Македонија
Демократското движење: Денеска го спасивте Мијалков, утре ќе го спасите Груевски, зошто сега молчите
Контрадикциите на актуелната Влада на Северна Македонија немаат крај. ДУИ и СДСМ сакаат да ѝ се доближат на Европа со оние што ја оттргнаа од Европа. Каква иронија. Веќе јасно се виде дека одобрувањето на Кривичниот законик е направено за амнестија на кривичните дела на Груевски и Мијалков, две клучни фигури, во чие време на Албанците им се случија многу трагедии, реагираат од Демократското движење.
„Ние неслучајно го поставивме прашањето во кое својство Бујар Османи ја посети Будимпешта и дали се подготвува враќање на Груевски, што секој ден се повеќе се докажува и целата поширока јавност јасно чита, дека ДУИ, единствениот спас го гледа токму во враќањето на Никола Груевски. И што се случи: кривичното дело за масовното прислушување застаре и Мијалков се спаси и од оваа тужба.
Сега и официјално ДУИ стана партнер со Груевски и Мијалков токму во време на владењето со СДСМ. Сите овие заедно, за да го урнат уставниот поредок“, нагласуваат од оваа партија.
ДУИ, како што велат, ги наградува нивните деловни партнери.
Според Демократското движење, во секоја комбинација „(лотариска) тие сакаат да излезат добитници: да останат во влада, но и да ги задржат старите пријатели Груевски и Мијалков“.
„Тие ги направија математиките, но резултатот нема да им биде добар.
Според оваа одлука, граѓаните од својот буџет, од своите џебови, ќе треба да му платат и отштета на Мијалков за престојот во притвор.
Ова лудило мора да заврши еднаш засекогаш“, децидни се од Демократското движење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манасиевски: Вториот стожер на стратегијата „Македонија 2030“ е економска конкурентност и нов модел на раст
Вториот стожер на Стратегијата Македонија 2030 е економска конкурентност и нов модел на раст, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Стратегијата „Ново поглавје – Македонија 2030“ поставува јасна цел за создавање на модерна и просперитетна држава што се потпира на работа, знаење и стабилни институции. Нашата економија мора да премине кон систем што создава вредност, а не зависност. Вториот стожер кој денес го претставуваме е економска конкурентност и нов модел на раст. Нашиот фокус е структурна трансформација, односно од економија базирана на ниски плати во минатото, да се стремиме кон економија базирана на знаење, иновации и висококвалификуван кадар“, рече тој.
Манасиевски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ има конкретни чекори и план како да стигнат до оваа реализација.
„Развој на индустрии со висока додадена вредност, како модерна технологија, ИКТ, биотехнологија, фармација и инженеринг да бидат нашите двигатели на новата економија. Следен чекор е дигитализација и автоматизација во бизнис-секторот. Само модерни компании можат да влезат во европските производствени и технолошки синџири. Планираме голема поддршка за домашните претпријатија. Домашниот бизнис е мотор на економијата. Затоа, обезбедуваме подобри услови за инвестиции, пристап до капитал и намалени административни бариери. Стабилен и предвидлив даночен систем. Ниту една компанија не би инвестирала во држава која ги менува правилата според дневна политика, затоа стабилноста е суштинска“, рече Манасиевски.
Додаде дека последен чекор во овој стожер, но и многу важен е зелена транзиција и енергетска независност.
„Работиме на зголемени инвестиции во обновливи извори, модернизација на енергетските мрежи и развој на зелени технологии“, рече Манасиевски.
Македонија
Ѓорѓиевски и францускиот амбасадор разговараа за развојот на Скопје и за партнерството со Дижон
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер. На состанокот беше претставена визијата за долгорочен развој на Скопје, заснована на одржливи политики, европски стандарди и продлабочена меѓународна соработка.
Разговорот опфати и унапредување на партнерството со збратимениот град Дижон, како и можности за нови заеднички проекти и иницијативи од интерес за граѓаните на главниот град.
Градоначалникот Ѓорѓиевски во својата изјава го нагласи стремежот Скопје целосно да ги интегрира европските стандарди во економскиот развој, културата и зелените политики. Амбасадорот Ле Риголер ја изрази подготвеноста на Франција да сподели искуства и иницијативи, кои може да придонесат за подобрување на инфраструктурата и на квалитетот на живот во Скопје.
Двете страни ја истакнаа важноста од континуирана институционална комуникација и координација, со цел отворање нови можности за партнерства и долгорочни проекти.
Ѓорѓиевски оцени дека соработката ќе придонесе Скопје да продолжи да се развива како современ европски град, ориентиран кон иновативни решенија и меѓународна отвореност.
Македонија
Повторно блокиран граничниот премин Богородица
Од 11 часот сообраќајот на ГП Евзони (Богородица) е блокиран за влез и излез, информира АМСМ. Преминот беше блокиран и вчера поради штрајк на земјоделците.
Од 9 до 13 часот на ГП Ники (Меџитлија) сообраќајот е блокиран само за товарни возила и автобуси.
На ГП Дојран сообраќајот се одвива непречено.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

