Македонија
Аеродромите во Скопје и Охрид со 2,4 милиона патници за девет месеци
Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид бележат пораст од 30 отсто на патничкиот сообраќај за периодот јануари – септември 2023 година во однос на 2022 година и пораст од 15 % во однос на 2019 година.
„ТАВ Македонија“, подружница на „ТАВ аеродроми“, членка на Групацијата АДП, известува за силен пораст на бројот на патници за периодот јануари – септември 2023 година кога вкупно 2,4 милиона (2.357.712) патувале преку Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид, што претставува годишен пораст од 30 проценти во однос на 2022 година.
Во споредба со 2019, која се смета за референтна година во воздухопловството, како најдобрата година во однос на патничкиот сообраќај пред Ковид-19, двата аеродрома бележат 15 % повеќе патници во периодот јануари – септември 2023 година.
Во однос на бројот на летови за истиот период, годишниот пораст е 19, односно 5 % во споредба со 2022 и 2019 соодветно, или на аеродромите во Скопје и Охрид се реализирани и опслужени вкупно 17.683 лета.
„Ние како ТАВ навистина сме среќни што забележуваме зголемување на бројот на патници за 30 % на аеродромите во Скопје и Охрид во споредба со статистиката од 2022 година. Особено ни е драго што за 9 месеци од 2023 година, со 2,4 милиона патници, речиси го достигнавме бројот на опслужени патници во целата 2022 година. Ова претставува продолжување на позитивниот тренд на закрепнување, а она што нè прави особено горди е што статистиката на воздушниот сообраќај за двата македонски аеродрома не само што ја надминува референтната 2019 година за 15 % туку ги надминува прогнозите на ACI* за обем на патници на глобално ниво во 2023 година, што е 94,2 % од нивото од 2019 година. Очекуваме до крајот на оваа година со новите линии и новите авиокомпании што влегоа на македонскиот пазар, заедно со извонредноста во нашите услуги што ги даваат нашите посветени и ориентирани кон клиентите колеги, ќе ја заокружиме 2023 година како година на соборување нови рекорди“, изјави Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Во 2023 година, досега, две нови авиокомпании влегоа на македонскиот авијациски пазар, „Луфтханза“ и „„Норвежијан“, со редовни или сезонски летови до Франкфурт, односно Осло.
Во меѓувреме, од скопскиот аеродром „Сан експрес“ најави дека чартер-летовите до Измир и Анталија ќе продолжат да сообраќаат како редовни летови од претстојната зимска сезона, а „Визер“ почна со редовни летови до Љубљана. Дополнително, „Ејџијан“ од 2 октомври 2023 година почна да лета до Сараево.
Охридскиот аеродром беше сведок на одлична летна сезона засилена со сезонските и чартер-летовите до Белград на „Ер Србија“ и до Манчестер и Лондон („Гетвик“) на TUI.
Најчести дестинации од Меѓународниот аеродром „Скопје“, според статистиката на патничкиот сообраќај на „ТАВ Македонија“, за периодот јануари – септември 2023 година, биле Истанбул (двата аеродрома, IGA и Sabiha Gokcen со 10,8 % пазарен удел), Базел Милуз (6,1 %), Цирих (5,5 %), Виена (4,7 %), Дортмунд (4,5 %), потоа Франкфурт (4,2 %), Минхен Меминген (4,1 %), Анталија (4 %), Малме (2,6 %) и Келн (2,6 %).
Топ-5 земји со директни летови за јануари – септември 2023 година беа Германија (27,3 % удел на пазарот); Турција (16,9 %); Швајцарија (13,4 %); Шведска (6,7 %); и Италија (6,5 %).
Што се однесува до учеството на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај за првите девет месеци од 2023 година на скопскиот аеродром, „Визер“ превезе најголем број патници (60,2 % удел на пазарот), потоа „Туркиш ерлајнс“ (7,4 %), „Пегасус ерлајнс“ (6,1 %), „Аустријан ерлајнс (4,7 %), „Чеар ерлајнс (3,7 %).
