Македонија
Грковска не ја негира ниската доверба во институциите: Во мала земја како нашата тешко е да се исфрлат од употреба „тефтерчињата“
„Напредокот кон ЕУ несомнено значи подобри услови за живеење и повеќе можности за развој за сите наши граѓани. Носи нови и посветли перспективи за народите, кои изминативе децении преживеаја многу турбулентни времиња и кризи. За жал, обременетоста со историјата на конфликти и сите надворешни и внатрешни фактори што профитираат од тој наратив и ден-денес се сопирачка што ги отежнува позитивните процеси на кои сме посветени. Директно, тоа влијае на динамиката на нашето пристапување во ЕУ, иако самата Унија е основана за да се стави крај на историските раздори на европска почва во име на иднината“, изјави заменичката на претседателот на Владата, задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на регионалниот експертски состанок за Кластерот 1 („Основни вредности“), во организација на Европското движење на Северна Македонија – Национална конвенција за ЕУ.
Грковска истакна дека големото одолжување на европскиот пат, многуте објективни, но и тенденциозно креирани кризи, ја оневозможуваат и неопходната културолошка промена кон која тежнеат сите што се посветени на борбата со корупцијата, особено во поглед на толеранцијата во општеството кон овој феномен.
„Децениското вкоренување коруптивни практики не може да се излечи и надмине толку бргу колку што би сакале. Ниту, пак, лесно може да изградите капацитети ако на вашите напори им претходело владеење, кое целосно ги заробувало и разградувало институциите. Денеска, истите тие цинично го припишуваат на денешната Влада сето она што тие свесно и плански го уништија и сметаат дека актуелните кризи и пречки ќе го избришат злоделото што ја изолира и свесно ја уназади државата“, истакна Грковска додавајќи дека не може да се негира ниската доверба во институциите, особено во правосудството и дека во мала земја како нашата, тешко е да се исфрлат од употреба „тефтерчињата“.
„Во ризичните времиња во кои живееме не смееме да дозволиме европската ориентација на нашето општество, која беше речиси акламативна, да се претвори во дезориентација со ризични импликации“, изјави Грковска и порача дека заедно со нашите европски пријатели мора да го сопреме порастот на недемократски и авторитарни влијанија, кои ја намалуваат поддршката за членство во ЕУ.
Денешниот регионален состанок е во рамките на проектот „Правдата нека владее со регионот“, спроведуван од постојните структури на Националната конвенција за Европската Унија, партиципативен модел на дијалог, кој функционира во Србија, Албанија и Северна Македонија и е насочен кон демократизација на процесот на интеграција во ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минчев: Јавната администрација влегува во дигитална ера на отчетност и мерливи резултати
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, се обрати на настанот “Промоција на новата ИТ алатка за следење на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023–2030”, организиран од страна на Министерството за јавна администрација, а со поддршка од Регионалното училиште за јавна администрација (РеСПА).
Настанот обедини високи претставници од државните институции, дипломатскиот кор, меѓународни и регионални организации, јавни службеници, како и претставници на граѓанскиот сектор.
Во своето обраќање, министерот Минчев истакна дека реформата на јавната администрација е јасна и цврста политичка заложба на Владата, насочена кон конкретни резултати во интерес на граѓаните и европската иднина на државата. Новата ИТ алатка, како што нагласи тој, претставува системска промена во начинот на планирање, спроведување и следење на јавните политики.
„Ова не е техничка новина, туку системска промена во начинот на кој државата планира, спроведува и мери политики. Со поддршка на РЕСПА – Регионалното училиште за јавна администрација, и преку вградување на европски и регионални добри практики, воспоставивме дигитално решение што ги зајакнува капацитетите на јавните институции и воведува јасни стандарди на работа, отчетност и координација. “, истакна министерот Минчев
Министерот потенцираше дека со оваа алатка се овозможува прецизно следење на реформските активности, јасна распределба на институционалните одговорности и носење одлуки засновани на податоци.
