Култура
Костадиновска-Стојчевска: Нашата држава 30 години е дел од семејството ИКРОМ, кое посветено работи на изучување, чување и реставрација на културните добра

Северна Македонија со гордост ја одбележува тридецениската соработка со Меѓународниот центар за изучување на заштитата и реставрацијата на културните добра, познат како ИКРОМ.
Основан во 1956 година, ИКРОМ е глобален лидер посветен на изучувањето, зачувувањето и реставрацијата на културните добра. При неговата мисија да го заштити културното наследство за сегашните и за идните генерации, ИКРОМ ги обучува и ги зајакнува професионалците, институциите и земјите членки со знаење и експертиза потребни за заштита и зачувување на светското наследство.
Нашата држава 30 години е дел од семејството, кое посветено работи на изучување, чување и реставрација на културните добра.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, честитајќи го јубилејот, истакна дека во 1993 година нашите институции и здруженија се приклучија на инспиративното патување создавајќи партнерство што го збогати нашето разбирање за заштитата и ги зајакна нашите врски со меѓународната заедница.
„Во овие 30 години голем број од нашите стручни лица се стекнаа со знаења и вештини неопходни за заштита и зачувување на нашите културни богатства. Заедничките проекти со УНЕСКО и со неговите советодавни тела сведочат за нашата посветеност во справувањето со современите предизвици во заштитата“, нагласи Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека ИКРОМ ја продолжува својата мисија за заштита на културното наследство во целиот свет, а ние ја потврдуваме нашата непоколеблива посветеност во остварување на целите на Меѓународниот центар.
„Заедно продолжуваме да го штитиме и да го промовираме нашето исклучително културно наследство поттикнувајќи подлабоко разбирање и ценење на нашата богата историја“, потенцира министерката за култура, која изрази срдечна благодарност до ИКРОМ за трајната поддршка и верба дека во следниот период ќе има уште поголеми достигнувања во зачувувањето на културното наследство што нè обединува сите нас.
„Им го честитаме денот на сите што работат на првите линии на зачувување на наследството: научници, конзерватори, куратори на музеи, менаџери на локации, архивари, истражувачи и археолози, кои се потпираат на ИКРОМ во заштитата на културното наследство“, истакна Костадиновска-Стојчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Бијело дугме“ го одложи концертот во Скопје за 31 мај

„Бијело дугме“ го одложи концертот во Скопје.
За 12. април беше закажан концертот на „Бијело дугме“ со кој низ светот слават 50. години од постоењето. Но, поради трагедијата во Кочани организаторите и менаџментот на бендот сметаат дека е прерано за концерти па повторната дружба ја презакажаа за 31.мај.
Во овие чувствителни моменти, сметаме дека е прерано за концерт, информираат од Прагма продукција.
„Токму затоа, заедно со Бијело дугме одлучивме концертот кој требаше да се одржи на 12 април во Скопје, во „Борис Трајковски“, да го презакажеме за 31 мај 2025 година. Сите купени билети остануваат важечки за новиот датум. Ве информираме дека интересот за концертот е огромен и истиот е пред распродавање! Ви благодариме на разбирањето“, велат од продукцијата.
Култура
Објавен конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во културата

Објавен е новиот Конкурс за финансирање проекти за развој на креативните индустрии. Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, соопшти дека со конкурсот ќе се обезбеди финансиска поддршка за проекти кои ќе го стимулираат развојот на креативните индустрии, создавајќи нови можности за претприемачите, младите уметници и креативни тимови.
Според него, тоа ќе поттикне нови вработувања, зголемување на конкурентноста на нашите креативни индустрии на глобалниот пазар и развивање на културниот туризам.
Љутков потсети дека во периодот од 2013 до 2017 година, Министерството за култура објави пет годишни конкурси за финансирање проекти од областа на креативните индустрии, при што финансиски беа поддржани околу 270 проекти.
„За жал, од 2018 година, претходната Влада и Министерството за култура целосно ги маргинализираа активностите за промоција и поддршка на креативните индустрии, кои како еден од најдинамичните и брзорастечки сектори во глобалната економија имаат голем потенцијал да влијаат врз економскиот раст, социјалната инклузивност и развојот на културната разноликост“, рече Љутков.
Тој ги повика креативците и организациите да се пријават и да ја искористат можноста за реализација на своите идеи и проекти.
„Нашето општество има огромен потенцијал и заедно можеме да придонесеме за подобрување на културниот, економскиот и туристичкиот напредок што ни е потребен. Министерството за култура и туризам ќе продолжи да работи на поддршка на проекти што ја афирмираат културата и создаваат нови вредности во општеството“, рече Љутков.
Конкурсот за финансирање проекти за развој на креативните индустрии е објавен на веб-страницата на Министерството.
Култура
„Јон Вардар против галаксијата“ во кината во Унгарија

Првиот македонски долгометражен анимиран филм, „Јон Вардар против Галаксијата“ од вчера, четврток 27 март, се прикажува во кино салите во Унгарија.
Филмот викендов имаше специјална проекција пред новинарите и претставниците од филмската индустрија во Будимпешта, во присуство на режисерот Гоце Цветановски и екипата од Унгарија која работеше на проектот.
„Унгарија последна влезе во копродукција, но прва ја заврши својата работа, и тоа го направи одлично. Благодарен сум на целиот унгарски тим чиј придонес беше од суштинско значење за овој проект од историско значење, како прв македонски долгометражен анимиран филм“, рече режисерот Цветановски.
Модераторот на настанот го спореди филмот со „Војна на ѕвездите“ и „Ѕвездени патеки“, додека целиот простор во кино-комплексот Синема Сити беше брендиран во знакот на „Јон Вардар“.
Унгарски копродуцент на филмот е Ева Конрад од Уматик Ентертејнмент, а филмот доби поддршка од Унгарскиот Филмски Институт, и Унгарската Филмска Лабораторија. За потребите на проекцијата, „Јон Вардар“ беше синхронизиран на унгарски јазик, а главните улоги ги толкуваа еминентните актери Тамаш Маркович, Миклош Капачи и Герда Пикали.
Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Унгарија, Бугарија и Хрватска, а е поддржан од Агенцијата за Филм.