуваше. Следеа хитовите на Оливер, а кога бендот ја отпеа „Цесарица“, беа запалени и факели, објави Индекс.хр.
Погледнете ја атмосферата и запалените факели за време на настапот со „Цесарица“:
Регион
Грција бара помош за справување со големите пожари

За активните пожари на неколку различни локации низ целата земја, Грција побара помош од Европскиот механизам за цивилна заштита, со цел да се испратат шест авиони.
Од попладнево, грчките пожарникари водат битка во источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, во северна Грција, на островите Евија и Китира, како и во јужниот дел на Пелопонез, од бројот 112 за итни случаи беа испратени низа пораки за превентивна евакуација до жителите на зафатените области.
Портпаролот на противпожарната служба информираше дека во сите пожари интервенираат голем број пожарникари заедно со копнени и воздушни средства, но и дека во деловите каде што се пожарите е пријавена штета, чија процена ќе се направи кога ќе заврши гаснењето.
– Сите пожари што избувнуваат овие денови, а особено денеска, брзо се шират, стануваат опасни, а се очекува овие услови да преовладуваат и во наредните денови. Поради оваа причина, нашата земја побара помош од Европскиот механизам за цивилна заштита, со цел да ни обезбеди шест авиони, рече Василис Ватракојанис.
Свет
Поради гладување 90.000 жени и деца итно имаат потреба од медицинска интервенција во Газа

Секој трет жител на Појасот Газа со денови не добива храна, предупреди Светската програма за храна (WFP) на Обединетите нации. Во последното соопштение се наведува дека 90.000 жени и деца итно имаат потреба од медицинска интервенција поради тешка неухранетост.
Според Министерството за здравство во Газа, само вчера починале уште девет лица од глад, со што бројот на жртви од неухранетост од почетокот на конфликтот достигна 122.
Израел, кој го контролира влезот на сите залихи во Газа, повторува дека не постои блокада и ја обвинува Хамас за лошата распределба на ресурсите.
Меѓународната заедница, вклучувајќи ги Германија, Франција и Велика Британија, побара итно олеснување на влезот на помошта, а генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш остро ја осуди „рамнодушноста и недостигот на човечност“ во глобалниот одговор на кризата.