Македонија
Меџити: Обезбедивме дополнителни средства за поголем број пациенти со цистична фиброза, кои треба да примаат „трикафта“
Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, оствари средба со претставници од Здружението за цистична фиброза. На состанокот министерот со претставниците на Здружението говореше за повеќе актуелни теми поврзани со пациентите со цистична фиброза и напорите за нивно надминување.
Минатата недела Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија обезбеди дополнителни средства за лекот „трикафта“ за дополнителен број пациенти со цистична фиброза. Со овој дополнителен буџет значајно ќе се зголеми бројот на пациенти за кои стручна комисија ќе одлучи дали треба да примаат терапија.
За пациентите што ќе бидат ставени на терапија со лекот „трикафта“ одлучува стручна комисија формирана од министерот за здравство, а одлуките се носат во согласност со изготвен протокол. Соговорниците на средбата разговараа и за реконструкција и доопремување на Центарот за цистична фиброза при ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата – Козле, Скопје, за што Министерството за здравство доби финансиска помош од НР Кина.
Министерот Меџити на средбата истакна дека Центарот ќе биде современ објект изграден по европски стандарди, каде што ќе се нудат современи здравствени услуги за пациентите со оваа заболување, како и одлични услови за работа на здравствениот персонал со пациентите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манасиевски: Вториот стожер на Стратегијата Македонија 2030 е економска конкурентност и нов модел на раст
Вториот стожер на Стратегијата Македонија 2030 е економска конкурентност и нов модел на раст, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Стратегијата „Ново поглавје – Македонија 2030“ поставува јасна цел за создавање на модерна и просперитетна држава што се потпира на работа, знаење и стабилни институции. Нашата економија мора да премине кон систем што создава вредност, а не зависност. Вториот стожер кој денес го претставуваме е економска конкурентност и нов модел на раст. Нашиот фокус е структурна трансформација, односно од економија базирана на ниски плати во минатото, да се стремиме кон економија базирана на знаење, иновации и висококвалификуван кадар“, рече тој.
Манасиевски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ има конкретни чекори и план како да стигнат до оваа реализација.
„Развој на индустрии со висока додадена вредност, како модерна технологија, ИКТ, биотехнологија, фармација и инженеринг да бидат нашите двигатели на новата економија. Следен чекор е дигитализација и автоматизација во бизнис-секторот. Само модерни компании можат да влезат во европските производствени и технолошки синџири. Планираме голема поддршка за домашните претпријатија. Домашниот бизнис е мотор на економијата. Затоа, обезбедуваме подобри услови за инвестиции, пристап до капитал и намалени административни бариери. Стабилен и предвидлив даночен систем. Ниту една компанија не би инвестирала во држава која ги менува правилата според дневна политика, затоа стабилноста е суштинска“, рече Манасиевски.
Додаде дека последен чекор во овој стожер, но и многу важен е зелена транзиција и енергетска независност.
„Работиме на зголемени инвестиции во обновливи извори, модернизација на енергетските мрежи и развој на зелени технологии“, рече Манасиевски.
Македонија
Ѓорѓиевски и францускиот амбасадор разговараа за развојот на Скопје и партнерството со Дижон
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Франција, Н.Е. Кристоф Ле Риголер. На состанокот беше претставена визијата за долгорочен развој на Скопје, заснована на одржливи политики, европски стандарди и продлабочена меѓународна соработка.
Разговорот опфати и унапредување на партнерството со збратимениот град Дижон, како и можности за нови заеднички проекти и иницијативи од интерес за граѓаните на главниот град.
Градоначалникот Ѓорѓиевски во својата изјава го нагласи стремежот Скопје целосно да ги интегрира европските стандарди во економскиот развој, културата и зелените политики. Амбасадорот Ле Риголер ја изрази подготвеноста на Франција да сподели искуства и иницијативи кои можат да придонесат за подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот во Скопје.
Двете страни ја истакнаа важноста од континуирана институционална комуникација и координација, со цел отворање нови можности за партнерства и долгорочни проекти.
Ѓорѓиевски оцени дека соработката ќе придонесе Скопје да продолжи да се развива како современ европски град, ориентиран кон иновативни решенија и меѓународна отвореност.
Македонија
Повторно блокиран граничниот премин „Богородица“
Од 11 часот сообраќајот на ГП Евзони (Богородица) е блокиран за влез и излез, информира АМСМ. Преминот беше блокиран и вчера поради штрајк на земјоделците.
Од 09 до 13 часот на ГП Ники (Меџитлија) сообраќајот е блокиран само за товарни возила и автобуси.
На ГП Дојран сообраќајот се одвива непречено.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