Најчеста дестинација за патување за трите квартали од 2023 година, јануари – септември, од охридскиот аеродром е Базел (21,5 % удел на пазарот), потоа Виена (21 %), Дортмунд (16,4 %), Меминген (11,9 %), Малме (9,4 %), Цирих (9,3 %), Амстердам (8,8 %), а другите дестинации имаат 0,5 %.
Во моментот, според распоредот на летови, од Меѓународниот аеродром „Скопје“ летаат 14 авиокомпании до 41 дестинација, а од аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид две авиокомпании летаат до 6 дестинации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Костовски: Усвоен рекорден буџет од 848 милиони денари, Левица, ДУИ и ВЛЕН против развојот на општина Бутел
Денес на седницата на Советот на Општина Бутел беше изгласан и донесен најголемиот, рекордно проектиран буџет кој некогаш го имала општина Бутел, извести градоначалникот Дарко Костовски.
„Усвоивме развоен буџет, буџет кој е наменет и исклучиво во служба на граѓаните. Буџет кој значи реализирање на барањата на граѓаните.
За жал советниците од ДУИ, ВЛЕН и ЛЕВИЦА не го поддржа буџетот, не го поддржаа проектот за вода во Љубанци и Љуботен, нова поликлиника, не поддржаа нови улици во Љуботен, Визбегово, Скопје Север, Бутел, не поддржаа нови проекти и не го поддржа развојот на Општина Бутел“, вели Костовски.

„20 години без никаков интерес за граѓаните на општина Бутел!
63% од овој Буџет за капитални проекти!
Со овој буџет одвоени се рекорден број на финансии за капитални проекти.
Со овој буџет издвоени се финансии за реализација на:
-Нова поликлиника
-Доизградба на водоводот за Љубанци и Љуботен
-Детска градинка во населеното место Бутел 2
-Изградба на пливачки базен во ООУ “Ацо Шопов”
-Нови мостови на река Серава
-Уредување и чистење на речното корито на Река Серава
-Финансиска помош за новороденчиња
-Реконструкција на клучните сообраќајници во општина Бутел
-Реконструкција и ревитализација на голем број на помали сервисни улици
-Изградба на нова и реконструкција на постоечката атмосферска и фекална канализација
-Изградба на нови спортско рекреативни центри
-Нови детски игралишта
-Нови спортски игралишта
-Нов пешачки и пристапни патеки
-Поддршка на спортски клубови
-Спортски стипендии
-Парична помош за пензионерите
-Зголемен број на финансиски средства за помош на социјално загрозени семејства
-Финансии за културни и спортски настани

Како и изминатите години така и во овој буџет предвидени се 0 средства за репрезентација, патни трошоци, како и непродуктивни трошоци.
Парите на граѓаните мора и исклучиво ќе се користат за нивни потреби!
2026 година ќе биде година на развој, на многу нови значајни проекти во сите населени места!
Продлжуваме за модерна, стабилна и просперитетна Општина Бутел!“, соопшти Костовски.
Македонија
Општина Карпош го изгласа буџетот и програмите за работа за 2026 година
Градоначалникот Сотир Лукровски и Советот на општина Карпош го изгласаа општинскиот буџет и програмите за работа за 2026 година.
Советот на Општина Карпош заседаваше по шести пат, при што советниците расправаа и полноважно одлучуваа по околу триесетина точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. Првенствено, мнозинска поддршка доби Предлог – Решението со кое беа именувани претседател и членови на Комисијата за изработка на Програмата за работа на Советот за 2026 година. Советот ја изгласа и Одлуката за утврдување надоместок на членовите на Општинска изборна комисија – Карпош и избирачките одбори на подрачјето на општина Карпош, за извршената работа во подготовката и спроведувањето на Локалните избори 2025 година, известува Општината.
