Култура
„Кафез кај кокони“ на Драмски со три награди на МТФ Денови на комедијата во Куманово
Претставата „Кафез кај кокони“ на Драмскиот театар Скопје доби три награди на 26. по ред МТФ Денови на комедијата во Куманово 2023.
Жирито во состав Магдалена Ризова-Черних, претседателка, и членовите Драгана Гунин, Кети Пауновска Стевковска, Петар Андоновски и Стефан Јакимовски ги донесе следниве одлуки за награди на Фестивалот:
Најдобар актер Александар Степанулески „Кафез кај кокони“ Драмски театар – Скопје;
Најдобра споредна улога Бранко Атанасов „Кафез кај кокони“ Драмски театар – Скопје;
Најдобра костимографија Раде Василев и Елена Вангеловска „Кафез кај кокони“ Драмски театар – Скопје.
На свеченото доделување актерите и добитниците на наградите од ансамблот на Драмски искажаа благодарност до жирито и посетителите на фестивалот и упатија покана до публиката да ја гледа претставата веќе на 28 октомври и во другите термини на редовниот репертоар на Драмскиот театар Скопје.
„Кафез кај кокони“ на режисерот Димче Николовски ја имаше својата премиера во мај годинава и освен на матичната сцена, претставата се играше и во рамките на фестивалот „5ре“ во Велес и Скопското културно лето.

Улогите во претставата ги играат актерите: Жорж – Филип Трајковиќ, Албен – Александар Степанулески, Жакоб – Стефан Вујисиќ, Табаро – Предраг Павловски, Мерцедес – Димитрија Доксевски, Зорба – Маја Вељковиќ Пановска, Лоран – Дамјан Цветановски, Камиј – Соња Стамболџиоска, Едуар – Златко Митрески, Мјуриел – Нела Павловска, Симон – Емилија Мицевска и Саломе – Бранко Атанасов.
Во програмата за претставата, Александра Бошковска, која заедно со Благоја БошковскиБ-уцо ја направи адаптацијата, вели: „Француската фарса ‘Кафез кај кокони’ (La cage aux folles) ја има својата праизведба во февруари 1973 година во Париз. Мајсторски конструирана од познатиот актер и комичар Жан Пуаре како комедија на ситуации, забуни и карактери ја освојува публиката на прв поглед и доживува над 2000 репризи.
Игрив и забавен, но и храбро проткаен со сериозни теми дотогаш неприкажани на толку експлицитен и дрзок начин, текстот со хумор и леснотија задира во многу комплицирани теми: потребата за општествено прифаќање, сексуална слобода, избор во љубовта и потребата да се задржи личниот интегритет. Сместена во Сен Тропе, во веселите седумдесетти, претставата „Кафез кај кокони“ покажува дека педесет години потоа овие прашања се сè уште отворени и провоцираат дијалог низ истата структура на хумор, игривост и дрскост“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Георги Шарески – Есенски музички свечености
Фестивалот „Есенски музички свечености“ продолжува на 31.10.2025г. (петок) со концерт на Георги Шарески – соло гитара со авторска музика, кој ќе се одржи со почеток во 20:00 часот во Салон 19:19.
Георги Шарески е гитарист, композитор и аранжер кој се истакнува со својот препознатлив стил, спојувајќи балкански ритми со џез, фјужн и современа класична музика. Неговата музика се карактеризира со длабока емоционалност, комплексна хармонија и суптилна виртуозност. Со девет авторски албуми, Шарески настапува како соло артист и со врвни музичари од Македонија и пошироко. Неговите проекти ги надминуваат жанровските граници, спојувајќи традиција и современ израз. Редовно настапува на реномирани фестивали и сцени во Европа и светот,
придонесувајќи за меѓународната афирмација на македонската современа музика.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.
Култура
Македонската филхармонија во Златната сала на „Музикферајн“ – Виена аплаудира на македонската уметност
Во чест на 80-годишниот јубилеј, Македонската филхармонија синоќа одржа концерт во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена – еден од најзначајните храмови на класичната музика во светот.
Касинос Австрија Интернешенал Македонија со гордост ја поддржа оваа исклучителна музичка вечер, потврдувајќи ја својата долгорочна заложба за унапредување на културниот живот и промоција на македонската уметност пред светот.
Настапот под диригентство на Јерухам Шаровски, со солистите Ана и Игор Дурловски, донесе импресивен спој на македонска и европска класика, кој ја воодушеви виенската публика. Преполната сала со стоечки овации и долги аплаузи ја поздрави изведбата на нашите музичари, особено делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски.
На сцената во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.
Култура
Операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало на 7 ноември на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и балет на 7 ноември со почеток во 20.00 часот, ќе биде изведена драматичната опера „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало – едно од највеличествените дела на оперскиот веризам, кое со децении ја освојува публиката ширум светот.

Приказната за љубовта, страста и одмаздата, преточени во операта „Палјачи“ на нашата сцена ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Унгарија, Кочар Балаж, во режија на Дејан Прошев, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографијата е на Никола Булески, кореографијата е на Олга Панго, концерт – мајстор е Климент Тодороски, а хор – мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Дешира Амети Крлиу (Неда), Антонело Паломби од Италија (Канио/Палјачо), Марјан Јованоски (Тонио), Драган Ампов (Силвио), Јане Дунимаглоски (Арлекин), заедно со хорот, оркестарот и балетските солисти на Националната опера и балет.

Операта „Палјачи“ е едно од најпознатите дела на италијанскиот веризам. Премиерно е изведена во Милано во 1892 година, а Леонкавало сам го напишал либретото, инспириран од вистински настан. Делото ја ја открива тенката линија помеѓу уметноста и реалноста, љубовта и љубомората, смеењето и солзите. Со незаборавната арија „Vesti la giubba“, ова ремек-дело го допира секое срце и потсетува дека и зад маската на насмевката може да се крие болка. „Палјачи“ претставува едно од најемотивните и најизведуваните оперски дела во историјата.

