Македонија
Премиерот Ковачевски на Самитот на лидери на Берлински процес во Тирана

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски утре ќе учествува на Самитот на лидери на Берлинскиот процес во Тирана, Албанија. Во состав на владината делегацијата ќе биде и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.
На Самитот е најавено е присуство на канцеларот на Германија, Олаф Шолц, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел како и голем број лидери од земји учеснички на Самитот – Австрија, Хрватска, Грција, Унгарија, Холандија, Словенија, но и високи претставници на CEFTA, OECD, RCC, Светска Банка, ЕБОР, Европска инвестициска Банка.
Во рамки на Самитот ќе се одржат работни сесии на кои на највисоко ниво ќе се дискутира на теми поврзани со интегрирањето на регионот во единствениот пазар и подобрување на конвергенцијата со ЕУ, како и поддршката на зелената и дигиталната транзиција во земјите од Западен Балкан. На Самитот воедно, се очекува да се разговара за постигнувањата во рамките на Берлинскиот процес и влијанието на иницијативата врз регионалната соработка, нејзината важност во заокружувањето на европската интеграција, како и билатералните односи.
На Самитот планирано е усвојување на повеќе документи и заклучоци, како и потпишување на Договор за признавање на професионалните квалификации на медицинските сестри, ветеринарните хирурзи, акушерките и фармацевтите од страна на лидерите на земјите од Западен Балкан, како продолжување на Договорот потпишан на минатогодишниот Самит на Берлински процес со кој се признаваат професионалните квалификации на докторите по медицина, докторите по дентална медицина и архитектите.
За време на Самитот, предвидено е премиерот Ковачевски да оствари средби со канцеларот Шолц, со еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархели, како и со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо и со потпретседателката на Светска Банка за Европа и Азија, Антонела Басани.
Берлинскиот процес се развива со поддршка на Европската комисија, меѓународните финансиски институции и земјите-членки вклучени во процесот – Германија, Франција, Австрија, Бугарија, Хрватска, Италија, Словенија, Грција, Полска и Обединетото Кралство, заедно со шесте земји од Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.