Македонија
Тренчевска: Црвениот крст – наш верен партнер во грижата и хуманоста
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, беше дел од говорниците што ја отворија промоцијата на развојната рамка на Црвениот крст на РСМ – „Трансформација 28“. Воедно, Тренчевска беше дел и од панел-дискусијата „Градење здраво и безбедно општество и потребата од ефикасно мобилизирање ресурси за одговор на современите хуманитарни предизвици“.
Тренчевска на панел-дискусијата зборуваше за услугите што ги спроведува Министерството за труд и социјална политика и за начините на кои Министерството ги доближува услугите до граѓаните.
„Јас би се навратила на социјалната реформа што ја направивме во 2019 година. Процесот на имплементација на реформата, особено во делот на испораката на социјалните услуги, со што се овозможи вклученост на општините во планирањето, развојот и давањето социјални услуги на локално ниво, во соработка со лиценцирани даватели на услуги“, рече Тренчевска.
Во однос на соработката на министерството и Црвениот крст, министерката истакна дека за неа е најважно услугите еднакво да стигнуваат до сите граѓани истакнувајќи дека Црвениот крст е главен партнер во исполнување на оваа цел.
„Волонтерите се наши пријатели со кои ги спроведуваме заедно активностите во центрите за активно стареење. Заедно спроведуваме активности во Центарот за активно стареење во Чаир, а пред некој месец го отворивме и Центарот за активно стареење во општина Босилово“, посочи министерката.
На крајот од панел-дискусијата министерката истакна дека Министерството не ги поддржува само заедничките проекти, туку и оние што Црвениот крст ги спроведува индивидуално, како што е иницијативата „Итно копче“. Посочувајќи дека не е важно кој е имплементатор или кој ги спроведува услугите затоа што единствената цел е задоволството на граѓаните и одговорот на нивните потреби.
Со организациите на Црвениот крст, Министерството за труд и социјална политика до сега вкупно има склучено 18 договори за грант и со нив се развиени услуги (помош и нега во домот, лична асистенција, дневен престој за стари лица со активно стареење), кои заклучно со август ги добиле 1.043 корисници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

