Свет
Лавров во Северна Кореја: Воената политика на САД и нивните сојузници е опасна

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, ја осуди, како што рече, опасната воена политика на САД и нивните јапонски и јужнокорејски сојузници кон Северна Кореја по разговорите во Пјонгјанг со севернокорејските лидери.
„Ние, како и нашите севернокорејски пријатели, сериозно сме загрижени поради интензивирањето на воените активности на САД, Јапонија и Јужна Кореја во регионот и политиката на Вашингтон“, рече Лавров на прес-конференција.
Според него, Американците поставуваат стратешка инфраструктура во тој регион, вклучително и нуклеарни елементи.
Лавров не даде дополнителни објаснувања. „Ние се спротивставуваме на ова опасно и неконструктивно однесување“, додаде тој.
Лавров, кој е во официјална посета на Северна Кореја, изјави дека Москва, Пекинг и Пјонгјанг се обидуваат „на конструктивен начин да предложат алтернативи за ескалација на тензиите во регионот“.
„Го поддржуваме воспоставувањето редовна фаза на преговори за безбедносни прашања на Корејскиот Полуостров, без предуслови“, изјави Лавров за новинарите.
Според Кремљ, посетата на Лавров треба да ја подготви идната посета на Путин.
Контактите меѓу двете земји ќе продолжат, изјави денеска Лавров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Шпанија со закон го забранува извозот на оружје во Израел: „Сакаме да се стави крај на геноцидот во Газа“

Шпанските пратеници денес гласаа за закон со кој се воведува ембарго за извоз на оружје во Израел, мерка што долго време ја заговараше социјалистичкиот премиер Педро Санчез за „запирање на геноцидот“ во Газа.
„За“ гласаа 178 пратеници, а 169 беа против. Малцинската влада на социјалистичкиот премиер конечно ја доби поддршката од четири пратеници од крајно левичарската партија Подемос, која не откри како ќе гласа до денеска наутро.
Шпанското ембарго е на сила од октомври 2023 година, но социјалистичката влада сакаше да ја „зацврсти правно“ одлуката.
Санчез го објави тоа на 8 септември, по што израелската влада реагираше жестоко, но Израел го повлече својот амбасадор од Шпанија во 2024 година, откако Мадрид ја призна Палестина.
Регион
Вучиќ: Турција сонува повторно да ја обнови Отоманската Империја

По пристигнувањето на турските беспилотни летала во Приштина, имаше остра реакција од српскиот претседател Александар Вучиќ, кој ја обвини Турција дека сонува за обнова на Отоманската Империја. Со овој потег, Србија премина од „златно доба“ во односите со Турција и пријателството со Ердоган на отворени политички тензии за само една година, пишува N1.
Косовскиот премиер Албин Курти претходно објави на Фејсбук дека пристигнале беспилотните летала, додавајќи дека десетици безбедносни сили веќе се обучени да ги користат.
Курти објасни дека договорот со турската компанија Бајкар бил потпишан во декември минатата година, а дроновите биле испорачани три месеци пред предвидениот рок. Тој нагласи дека Косово „продолжува да ја зајакнува ударната моќ на својата армија“ со модерна технологија.
Реагирајќи на веста, Вучиќ остро го осуди потегот на Турција, велејќи дека е „ужасен“ и дека тоа „јасно покажува дека Турција не сака стабилност на Западен Балкан“.
„Згрозен сум од однесувањето на Турција и грубото кршење на Повелбата на ОН и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, како и од континуираното вооружување на властите во Приштина. Сега е сосема јасно дека Турција не сака стабилност на Западен Балкан и дека сонува за оживување на Отоманската империја. Србија е мала земја, но ние добро ја разбравме пораката“, рече Александар Вучиќ.
Реагираше и владината Канцеларија за Косово и Метохија, а нејзиниот директор Петар Петковиќ ја повтори оценката на Вучиќ дека Србија „ја разбрала пораката“ и дека „не е случајно“ што беспилотните летала биле доставени во Косово три месеци пред предвиденото.
Турција го направи ова, смета Петковиќ, „само неколку дена пред локалните избори“, со цел да му ја обезбеди на премиерот на Приштина „потребната поддршка пред изборите на 12 октомври, за да може да продолжи да го тероризира српскиот народ“.
Петковиќ рече дека Белград „ќе продолжи одговорно да го зачувува мирот и стабилноста, и покрај вооружените сојузи што се создаваат на штета на мирот и претставуваат директна закана“.
Фото: ЕПА
Свет
Белорусија испраќа рекордни количини бензин во Русија

Белорускиот железнички извоз на бензин во Русија се зголеми за четири пати во септември во однос на претходниот месец, бидејќи Москва се справува со недостиг на гориво предизвикан од украинските напади врз нејзината енергетска инфраструктура, објавија извори од индустријата синоќа, објави „Ројтерс“.
Неколку руски региони беа принудени да воведат мерки за штедење и привремено да ги замрзнат цените на горивата во последните недели. Причината е недостигот на популарни видови бензин предизвикан од напади со беспилотни летала насочени кон рафинерии и други енергетски објекти.
Како одговор, Москва, исто така, го ограничи извозот на бензин и дизел. Ова не е првпат Русија да се потпира на соседна Белорусија, таа, исто така, го зголеми увозот на гориво минатата година за да го покрие недостигот на пазарот.
Според извори, пратките на бензин со железница од белоруските рафинерии до рускиот домашен пазар минатиот месец достигнаа 49.000 метрички тони, што е еквивалентно на 14.500 барели дневно. Заедно со бензинот, испораките на дизел во септември изнесуваа 33.000 тони.