Македонија
Венко Филипче: Не стигнала информација до мене дека во 2020 година на Онкологија сестрата крадела цитостатици
Поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, вели дека до него како министер не стигнала информација оти во 2020 година на Клиниката за онкологија имало медицинска сестра што крадела терапија.
„Не стигнала до мене информација дека се истражува или дека се случила таква работа тогаш“, рече Филипче пред собраниската анкетна комисија за скандалот на Клиниката за онкологија
Филипче нагласи дека за време на неговиот мандат немало пропусти во работата на Клиниката. За паралелниот увоз на лекови и дали имало увезување фалсификат лекови, Филипче истакна дека од 2018 година во Македонија се носат лекови со европски сертификат за сите пациенти што дотогаш ги немало во државата.
„Политичката одговорност треба да се бара претходно, зошто немало лекови, односно имало, ама само за мал број пациенти. Не сум дал иницијатива да се воведе КАТО-систем. Ако сум дал предлог, ќе сум го имплементирал. До моментот на моето доаѓање на функција не сум знаел ништо за Клиниката за онкологија“, рече Филипче.
Пред собраниската анкетна комисија за скандалот на Клиниката за онкологија денес сведочат поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, и актуелниот министер, Фатмир Меџити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Голем одрон кај село Ратево, магла на патниот правец Тетово – Гостивар
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај село Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Тетово – Гостивар до 70 метри, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без вода денеска објектите на хотел Континентал и Ист Гејт
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради промена на затворач на булеварот Александар Македонски бб (кај Континентал), прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на хотел Континентал и Ист Гејт.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремен дожд, а на планините снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе дува слаб ветер од променлив превец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во недела кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места. Од понеделник во текот на денот ќе настапи постепено стабилизирање на времето со опаѓање на утринските температури, а дневните ќе бидат во пораст.

