Македонија
Промоција на поштенска марка по повод 30 години од воспоставување на дипломатски односи Македонија – Италија
Денес во Скопје беше промовирана поштенската марка по повод 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Италија и Северна Македонија, издадена од А.Д. Пошта на Северна Македонија, на иницијатива на Амбасадата на Италија во Скопје, благодарение и на поддршката од македонското Министерство за надворешни работи.
„Сигурен сум дека овој значаен јубилеј ќе даде дополнителен поттик за зајакнување на одличните односи меѓу Италија и Северна Македонија. Во овој контекст, поштенската марка што денеска ја претставуваме заедно со Поштата на Северна Македонија ќе остане да сведочи за искрената соработка и пријателство на нашите земји“, изјави амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри.

Дизајнот на марката е креација на младиот студент и графички дизајнер Иван Коминовски, кој беше избран на конкурсот што во април го организираше Амбасадата, во соработка со Институтот Данте Алигиери од Скопје.
Претставникот на Поштата на Северна Македонија, Гани Дарлишта истакна дека „Оваа марка претставува симбол на пријателството меѓу двете земји кој ќе го обиколи светот и ќе отпатува заедно со писмата во многу други земји“.
Секретарот на Сојузот на филателистите, Виктор Габер, кој е и прв македонски амбасадор во Рим, во своето обраќање потсети на најважните историски моменти од воспоставувањето на дипломатските односи, нагласувајќи ја италијанската политичка поддршка изразена уште од самиот почеток за афирмација на земјата на меѓународно ниво.

Денеска е и првиот ден од издавањето на комеморативната марка која А.Д. Пошта на Северна Македонија му ја посвети на големиот филозоф и иноватор на ренесансната мисла, Џордано Бруно, по повод 475 години од неговото раѓање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Мицко, малиот Вучко, копира сè што прави неговиот српскиот „стрико“
Имаме и ние „Ќаци“ препишувачи. Ова безидејно ДПМНЕ целосно го копира Вучиќ, реагираат од СДСМ, на изјавата на Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДСМ објавува соопштение дека Никола Груевски од Будимпешта ги води и им пишува што да кажат, праќа денеска соопштение ДПМНЕ „Заев од Дубаи“ ги пишува текстовите на СДСМ. Вчера СДСМ објави соопштение со наслов „Децата на Орбан“, ВМРО-ДПМНЕ излегува со соопштение „Децата на Заев“. СДСМ објавува соопштение „кога крадецот вели држете го крадецот!“. Томовски се јавува и ги употребува истите зборови „крадецот вели држете го крадецот“. Она што на сите им е одамна познато е дека Мицко, малиот Вучко, копира сè што прави неговиот српскиот „стрико“. Ама во ВМРО-ДПМНЕ очигледно не ја разбрале добро улогата на Светите Кирил и Методиј и нивните школи, како ни улогата на Климент Охридски. Тие се поблиски до препишувачката Ресавската школа. Бадијала им е на македонските „Ќаци“ препушувачи, граѓаните знаат и гледаат. Криминалот е на виделина. Сите ќе одговарате од прв до последен“, пишува во реакцијата.
Македонија
Николоски објави видео од изградбата на автопатот Тетово – Гостивар
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, објави видео од градежните активности на автопатот Тетово – Гостивар.
„Интензивно се работи на автопатот Тетово – Гостивар. Силна динамика во комплетирањето на автопатското решение на Коридорот 8. Ја градиме Македонија“, напиша вицепремиерот Николоски на својот фејсбук профил и објави видео од изградбата.
Македонија
Одземени 7.107 парчиња пиротехнички средства на скопски Бит Пазар
Во акциска контрола за сузбивање на нелегална продажба на пиротехника се одземени 7.107 парчиња пиротехнички средства на скопски Бит Пазар, следува соодветна пријава, соопшти МВР.
Денеска (08.12.2025) полициски службеници, на влезот на Бит Пазар, пронајдоа 7.107 парчиња пиротехнички средства, кои биле поставени на три импровизирани тезги.
Пиротехничките средства се одземени и се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата кои ги продавале, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.
„И во наредниот период МВР ќе продолжи со преземање на мерки и активности за спречување на нелегалната трговија со пиротехника. Апелираме до граѓаните доколку забележат лица кои продаваат пиротехнички средства, да пријават во полициска станица или на телефонските броеви 112 и 192“, се наведува во соопштението.