„Со ова решение, ја враќаме контролата таму каде што припаѓа – кај јавноста и ставаме крај на политиките без резултати и ветувањата без отчет“, нагласи Минчев.
На настанот се обрати и директорката на Регионалното училиште за јавна администрација (РЕСПА), Маја Ханџиска Трендафилова, која ја истакна важноста на регионалната соработка и примената на европските добри практики во процесот на реформа на јавната администрација. Свои излагања имаа и Маја Рисова Мутлулар, шеф на кабинетот на министерот за јавна администрација и Мартин Тодевски, експерт од РЕСПА, кои ги презентираа клучните функционалности и практичните придобивки од ИТ алатката.
Настанот вклучи и панел-дискусија посветена на зголемување на транспарентноста преку иновации и дигитализација, со учество на претставници од академската заедница, извршната власт и независните институции.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Обвинителството треба да истражи каде завршиле речиси 1 милион евра од „Државната лотарија“
Криминалите во Лотарија под раководство на Бајрами и неговиот гуру Груби, а дозволено од страна на СДС се потврди и во извештајот на Државниот завод за ревизија, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Државната ревизија утврдила дека Лотарија, под покровителство на Груби и Бајрами, а одобрено од СДС, директно исплаќала аванси за мали добивки на деловни соработници, односно 320 правни лица во износ од близу 14 милиони денари без да го користи пропишаниот „Мастер дилер’’. Од вкупните 14 милиони денари, за 13 милиони денари или нешто над 210.000 евра, во извештајот се вели дека документацијата е неуредна, невалидна или недостасува. Дополнително, ревизијата оценила дека документацијата е спорна и неверодостојна и во делот на готовински одливи од 36,5 милиони денари или 600.000 евра и приливи од близу 8 милиони денари или 130.000 евра“, рече тој.
А притоа, додаде Петрушевски, вреди да се напомене дека во Државната Лотарија во тој период кога се случувале овие злоупотреби, немало внатрешен ревизор.
„Јавното обвинителство треба да истражи каде завршиле близу 1 милион евра од Државна Лотарија? Дали тие пари завршувале во џебовите на Груби и Бајрами? Дали постои случај на перење на пари од нивна страна? Зошто СДС иако знаела што се случувало во Лотарија, молчела и не преземала ништо? Дали за опстанок на власт, СДС ги замижувал овие криминали? Доколку ВМРО-ДПМНЕ не излезеше во јавноста за случајот со Државна Лотарија и не станеше предмет на јавен интерес, јавниот обвинител Коцевски можеби и овие пријави ќе ги чуваше во фиока“, рече Петрушевски.
Македонија
Манасиевски: Наместо нов кадар, Филипче ги врати старите истрошени кадри од времето на Заев и Ковачевски
По само еден ден од старо-новото раководство на Заев, изгласано од Филипче, летаат оставки од општински организации на СДС и бараат оставки од Филипче, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„По толку помпезното најавување од страна на Филипче за реформи во СДС, тој го тргна Зоран и го стави Заев на неговото место. Наместо свеж, чист и нов кадар, тој ги врати старите истрошени кадри од времето на Заев и Ковачевски. Филип Андов, Јон Фрчковски, Јованка Тренчевска, Андреј Жерновски, Љупчо Фармаковски, Александар Наумоски се таканаречените нови лица на СДС. Луѓе полни со скандали, со лошо минато, луѓе без кредибилитет, луѓе кои не испорачаа кога им беше побарано од граѓаните. Некомпетентни и неквалитетни кадри“, рече тој.
А дека бродот во СДС тоне, кажа Манасиевски, доказ за тоа се неколку оставки од општински организации од Ѓорче, до Битола и Крива Паланка.
„Оставки од Филипче се бараат на секој чекор, а тој гордо ги продолжува да ги исполнува задачите кои му ги дава Зоран Заев. Реформите во СДС ќе дојдат само со формална оставка на Филипче и претседателот во сенка Зоран Заев“, рече Манасиевски.

