Култура
За најдобрите филмови на „Киненова“ ќе одлучуваат Лех Мајевски, Дебора ван Дам и Дејан Дуковски
На 8. издание на „МФФ Киненова“ за најдобрите филмови ќе одлучува меѓународно жири во состав: Лех Мајевски, поет, сликар, писател, режисер и визуелен уметник од Полска, Дебора ван Дам, режисерка и кинематограферка од Холандија, и Дејан Дуковски, писател и сценарист од Македонија.
Низ играта на светлото, сенките и боите на филмската проекција се изнедрија универзуми на осум нови храбри филмски авторски гласа од целиот свет со нивните деби филмови, преку кои публиката имаше можност да ги види актуелните приказни од Бразил, Англија, Шпанија, Иран, Грузија, Македонија, Србија и од Украина.
Лех Мајевски е поет, сликар, писател, режисер и визуелен уметник. Член е на Академијата за филмски уметности и науки и Европската филмска академија. Работејќи во САД, Бразил, Англија, Полска, Германија, Литванија, Франција и во Италија, Мајевски ги гради своите визии во сликите, филмовите, инсталациите, романите, театарските и во оперските постановки. Студирал на Краковската академија за ликовни уметности и дипломирал на Националното филмско училиште во Лоѓ, Полска. Неговиот режисерски потпис е на филмови, како „Витез“, „Затвореникот од Рио“, „Евангелие според Хари“, „Собата на срна“, „Баскијат“, „Војачек“, „Ангелус“, „Градината на земните задоволства“, „Стаклени усни“, „Воденицата и крстот“, „Онирика“ и „Долина на боговите“. Презентирани на фестивали во Торонто, Њујорк, Рио де Жанеиро, Ерусалим, Москва, Берлин, Венеција и во Кан овие филмови добија многубројни награди.
Неговите видеа, филмови и уметнички дела се прикажани во разни галерии и музеи, вклучувајќи ја и Националната галерија „Ду Жеу де Паум“ во Париз; уметничката галерија „Вајтчепел“ во Лондон; Museo des Belles Artes, Буенос Аирес; Форумот за слики, Токио; Музејот на уметноста во Тел Авив; Националната галерија во Лондон; во музејот „Прадо“ во Мадрид; Уметничкиот институт во Чикаго; во„Лувр“ и на Венециското биенале. Музејот на модерната уметност во Њујорк – МОМА му укажа чест со индивидуална ретроспектива изложба со наслов „Лех Мајевски: поттикнување на подвижната слика“. Неговата инсталација Blood of a Poet/Glass Lips учествуваше на 52. Венециско биеналe.
Дебора ван Дам (Хаг) студирала право (магистерски и додипломски студии) во Лајден. По дипломирањето, таа работела во корпоративниот свет неколку години. Набргу потоа таа се префрла на раскажување приказни. Во 2006 година Дебора го имаше своето филмско деби со документарниот филм Liesbeth List- Em brace Me. Камерата и режијата се потпишани од неа. Ова дебитантско филмско дело на Дебора е добива номинација за наградата „Имиџ и звук“ во 2007 година.
Филмовите на Дебора се карактеризираат со интимни набљудувања, во кои се разоткрива личната драма. За документарниот филм „Бебето“ (2013), Дебора го добива признанието од жирито на Нипков. Со нејзиниот филм KUYT (2017), Ван Дам ја освои меѓународната награда „Паладиум“, а нејзината прва документарна серија „Соочени едни со други“ доби силно медиумско внимание. Како резултат на тоа, Дебора ван Дам стана незаменлив дел од холандскиот филмски пејзаж. Покрај тоа, Дебора сè повеќе го користи медиумот за фотографија за да раскажува приказни. И автономно и во комбинација со филм.
Дејан Дуковски е драмски писател и сценарист. Дипломира на отсекот драматургија на ФДУ, Скопје, во класата на европски прославениот драмски писател и професор Горан Стефановски. Предавал на ФДУ, Скопје, отсек филмско и ТВ-сценарио. Престојувал како писател во резиденција во „Дојче шаушпилхаус“ во Хамбург, Германија, а од 2015 година работи како драматург во Македонскиот народен театар, Скопје. Ги напишал драмските текстови: „Балканска“, „Балкански вампир“, „Силјан Штркот Шанца“, „Балканот не е мртов“, „Буре барут“ (текстот е поставен на театарските сцени во целиот свет и учествувал на голем број европски и светски фестивали, каде што освоил многубројни награди.
Сите негови драмски текстови се преведени на многу јазици и повеќекратно наградувани, а статистички тој е најизведуван македонски драмски писател. Автор е на филмските сценарија: „Светло сиво“, „Како во лош сон“ (базирано на неговиот текст „Маме му ебам кој прв почна“), „Ѕвонење во глава“, „Балканот не е мртов“ (базирано на неговиот истоимен текст) и „Буре барут“. Филмот „Буре барут“, во режија на Горан Паскаљевиќ, има освоено многубројни награди: ФИПРЕСЦИ, Меѓународна награда на критиката за најдобар филм во сите категории на Меѓународниот филмски фестивал во Венеција, 1998 година, ФИПРЕСЦИ, награда за најдобар филм на Европската академија за филм, 1998, наградата „Бронзена камера 300“, на Меѓународниот филмски фестивал „Браќа Манаки“, Битола, гран при на Меѓународниот филмски фестивал во Анталија, Турција, гран при на Меѓународниот филмски фестивал во Хаифи, Израел итн.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Стрип-маратон од 24 часа: регионот повторно црта без пауза, годинава во живо и од Скопје
Во тек е пријавувањето за 14. регионална манифестација „24-часовно цртање на стрипови“, отворена за стрип автори од регионот.
