Свет
Австралијците на референдум го отфрлија вклучувањето на Абориџините во уставот
Австралијците денеска на референдум децидно го отфрлија предлогот за признавање на абориџинското население во Уставот, што е нов чекор наназад во помирувањето на земјата со домородното население.
По пребројани 45 проценти од гласовите низ целата земја, „не“ води со 57,35 проценти наспроти 42,65 „за“.
Австралиската телевизија Еј-би-си и другите мрежи предвидоа дека најмалку четири сојузни држави – Нов Јужен Велс, Тасманија, Квинсленд и Јужна Австралија – ќе гласаат против измените на 122-годишниот устав.
За референдумот да успее, најмалку четири од шесте сојузни држави мора да го поддржат предлогот, заедно со мнозинството на национално ниво.
Поради австралиските временски зони, гласањето во Западна Австралија продолжува иако е познат резултатот од референдумот.
Австралијците заокружуваа „да“ или „не“ на гласачкото ливче на кое прашањето беше: Дали се согласуваат со предлогот за признавање на народите на Абориџините и островјаните од Теснецот Торес преку создавање на домородни советодавно тело во парламентот наречено „Гласот на Парламентот“.
„Се чувствувам поразено“, изјави водачот на Абориџините Томас Мајо за Еј-би-си њуз. „Ни треба гласот. Ни треба таа структурна промена“.
Абориџинското население на Австралија денес сочинува 3,8 отсто од вкупното население од 26 милиони.
Тие живеат на австралискиот континент речиси 60 илјади години, но не се споменати во уставот и гледајќи ги социјалните и економските фактори, тие се најранливата група во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан: Европа е на историска крстосница
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека војната меѓу Русија и Украина ја довела Европа до историска крстосница и додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп не се откажал од намерата да донесе мир во Украина, пренесе агенцијата Анадолија.
Орбан порача дека Европа има две опции: да се обедини зад мировната иницијатива на Трамп или да продолжи по пат кој, според него, води право во војна. Тој оцени дека европските лидери кои заговараат војна трошеле пари на Европјаните на војна што не може да се добие.
Орбан предупреди дека испраќањето пари и оружје на Украина без поддршка од САД би отворило пат за европско-руски судир. Додаде дека Унгарија го избира патот на мирот и дека во тој дух испратил писмо до претседателката на Европската комисија.
Свет
Иран размислува за нов главен град поради колапс на водата и пренатрупаноста
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека преселувањето на главниот град од Техеран е неизбежно поради пренатрупаноста и недостигот од водни ресурси. На состанок во Казвин тој предупреди дека Техеран повеќе не може да издржи нова градба или пораст на населението, а преносот на вода од Персискиот залив би бил премногу скап.
Владата го идентификувала регионот Макран, во југоисточен Иран, како можната нова локација за главен град, но без прецизен рок.
Водната криза се влошува: нивото на водата е намалено за 43 проценти во однос на лани, а браната Амир Кабир има само 8 отсто од својот капацитет. Во Техеран веќе започнало намалување на притисокот на водата, а властите предупредуваат дека славините може целосно да пресушат.
Владата ги обвинува климатските промени и санкциите, но иранските водни експерти истакнуваат дека проблемот е резултат на децении погрешни политики, прекумерна изградба на брани без еколошки проценки, исцрпување на водоносниците и пропаѓање на инфраструктурата, кое довело до губење на 25 проценти од градската вода.
Свет
Киев и САД на консултации за можен мировен договор, Европјаните не се споменуваат во изменетата објава
Киев ќе одржи консултации со САД во Швајцарија за можните параметри на идниот мировен договор за завршување на руската агресија врз Украина, соопшти украински висок безбедносен функционер.
Секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана, Рустем Умеров, на „Телеграм“ напиша дека започнуваат консултации меѓу високите претставници на Украина и САД, истакнувајќи ја „подготвеноста на американската страна за суштински разговори“.
Умеров ја измени објавата и го избриша делот во кој претходно стоеше дека разговорите ќе се одржат „со учество на европски партнери“.
Според соопштението од кабинетот на претседателот, Володимир Зеленски го одобрил составот на украинската делегација што ќе ги води разговорите, како и упатствата за преговорите. Во изјавата се наведува дека „Украина никогаш нема да биде пречка за мир“ и дека претставниците на државата ќе ги бранат „легитимните интереси на украинскиот народ и темелите на европската безбедност“.

