Свет
Израел формираше влада на национално единство и воен кабинет: собрана војската на границата
Израел формираше влада на национално единство додека ја напаѓа Газа за да го искорени Хамас и распоредува сили северно од густо населената палестинска енклава, пренесуваат медиумите во светот.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху се согласи да формира влада за време на војната со поранешниот министер за одбрана и лидер на центристичката опозициска партија Бени Ганц и целосно да се фокусира на конфликтот, се вели во заедничката изјава со партијата на Ганц.
Бројот на загинати во Израел се искачи на 1.200, а повеќе од 2.700 се ранети, соопшти израелската армија, во повеќечасовните напади на милитантите откако тие ја пробија граничната ограда што ја опкружува Газа во саботата. Бригадите Ал Касам, военото крило на Хамас, соопштија дека сè уште се борат внатре во Израел.
Израел распореди тенкови и оклопни возила северно од Газа, каде што се водат судири, но не ги коментираше тврдењата на Хамас. Во одмаздничките напади врз блокираната енклава, според палестинските власти, загинале 1.055 луѓе, а 5.184 биле ранети. Обединетите нации соопштија дека меѓу загинатите има девет вработени во нивната агенција за бегалци.
Израел најави брза казна за најсмртоносниот напад на палестинските милитанти во неговата 75-годишна историја, кој остави тела расфрлани на музички фестивал.
Војската соопшти дека десетици нејзини воени авиони погодиле повеќе од 200 цели во текот на ноќта во населбата Газа Сити, кои, како што рече, ги користи Хамас за да ги изврши своите напади.
Вашингтон соопшти дека разговара со Израел и Египет за безбедно минување на цивилите од Газа, која е исклучена од снабдувањето со електрична енергија, вода и храна. Обединетите нации соопштија дека повеќе од 180.000 жители на Газа останале без покрив над главата, а многумина се сместени на улиците или во училиштата.
Палестинското Министерство за надворешни работи соопшти дека во израелските напади се уништени повеќе од 22.600 станбени единици и 10 здравствени установи, а 48 училишта се оштетени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