Со истата динамика беа поддржани и 17 годишни Програми за работата на Секторите и Одделенијата од Општина Карпош за 2026 година. По детално разгледување на компонентите од кои е составен, беше изгласан и Буџетот на Општина Карпош за 2026 година. Имено, според образложението, Министерството за финансии ја извести локалната самоуправа дека максималниот износ на сопствените приходи на основниот буџет за општина Карпош за 2026 година ќе изнесува 608.436.000 денари. Притоа, средствата кои општината ќе ги добие како приход од ДДВ за 2026 година изнесуваат 28.978.000 денари, а средствата доделени од Владата на РСМ изнесуваат 615.020.279 денари. Планираниот пренесен вишок на приходи од претходната година изнесува 80.000.000 денари, така што висината на вкупниот износ на основниот Буџет на општина Карпош ќе изнесува 1.332.434.279 денари.
Земајќи го сето ова во предвид, Консолидираниот Буџет на Општина Карпош за 2026 година ќе изнесува 2.159.676.279 денари и истиот ги содржи планираните извори на приходи од кои ќе се финансираат расходите за 2026 година. Поточно, од трансфери и донации ќе се финансираат 1.478.975.279 денари или 69%, од даночни приходи 569.500.000 денари или 26%, додека пак од неданочни приходи ќе се финансираат 88.551.000 денари или 4% и од капитални приходи 22.650.000 денари или 1%. Планираните расходи на Општината се во поглед на развојна компонента на јавните услуги кои се надлежност на локалната самоуправа. Оттука, за изградба на инфраструктурни објекти во насока на подобрување на јавните услуги на граѓаните се обезбедени средства во износ од 790.930.279 денари или 36,60%. За стоки и услуги се планираат да се потрошат средства во износ од 399.997.000 денари или 18,51 %, каде што се трошат најголем дел од средствата за комунални услуги за греење, комуникација и транспорт. Социјалните бенифиции учествуваат со 7.800.000 денари или со 0,34%, субвенциите и трансферите со 118.978.000 денари или со 5,60%, додедка пак каматните плаќања со 1.000.000 денари или со 0,04% и отплата на главница за земени кредити со 6.400.000 денари или поточно со 0,28%.
Советниците ја поддржаа Одлуката за формирање на Штаб за заштита и спасување, како и Просторна единица за заштита и спасување кои ќе функционираат во рамки на Општина Карпош. На предлог на градоначалникот Сотир Лукровски, Штабот и Единицата се формираат со цел спроведување на подготовки и преземање мерки за заштита и спасување на луѓето и материјалните добра од воени разурнувања, од природни непогоди, епидемии, епизоотии, епифитотии и други несреќи, како и отстранувањето на последиците предизвикани од нив, соопшти Општината.

Советниците од Карпош го усвоија и Правилникот за методологија за утврдување на критериуми за распределба на блок дотацијата, наменета за сите десет општински основни училишта на подрачјето на Карпош за 2026 година. Според Правилникот, распределбата на блок дотацијата се спроведува по критериумот – основен трошок по ученик, а блок дотацијата за основното образование содржи две компоненти – Основна компонента и Варијабилна компонента. Средствата за блок дотациите ќе се насочуваат по општини од Буџетот на РСМ, преку Минстерството за образование и наука, месечно или по динамика во договор со Министерството за финансии.
Советот даде „зелено светло“ и за Одлуката за организирање на продолжен престој во IV (четврто) одделение во општинските основни училишта за 2026 година. Имено, со оваа Одлука Советот на Општина Карпош дава согласност за обезбедување финансиски средства за ангажирање на одделенски наставници, за реализирање на настава во продолжен престој за четвртоодделенците кои во претходните учебни години следеле настава во продолжен престој. Инаку, продолжен престој за основците од IV-одделение се организира за хомогени и хетерогени групи од најмалку 15 (петнаесет) ученици.
Со гласовите од советниците од Карпош беше изгласана и Одлуката за прифаќање на донација од КАМ ДОО Скопје во висина од 68.700 денари. Станува збор за донација на околу 300 новогодишни пакетчиња за дечињата од Карпош, кои доаѓаат од социјално загрозени семејства, се додава во соопштението на Општината.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на планинските превои Стража и Ѓавато, до 30 метри на планинскиот превој Плетвар и во Крушево и од 15 – 20 метри на патниот правец крак Маврово – Маврови Анови, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

