Македонија
Средба Ковачевски – Басани: Рамката за соработка со Светската банка е силна порака за Северна Македонија до меѓународните партнери и инвеститори
Премиерот Димитар Ковачевски во рамките на посетата на Тирана во Албанија, каде што учествуваше на самитот на лидери на Берлинскиот процес, се сретна со Антонела Басани, претседателка на Светската банка за Европа и централна Азија. На средбата, покрај премиерот Ковачевски, беше и вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ.
Соговорниците разговараа за тековните проекти и планови на среден рок на Северна Македонија, како и на земјите од регионот. На средбата беа разменети мислења за политичките и економските случувања во регион, како и предизвиците од геополитичките случувања во Европа и светот и како сето тоа влијае врз глобалната економија.
На состанокот се разменија мислења за проекциите за раст на земјите од регионот во текот на оваа година, како и проекциите за глобалната економска и финансиска стабилност.
Партнерството со Светската банка и поддршката што ја добива Северна Македонија е од големо значење, Рамката за соработка е основа на граѓаните да им се овозможат подобри услови за живеење, како и за инвестиции во подобрување на конкурентноста на приватниот сектор, инвестиции во инфраструктурата, развој на човечкиот потенцијал и зајакнување на менаџирањето со јавните финансии.
Со изработка на новата рамка за партнерство на Република Северна Македонија со Светската банка значително ќе се зголеми финансиската поддршка за нашата држава и ќе биде речиси двојно повисока од досегашната.
На средбата беше оценето дека ваквиот вид соработка претставува потврда на поддршката што доаѓа од сериозен партнер, а со тоа се испраќа силна порака до меѓународните партнери и инвеститорите.
Ковачевски и Басани изразија задоволство од силното долгогодишно партнерство на Северна Македонија со Светската банка, како и за развојните резултати постигнати во годините на соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ е на раб на исчезнување по изборното цунами, велат од ВМРО-ДПМНЕ и го повикуваат Филипче да си поднесе оставка
ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение оцени дека Социјалдемократскиот сојуз доживеал изборно цунами на локалните избори и дека партијата, под водство на Венко Филипче и под, како што велат, менторство на Зоран Заев, е на праг да биде избришана од политичката сцена во државата.
Според соопштението, СДСМ – партијата кога важела за најголем политички опонент на ВМРО-ДПМНЕ, сега е трета партија на државно ниво, а во рамки на градот Скопје – петта.
„Овој историски дебакл има име и презиме – Венко Филипче, кој поразот го претставува како успех, а под диктат на неговиот ментор Зоран Заев, партијата ја дотурка до раб на исчезнување“, стои во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека Филипче не се дистанцирал од Заев и неговите политики и дека партијата и натаму функционира под негово диригенство.
Во соопштението се наведува дека СДС на локалните избори освоил 126 илјади гласа и околу 230 советнички места, победувајќи во шест општини, при што ги изгубил повеќето градови каде што традиционално доминирал.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека народот ја казнил безидејноста и аздисаноста и оти во партијата нема реформи, туку се прават обиди за спас на Филипче и прикривање на вистинскиот виновник.
Во заклучок, партијата наведува дека е потребна итна оставка на Венко Филипче и целосна промена во врвот на СДС, бидејќи, како што се додава, на Македонија ѝ е потребна вистинска, консолидирана и силна опозиција со кредибилитет.
Македонија
„Влен“: Ја симнавме маската на оние што со години го сметаа албанскиот глас за своја лична сопственост
„Албанците не паднаа во замката на „референдумот“ што ДУИ/НАИ, со Ахмети, Таравари и Села, се обидоа да го продават како некакo политички спас. Таа манипулативна кампања, изградена врз лаги и лажен патриотизам, се урна пред волјата на Албанците кои јасно го кажаа својот збор. Со освоени десет општини, ВЛЕН им го одзеде алибито и им ја симна маската на оние што со години го сметаа албанскиот глас за своја лична сопственост“, велат од „Влен“.
„Сега бараат виновници на сите страни, само не кај себе. А како врв на апсурдот се обидуваат Блерим Беџети да го прикажат како симбол на „промената“. Тоа е вистинското лице на ДУИ, партија која дури и во пораз не е способна да се соочи со реалноста.
Говорат за „анализа“ и „реформа“, но ДУИ не може да се реформира, затоа што никогаш не ја разбра суштината на тој збор. За нив, власта никогаш не била средство за служба на народот, туку кислород за преживување. А сега, кога власта им се излизга од рацете, тонат во паника и самозалажување.
Додека тие тонеат во сопствената криза, ВЛЕН оди напред со довербата на граѓаните, со чисти раце и со политика што му служи на народот, а не на лични интереси“, се додава во соопштението на „Влен“.
Македонија
Пронајдено безживотно тело на млада жена во Тетово, Обвинителството изврши увид
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово вчера изврши увид на лице место на локацијата каде беше пронајдено безживотно тело на млада жена, како и во изнајмениот стан во кој таа престојувала.
„Се преземаат сите дејствија за испитување на причините за смртта со детални проверки и вештачења на местото, иако првичните сознанија и траги на лице место не упатуваат дека смртта е резултат на кривично дело.
Сепак, наредена е обдукција, ќе се вршат распити на повеќе лица, а обвинителството и сите истражни органи интензивно постапуваат за испитување на причините“, соопшти Обвинителството.