Томе Трајков, стрип промотер од Велес известува дека тоа може да оствари преку линкот https://www.24satnocrtanjestripa.com/ кадешто може да се најдат и повеќе информации . Тој уште еднаш го изразува задоволството што стрип соработниците и пријатели од Хрватска уште од 2023 бргу ја прифатиле неговата иницијатива за мобилизирање на македонските стрип автори.
Манифестацијата ќе започне на 29 ноември од 12 часот и ќе трае 24 часа ( до 30 ноември во 12 ч). Учесниците ќе цртаат во живо од определени пунктови во градовите: Подгорица, Госпиќ, Херцег Нови, Сомбор, Љубљана, Осиек, Риека, Сплит, Загреб, а од ова година цртање во живо ќе се спроведе и во Скопје. Овозможено е и цртање од дома и објавување на онлајн-платформата на линкот нешто што веќе е пракса стрип цртачите од повеќе градови на Македонија.
Организацијата на настанот е спонтана. На светско ниво истата ја создава реномираниот стрип теоретичар Скот Мек Клоуд, а во регионот авторот Дарко Мацан на Академијата во Загреб. Оваа акција низ годините бргу се проширува. Уште една специфика е што оваа регионална иницијатива е сосема независна од светската акција, којашто се организира во октомври –завршува Трајков.
Култура
Сиљановска-Давкова: Творештвото на Чемерски заслужува темелно да се истражи, документира и претстави
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими сопругата и ќерката на уметникот Глигор Чемерски, придружени од кураторот д-р Кирил Пенушлиски.
Членовите на неговото семејство изразија загриженост за состојбата во којашто се наоѓаат делата на великанот Чемерски и ја потенцираа потребата од нивна реставрација и презервација, по примерот на успешно обновениот Споменик на слободата во Кочани.
Претседателката сподели искрена желба да придонесе во заштитата на делата на Чемерски, укажувајќи дека некои од нив ја красат свечената сала и претседателскиот кабинет.
Таа го поддржува проектот „Топла земја: Монументалното творештво на Глигор Чемерски“, којшто цели темелно да го истражи, документира и претстави неговото творештво, со фокус на мозаиците, фреските и големите композиции што го обликуваат македонскиот визуелен идентитет.
Култура
Премиера на филмот „Утре наутро“ на Јани Бојаџи на 19 ноември
Филмот „Утре наутро“ во режија на Јани Бојаџи премиерно ќе биде прикажан на 19 ноември во Синеплекс. Сценариото и режија се на Јани Бојаџи, продуцент: Јани Бојаџи, извршен продуцент: Дејан Милошевски, директор на фотографија: Дарио Секуловски, монтажер: Давид Дулев, продукциски дизајнер: Јани Бојаџи, сценограф: Гоце Попов, костимограф: Зорка Тодорова, шминкер: Ирена Сенокозлиовска, композитор: Јани Бојаџи.
-„Утре наутро“ е политичка драма во кој ги опсервирам луѓето кои ги носат одлуките со чии последици се соочуваме ние. Мене живо ме интересира кои се луѓето кои ги носат одлуките со кои ние се носиме, оној висок општествен круг луѓе. Ова е приказна инспирирана од вистински настани кои се случиле меѓу 2014 и 2017 година. Плотот на приказната е фаталниот 27 април 2017 година и се занимава со прашањето што после тоа. Зборува за две семејства кои се соочуваат со последиците на одлуките кои ги носат т.н. глави на семејствата-татковците, мажи на извесна возраст од сите нации и религии во Македонија, неподготвени да се соочат со фактот дека последиците од одлуките кои тие ги носта најесто ги сносат нивните семејства и сите други семејства. Филмот е посветен на сите оние жени во Македонија кои се подготвени да ги одбранат семејствата и заедницата на која се посветени, вели Јани Бојаџи.
Според него филмот се темели на актери, на актерската игра и смета дека центар на филмот е актерот и неговата човечност.
Во главните улоги сe: Нина Деан и Ирена Илиевска, а останатите улоги ги толкуваат: Гоце Андонов, Јана Никодиновска, Кети Дончевска Илиќ, Бајрам Северџан, Горан Стојаноски, Васил Зафирчев, Роберт Вељановски, Благој Веселинов, Јана Вељановска, Димитрина Мицкоска.
-Имав бескрајна среќа да имам во филмот актери со огромно човечко присуство. Ме интересира не само да се добри актери, туку и да се добри луѓе. Работевме 75 дена и навистина беше исклучително задоволство да се биде заедно, вели Бојаџи.
По премиерата, од 20 ноември, ќе почне целосна дистрибуција низ Македонија и веќе се закажани проекции во Штип, Велес, Богданци, Струга и Крива Паланка.

