Култура
Еднодневна изложба со инсталации на уметниците Ивана Мирчевска и Дарко Алексовски во „Буква“
Денеска, во 17 часот, во кафе-книжарницата „Буква“, во центарот на Скопје, ќе биде отворена еднодневна изложба со уметнички инсталации на македонските уметници Ивана Мирчевска и Дарко Алексовски. Изложбата е дел од проектот „Сегашно минато“/Present Past, која се реализира под менторство на познатиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ.
Настанот е дел од регионален проект на Гете-институтите од Југоисточна Европа. Се состои од три модули и конечно обединување, а проектот „Сегашно минато“ како еден од модулите е координиран од Гете-институтот во Хрватска, во соработка со Гете-институтите од Белград, Сараево и од Скопје.
Уметничката инсталација Daydream Concrete Utopia на Алексовски е интервенција во јавен простор, измислен наратив со низа измислени знамиња како јавни знаци за непозната утопија. Уметникот ја истражува врската помеѓу јавните простори и симболи, а знамињата како означувачи на замислено место се субверзивен обид да се преиспита како се паметат местата и дали се забораваат, како се замислуваат или остануваат нешто непознато, нешто кон кое можеме само да се стремиме.
Интерактивната јавна скулптура Gossips on the futurе на Мирчевска се состои од цилиндричен објект (зоотроп) во кој се поставени фотографии. Брзото вртење на фотографиите создава илузија на континуирано движење на пејзажот. Авторката прави обид да креира собирен простор за локалната заедница и со тоа стимулира нови форми на социјална кореографија.

„Проектот ‘Сегашно минато’ се занимава со културните и политички односи во дел од поранешните југословенски држави: Босна и Херцеговина, Хрватска, Северна Македонија и Србија. Замислен е како низа уметнички реакции на тема сегашност/минато, кои се инспирираат и надополнуваат создавајќи верижна реакција.
Во секоја земја работилниците се организираат под менторство на докажани автори. Па, така, уметничките инсталации на Мирчевска и Алексовски, кои денеска ќе може да се видат во „Буква“, се под менторство на Јовановиќ, во Босна и Херцеговина се реализира работилница за фотографија со фотографот Зијах Гафиќ, во Хрватска работилница за раскази со писателот Зоран Жмириќ и во Србија работилница за стрип со Саша Ракезиќ-Зограф“, велат од Гете-институтот во Скопје.
Во фокус на проектот е транзицијата низ просторот на поранешна Југославија и нејзиниот одраз во културата, како и со широкиот и често стереотипизиран концепт на Балканот. Земјите од Југославија имаат долга заедничка историја, а процесите на транзиција поинаку се манифестираат од деведесеттите години до денес. Со растојание од триесет години, сè уште чувствувајќи ги последиците од тие големи промени, се отвора дијалог да се истражи блиската врска помеѓу минатото и сегашноста.
„Сегашно минато“ го истражува нашето разбирање за минатото и поврзаноста меѓу земјите од поранешна Југославија преку уметнички работилници и меѓусебна соработката. Целта на работилниците е да се размислува за транзицијата, која се случи во секоја од земјите, во секој аспект од неа: социјален, економски, интелектуален и емоционален. Идејата е финалните дела создадени на работилниците да ги инспирираат учесниците за идни заеднички проекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Емпатија во светлина“ – фотографска изложба на Милорад Милиќевиќ во Галерија „Рудиќ“
На 22 ноември (сабота) во 19 часот, во Галерија Рудиќ ќе биде отворена изложбата „Емпатија во светлина“ на фотографот Милиќевиќ. Портретите на Милиќевиќ не се студиски аранжирани кадри, туку сведоштва за луѓе вкоренети во својот простор, време и културна традиција на која ѝ припаѓаат.
Милиќевиќ не документира само лица – тој бележи приказни, традиција, верување, моменти на искреност кои не можат да се инсценираат. Неговите субјекти се спонтани, опуштени, прикажани во животни услови што ги дефинираат.
Портрет може да направи секој. Но добар портрет — оној што останува, што нè погодува таму каде што не сме очекувале — може да направи само оној што има вистинска емпатија кон другиот човек. Тоа не е прашање на занает, туку на карактер. Тоа или го носите во себе, или не. Милиќевиќ го носи. И го споделува со нас.
Изложбата „Емпатија во светлина“ ја опишува суштината на фотографскиот пристап на Милиќевиќ — тивка, но длабока присутност, каде светлината не е само визуелен елемент, туку медиум преку кој се открива човечноста, традицијата и искреноста на неговите субјекти.
Култура
Концертот „Од барок до современи македонски композитори“ во Даутпашиниот амам
Во петок, 21 ноември 2025 година, со почеток во 19:30 часот, во Даут-пашин амам ќе се одржи концертот „Од барок до современи македонски композитори“, кој низ внимателно конципирана програма го следи развојот на музичката форма и израз – од барокната прецизност до современиот македонски звук.
Концертот ќе ги обедини делата на Купрен, Хендл, Марчело/Бах и Силоти, a во центарот на програмата се дуетите на Бах од мисите и кантатите (BWV 232, 236, 124, 91) – пример за суптилен контрапункт и дијалог меѓу два вокални гласа.
Вечерта продолжува со избор од современата македонска продукција: композиции на Димитрије Бужаровски, Горан Начевски и Томислав Зографски, чија „Суита за пијано“, оп. 27 го заокружува програмскиот лак од барокната структура до модерниот национален израз.
Изведувачи се Мимоза Ќека (пијано), Марија Ташевска (сопран) и Мариана Бошковска (алт).
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија. Влезот е слободен.
Култура
„Куќата на границата“, во режија на Андреј Цветановски, вечерва на МОТ
„Куќата на границата“ на Регионалниот театар од Нови Пазар е на репертоарот на вториот ден (20.11.2025) на МОТ, дело на Славомир Мрожек, во режија на нашиот Андреј Цветановски.
„Куќа на граница е приказна која зборува за една фамилија која сака само да живее мирно, и одеднаш во нејзиниот дом се појавуваат дипломати кои сакаат да нацртаат граница која поминува насред куќата. Звучи познато нели? Оваа фамилијарна драма зборува за одземање сé што имаат, сонуваат, зборуваат и замислуваат, се додека не останат без ништо. Низ оваа горка комедија ќе видите многу паралели со начинот на кој денешниот свет функционира“ – вели Цветановски.
Претставата е одлична илустрација за тоа до кој степен сме способни да се понижиме себеси, слепо почитувајќи ги бесмислените бирократски норми на „новиот“ свет, кој од нас треба да направи покондурени господа.
Како креативен македонски тим на претставата покрај режисерот се и Димитар Андоновски автор на музиката и Сергеј Светозарев на сценографијата.
Претставата ќе биде изведена на сцената 25 Мај, МКЦ во 20 часот.
А пред неа во 19 часот во холот на МКЦ ќе биде поставена уметничката инсталација „Сценариум и имагинариум“ на архитектот и сценографот Костантин Трпеноски, која на границата помеѓу реалното и имигинарното нуди визуелно и сензорно доживување на просторот во холот на МКЦ. Настанот е воедно и ретроспективен поглед на неговите театарски сценографии „Чудна случка со кучето во ноќта“ (2023) и „Макбет“ (2019), двете наградени за најдобра сценографија на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и приказ на други негови актуелни сценски дизајни.

