Македонија
Стоп за должничкото ропство, борба за повисоки пензии и плати: протест пред Министерството за правда
Денеска, во 17.30 часот, пред Министерството за правда во Скопје, здруженијата „Човекот над профитот“, „Но Пасаран“, КСОМ и ПЦЕР ќе одржат мирен протест.
Како што информираат организаторите, во фокусот се две суштински теми: неприменување закон од страна на извршителите за застареност на долгови и барање за повисоки пензии и плати за пензионерите и работниците што се во должничко ропство.
1. „Ги повикуваме министерот за правда и Владата да се изјаснат зошто не се применуваат промените во Законот за облигационите односи (ЗОО) од страната на извршителите, а се однесуваат на застарувањето долгови, изгласани од Собранието и објавени во „Службен весник“ пред повеќе од три месеци.
Појаснуваме дека во согласност со Законот за изменувањето и дополнувањето на ЗОО („Службен весник на РСМ“ бр. 154 од 20.7.2023 година) во чл. 2 се предвидени измени на одредбата од чл. 368 од ЗОО, во која е определено дека извршната постапка може да се реализира во рок од 10 години од денот на поднесување на барањето за извршување по кој рок настапува апсолутна застареност. Ова е во сила, но не се применува.
Напоменуваме дека кога законот не се применува, а е во сила, особено кога не се применува од страна на високи државни службеници, тоа е злоупотреба на службената должност и овластувањето, член 353 од Кривичниот законик.
2. На овој протест особено ќе се потенцира должничкото ропство, во кое влегуваат пензионерите што се борат за линеарно зголемување на пензиите, а влегуваат во една од најранливите категории граѓани кога се однесува за одземање средства од ПИОМ во вид на напумпани долгови. Доживотно ропство. Работниците и вработените се исто многу погодени и тие се тема на овој протест бидејќи со премалите плати и виртуелни долгови кон извршители и фантомски фирми тешко преживуваат.
Здруженијата се соединети во – борба за правда, борба против мафијашката спрега доверители, судии, фирми за наплата на побарувања, извршители и низа корумпирани државни службеници. Борба за повисоки пензии и плати бидејќи должничкото ропство ги погаѓа сите“, велат организаторите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.
Македонија
Измамена 76-годишна битолчанка: се претставил како лекар и ѝ зел 7.000 евра за да ја спаси внуката повредена во сообраќајка
Во полицијата во Битола, 76-годишна жена вчера пријавила дека била измамена за 7.000 евра.
„76-годишна жена од Битола пријави дека била измамена од страна на непознато машко лице, кое и се јавило на телефон и ѝ се претставило како лекар, по што и кажало дека нејзината внука е тешко повредена во сообраќајна несреќа и треба да даде пари за да ѝ го спаси животот. Пријавителката заедно со сопругот однеле 7000 евра и ги дале на едно лице кое, според договорот, ги чекало кај саатот во Битола. Подоцна, пријавителката сфатила дека била измамена односно дека нејзината внука не учествувала во сообраќајна несреќа“, соопшти МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

