Македонија
Левицата: По зголемувањето на платите, Владата ги поскапе основните прехранбени продукти
Во време кога четвртина население живее со пониски примања од пазарната кошничка, Владата одлучи да се зголемат цените на повеќе од 390 производи. Иако власта најавуваше дека ќе се зголемат цените само за луксузни производи, реалноста е дека данокот на додадена вредност од 5 пораснува на 10 % за основни прехранбени производи, велат од Левицата.
Со зголемена цена, како што нагласуваат, се појавуваат производи кои се користат во секојдневието кај граѓаните, како сирењето, млекото, овошјето, зеленчукот, брашно итн.
„Манипулациите на Владата дека овие средства ќе се искористат за социјална програма потсеќаат на изговорите за поскапувањето на акцизата за т.н. зелен фонд, кој ден-денес остана уште едно нереализирано ветување на неспособната гарнитура на власт.
Јасно е дека полнењето на буџетот од овие средства првично ќе послужи за зголемување на платите на јавните функционери (кои самостојно ги зголемија своите примања од 78%) – зголемување што единствено Левицата го оспори, иако Ковачевски најавуваше нов закон за корекција на платите“, се нагласува во реакцијата на Левицата.
Левица, како што посочуваат од партијата, во минатото апелираше дека државниот буџет не може да ги издржи финансиските проекции за проектот на „Бехтел и Енка“, а тоа го поддржаа и голем број на економски аналитичари, апелирајќи до Владата да не избрзува со овој проект.
„Собраните средства од ДДВ-то ќе значи само отплаќање на милионските суми, кои Владата треба да ги исплати за отпочнување на овој проект.
Проектот за „загарантирани цени“ беше уште една манипулација од страна на Владата, која само една недела подоцна донесе Одлука за зголемување на ДДВ-то. Со ваква даночна реформа, каде што цените на основните продукти се зголемуваат, претходната мерка за загарантирани цени нема никаков ефект.
Даночните реформи кои оваа лажна левичарска власт нема капацитет да ги донесе мора да бидат во насока на намалување на социјалната нееднаквост, каде богатите стануваат се побогати, а сиромашните се посиромашни. Левицата, од позиција на власт, ќе воведе вистински данок на луксузни добра, ќе воведе прогресивно даночење на добивката на најпрофитабилните компании, ќе ја казни експлоатацијата со повисоки даноци за фирмите кои прават енормни профити, а исплаќаат ниски плати, и прогресивно ќе го оданочи личниот доход на олигархијата“, се истакнува во соопштението на оваа партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир и Студеничани
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 16.00 часот, корисниците од улиците број 90, 131 и 191, корисниците од околните згради и продавниците кај 26 Јули, објектите на хотелите Хамбург и Аен, казиното Сенатор и адвокатското друштво Калач. (општина Чаир)
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот, корисниците од селата Драчевица, Цветово и Алдинци, вили Китка, Мала Река, Принцес, Караџица и Солунска Глава. (општина Студеничани)
Македонија
Без вода дел од Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради водоводен приклучок од ф – 80 мм на улицата Ристо Равановски бр. 8, без вода ќе останат корисниците од улицата Ристо Равановски во општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди
Променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во среда и четврток, кога на повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег. Од среда ветерот ќе го промени правецот во северен.

