Македонија
Мизрахи: Директорите на Онкологија со тоа што молчат за неправилностите во ревизорскиот извештај за работа на Клиниката, ги потврдуваат истите
По наодите на ревизорскиот извештај за Клиниката за онкологија директорите не дале забелешки, што значи дека стојат зад истите и ги потврдуваат, а во самиот извештај има низа на неправилности во работата на Онкологија, рече пратеничката Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ на денешната дебата на собраниската седница на Комисијата за финансирање и буџет на која се разгледуваше ревизорскиот извештај за Клиниката за онкологија.
Осврнувајќи се на ревизорскиот извештај за Клиниката за онкологија, Мизрахи упати низа на прашања до државниот ревизор Максим Ацевски.
„Колку вработени се распоредени на работни места според правилникот за систематизација, колку од истите не се во согласност со систематизацијата, дали има вработени на Клиниката со несоодветно образование, дали вработените земаат помали или поголеми плати кои се согласно колективниот договор или не се. Исто така дали е разгледана систематизацијата на Клиниката“, праша Мизрахи.
Мизрахи постави прашања и во врска со набавката на лекови за малигните болни кои се лекуваат на Клиниката за онкологија.
„Набавката на лекови би требало да го прави стручен колегиум, во планот кај стручниот колегиум треба да има заклучоци кои одат до Фондот за здравствено осигурување, што содржеше планот на Клиниката до ФЗО и кој го доставил, потпишал планот доставен до ФЗО, бидејќи согласно наодите на Државна ревизија на Клиниката немало стручен колегиум, прашање е дали и воопшто постоел“, го праша Мизрахи ревизорот Ацевски.
Мизрахи укажа дека и констатацијата на ревизијата дека се земани, набавувани лекови на реверс без јавна набавка само по себе е кривично дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силен земојтрес почувствуван во Македонија
Силен земјотрес беше почувствуван вечерва во 22:05 часот во Македонија.
Според информациите на ЕМСЦ, потресот бил регистриран во Косово, на 15 километри од Тетово, со магнутуда од 4,6 степени.
Земјотресот бил на длабочина од 5 километри.
Засега нема информации за штети.
Македонија
Тополова-Исајловска: Криминалот врз културното наследство остава трајни последици
Јавното обвинителство е една од клучните институции-потписнички на двата меморандуми за разбирање, чија цел е зајакнување на институционалните капацитети за справување со кривични дела против културното наследство и животната средина.
Настанот го означи успешното завршување на твининг проектот помеѓу Италија и Република Северна Македонија,финансиран од Европската Унија со средства од Инструментот за претпристапна помош – ИПА.
“Кривичните дела во овие области се карактеризираат со високо ниво на сложеност. Тие често вклучуваат организирани структури, прекугранични активности, финансиски интереси и значителна материјална штета. Последиците од ваквите дела, за разлика од други форми на криминал, во голем дел се трајни – уништеното културно добро или деградираната животна средина речиси никогаш не можат целосно да се обноват. Затоа, покрај националните механизми, од суштинско значење се и инструментите на меѓународна правна помош, размената на информации и оперативната соработка, како со институциите од регионот, така и со институциите од Европската Унија”, истакна при потпишувањето на меморандумите В.Д. Јавниот обвинител, Анита Тополова Исајловска.
Целта на проектот, во чија реализација беа вклучени италијанските Карабинери со специјална експертиза, беше зајакнување на националните капацитети за спречување, истражување и борба против кривични дела поврзани со културното наследство и животната средина во согласност со стандардите и најдобрите практики на ЕУ.
Меѓуинституционалната соработка беше зајакната преку структурирани механизми за координација, што резултираше со потпишување на двата Меморандуми за разбирање со кои се воспоставуваат национални мултиинституционални платформи за заедничко дејствување против криминалот со културното наследство и животната средина.
Македонија
СДСМ: Корупцијата цвета, Македонија на ниво на Буркина Фасо и Танзанија според Транспаренси
СДСМ обвини дека корупцијата во Македонија „цвета“, повикувајќи се на Извештајот на Транспаренси за 2025 година, според кој, како што наведуваат, земјата е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија.
Од партијата тврдат дека граѓаните „секој ден гледаат дека во Македонија цвета корупцијата поради криминалот на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ“.
Во соопштението се наведува дека „161 тендер се доделени на една фирма, 51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините, 9 милиони евра за фирма само со двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта“.
СДСМ ги споменува и петте тони дрога преку граница, оценувајќи дека се случил „најголемиот нарко-скандал во регионот со дрога од Македонија која била шверцувана во Србија“.
Според партијата, „наместо реформи во правосудството, власта презема целосна контрола врз судството и обвинителството и носи закони кои не се согласно препораките на ЕУ“.
„Нема борба против криминалот и корупцијата туку има обиди за заштита на криминалците од врвот на власта“, наведуваат од СДСМ.
Во соопштението се додава дека „сè тоа ја става Македонија во групата на земји како Буркина Фасо и Танзанија, според Извештајот на Транспаренси за 2025 година“.

„Македонија го има својот Мадуро кој ја води земјата кон намерна изолација од ЕУ за може слободно да се спроведува грабежот зад грбот на граѓаните“, додава СДСМ.

