Македонија
Левицата: Трет случај на масовно прислушување за кој нема одговорност, демократијата се претвори во фарса
Вчера, застаре еден од најскандалозните предмети, попознат како „Таргет – Тврдина“, кој се однесуваше на масовното незаконско прислушување и таканаречените бомби. Ова е директна последица на најновите измени на Кривичниот законик, кои власта ги шверцуваше во скратена постапка, без никаква јавна дебата, реагираат од Левицата.
За еден од најголемите удари на демократијата, каде што беа следени 4.286 телефонски броеви и прислушувани над 20.000 граѓани, како што велат, никој нема да одговара – благодарение на спрегата СДС-ДУИ-ДПМНЕ. „Со оглед дека ова е трет случај на масовно прислушување каде нема одговорност, по случаите „Дувло“ од 1992 година и „Големото уво’ од 2000 година, јасно е дека демократијата во Македонија е фарса, а ваквите тоталитарни преседани стануваат пракса под владеењето на овие три истрошени партии.
Додека делегетимираните СДС и ДУИ преку предлагачот Викторија Аврамовска-Мандиќ убедуваа дека измените на Кривичниот законик нема да предизвикаат амнестија – само еден месец подоцна, застареа и две дела на актуелни пратеници на ДПМНЕ. Деновиве застаре делото „Моќник“, каде што пратеникот Антонио Милошоски и уште 10 лица се ослободени за продажбата на објект во сопственост на општина Македонски Брод. Вчера застаре и делото „Продуцент“, каде што за склучување договор од 50.000 евра без тендер осомничени беа коалицискиот партнер на ДПМНЕ, Љупчо Димовски, и Ивона Талевска“, велат од оваа партија.
Според Левицата, скандалозните измени на Кривичниот законик, каде што ДПМНЕ правеше кворум, е кулминација во колективната амнестија на трите партии кои владеат неказнето, а затворите се полнат со „криминалци“ осудени за кражба на ќебапи.
„Дури и Пендаровски во интервју скандалозно призна дека измените на Кривичниот законик само во еден дел биле шверцувани со европско знаме?!
Ваква колективна амнестија во минатото сведочевме пред самата промена на Уставот за нелегитимниот преспански договор, па затоа прашуваме – дали измените на Кривичниот законик се дел од новото преспанско сценарио за Бугари во Уставот? Јасно е дека со партии што егзистираат врз криминална спрега и коруптивни мрежи – нема да има правда и не смее да има мир“, потенцираат од Левицата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.
Македонија
Случајот со смртните закани врз новинарот Александар Видиновски да се истера до крај, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз жестоко ги осудува примитивните напади и смртните закани врз новинарот Александар Видиновски на социјалните мрежи и ја поздравува одлуката на Јавното обвинителство да отвори предмет против сторителите на овие кривични дела.
„Во општество каде што слободата на медиумите е загарантирана со устав и закон, а новинарите имаат посебна улога при откривањето злоупотреби и креирањето јавно мислење за потребата од владеење на правото, недозволени се закани врз нивниот физички интегритет и загрозување на нивниот живот“, велат од Демократскиот сојуз.
„Новинарот Видиновски професионално си ги извршува своите новинарски задачи и со својата работа покажува дека не смее да има недопирливи луѓе или институции, домашни или странски, сеедно, за кои нема да важи законот во Македонија.
Демократски сојуз потсетува дека безбедноста на новинарите мора да биде еден од приоритетите на секое демократско општество кое ја негува слободата на говорот, истовремено ги охрабрува надлежните институции да го истераат до крај случајот со новинарот Видиновски и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова се сретна со претседателот на ОАЕ: перспективите за продлабочување на билатералната соработка во фокусот на разговорот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Претседателката се заблагодари за гостопримството и за можноста да учествува на престижниот самит, оценувајќи го како исклучително значајна платформа за справување со глобалните и регионалните предизвици и за водење значаен дијалог со истакнати лидери и партнери од целиот свет.
Во фокусот на разговорот беа перспективите за продлабочување на билатералната соработка и беше посочена потребата од унапредување на правната рамка, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателката.

Посебен акцент беше ставен на економските односи и можноста за забрзување на проектите од взаемен интерес, коишто се во подготвителна фаза.
Претседателката го поздрави воведувањето на безвизен режим меѓу двете држави, оценувајќи го како одлична можност за олеснување на севкупната комуникација меѓу двете општества.
Таа изрази уверување дека средбата, што се реализира во пресрет на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, ќе даде силен импулс во севкупното натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните глобални прашања и важноста на напорите за разрешување на постоечките конфликти.
Во тој контекст, претседателката ја поздрави конструктивната и одговорна улога на Обединетите Арапски Емирати, којашто се базира на принципите на мир и толеранција. Претседателката го истакна интересот од македонска страна за продлабочена соработка преку заеднички иницијативи за меѓукултурен дијалог и промоција на општите цивилизациски вредности, се додава во соопштението.

