Свет
(Видео) Драма во Париз: Музејот Лувр итно евакуиран, паника по исламистички напад
Музејот Лувр во Париз беше затворен „од безбедносни причини“ денеска, додека Франција е во состојба на готовност по нападот во североисточниот град Арас.
– Лувр доби писмена порака во која се наведува дека постои ризик за музејот и неговите посетители. Решивме да се евакуираме додека ги извршуваме неопходните проверки – изјавила портпаролката на Лувр за агенцијата Франс прес.
Неименуван полициски извор за локалните медиуми изјавил дека до музејот била испратена закана за бомба, по што била донесена одлука објектот да се затвори во ден кога врие од туристи.
Музејот претходно официјално објави дека е затворен.
– Музејот Лувр од безбедносни причини денеска, сабота, 14 октомври ги затвора вратите. На лицата кои резервирале посета истиот ден ќе им бидат вратени парите – беше наведено.
На социјалните мрежи се појавија снимки од евакуацијата на стотици посетители од познатиот музеј.
BREAKING:
Visitors are being evacuated from the Louvre Museum in Paris after a bomb threat pic.twitter.com/LUoPBkTvkE
— Visegrád 24 (@visegrad24) October 14, 2023
Највисоко ниво на безбедносна тревога беше прогласено во петокот во Франција.
Да потсетиме дека францускиот претседател Емануел Макрон нареди мобилизација на 7.000 војници за да се засилат безбедносните патроли во земјата, еден ден откако 20-годишен исламски екстремист со нож избоде до смрт локален учител во средно училиште во градот Арас.
– Франција ја подигна безбедносната тревога на највисоко ниво, по смртта на наставникот кој беше избоден со нож во средно училиште – изјави за „ТФ1“ францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин.
Кабинетот на Макрон соопшти дека воената мобилизација ќе се спроведува до понеделник навечер и ќе продолжи до понатамошно известување со редовни патроли во главните градски центри и популарните туристички локации.
Кабинетот на францускиот претседател потврди дека француските безбедносни сили спречиле нов „обид за напад“ во друг регион, без да прецизираат за кој регион станува збор.
– Училиштето во Арас беше цел на варварскиот исламистички тероризам – изјави Макрон по посетата на училиштето, велејќи дека жртвата „веројатно спасила многу животи“ со неговата храброст во обидот да го блокира напаѓачот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лавров: Трамп е единствениот западен лидер кој ја разбира Русија
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денес изјави дека Доналд Трамп е „единствениот западен лидер“ кој ја разбира позицијата на Русија во врска со Украина.
Според државната агенција ТАСС, тој го пофали Доналд Трамп како „единствениот западен лидер“ кој покажува разбирање за позицијата на Москва во врска со Украина, пренесува „Скај њуз“.
Лавров се осврна и на Обединетото Кралство и на Европската Унија, велејќи дека двете страни се во „безнадежно политичко слепило“ и се залажуваат со илузијата дека можат да ја надминат Русија.
ТАСС, исто така, објави дека Лавров рекол дека Москва нема намера да војува со Европа.
Наместо тоа, Русија останува подготвена да одговори доколку во Украина бидат распоредени војници.
Фото: депозитфотос
Свет
(Видео) Објавена снимка од апсењето на Луиџи Манџионе во „Мекдоналдс“
На суд беше прикажана снимка од полициска камера која ги покажа моментите непосредно пред апсењето на Луиџи Манџионе, која наместо да биде клучен доказ, би можела сериозно да му наштети на случајот на обвинителството. Снимката од „Мекдоналдс“ во Пенсилванија стана фокус на правна битка што би можела да го одреди исходот од целото судење, објавува „Телеграф“.
Иако се очекуваше видеото да го поддржи случајот на обвинителството, одбраната сега го користи за да ја доведе во прашање легалноста на дејствијата на полицијата. Деталите снимени на видеото, велат адвокатите на Манџионе, ја зголемуваат можноста дека клучните докази против нивниот клиент се добиени нелегално.
Судот сега мора да одлучи за правната тежина и прифатливоста на самата снимка. Одлуката ќе биде клучна не само за судбината на Луиџи Манџионе, туку и за понатамошниот тек на едно од најгледаните судења во Соединетите Американски Држави.
Неговите адвокати тврдат дека полицијата не му ги прочитала правилно неговите уставни права пред да го уапси и дека ги претресла неговите работи без налог.
Манџионе е обвинет за убиството на Брајан Томпсон, извршен директор на „Јунајтед Хелткеар“, во Њујорк. Тој се изјасни за невин по федералните и државните обвиненија за убиство.
фото: Depositphotos
Свет
Песков повика на претпазливост поради можно прислушување од страна на странски служби
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека руските претставници мора да бидат исклучително внимателни поради заканата од прислушување од страна на странски разузнавачки агенции.
„Разузнавачките агенции си ја работат својата работа. Особено непријателските. Ова бара руските претставници да бидат исклучително внимателни“, рече Песков, реагирајќи на неодамнешната изјава на раководителот на главниот разузнавачки оддел на Министерството за одбрана на Украина, Кирил Буданов, дека официјален Киев можеби ги прислушкува претставниците на Кремљ, пренесува Интерфакс.
На крајот на ноември, порталот „Блумберг“ објави транскрипти од телефонски разговори наводно водени меѓу специјалниот претседателски претставник на САД, Стив Виткоф, и помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, и специјалниот претседателски претставник, Кирил Дмитриев.
Иако Ушаков не ги коментираше разговорите, тој призна дека доста често комуницира со Виткоф, вклучително и преку социјалната мрежа WhatsApp. Ушаков посочи дека информациите протекуваат од некаде или прислушувањето го вршат „оние кои се заинтересирани да го нарушат дијалогот меѓу Русија и САД“.
Фото: депозитфотос

