Свет
Нетанјаху на удар на Израелците: „Ја остави ќерка ми да умре, тоа нема да го заборавам“
Се појасни критики и многубројни прашања доаѓаат на сметка на израелските власти, пред сè, на сметка на Нетанјаху, откако помина првичниот шок по терористичкиот напад.
На само 800 метри од границата со Газа, Нахал Оз беше една од првите цели на Хамас на тој тажен 7 октомври. Настаните од тоа утро се болно врежани во сеќавањето на Елад Потерман и Ади Чери, кои го преживеаја нападот и веднаш го напуштија Израел и сега се во Белгија, пишува „Политико“.
Нивниот став е дека израелските власти ги предале. Не само тие, сите жртви на масакрот. Тие ја обвинуваат непријателската политика кон Палестина за зајакнување на радикализмот, кој ја поткопа безбедноста на Израел и Израелците.
„Треба да кажеме дека ни е жал и да признаеме дека нè изневери. Треба да се каже дека поради него и неговата гордост беа убиени луѓе или како нас едвај преживеаја“, вели Чери, 45-годишна белгиско-израелска здравствена економистка.
Таа и Елад се спасиле така што се заклучиле во сигурни соби за време на нападот и поминале таму 12 часа додека не се појавиле припадници на израелската армија. Во текот на тие мачни часови, се сеќаваат тие, ракети летаа над главата, терористите на Хамас упаднаа во куќите низ кибуцот извикувајќи „Алаху акбар“ и „Убијте ги Евреите“, а потоа отворија оган.
„Користеа деца и тинејџери како мамка. Биле принудени да тропаат по вратите од куќите и да бараат помош за да не бидат убиени, а доколку некој им ја отвори вратата терористите би ги убиле или ги земале како заложници. Ние би го направиле истото со тие деца и тинејџери доколку во близина немаше повеќе врати на кои ќе тропаа“, раскажува Елад Потерман (40).
Додека чекал помош во безбедната соба, тој на „Фејсбук“ објавил дека тој, неговата сопруга Марија и нивната седуммесечна ќерка биле затворени „со терористи и никој не доаѓа да им помогне“. Тој држел секира и нож во рацете додека чекал до вратата, подготвен да ги нападне оние што ќе влезат внатре.
До неодамна работеше како учител, од безбедната соба ја праќаше, како што веруваше, последната објава на Фејсбук „Половина час сме затворени со терористи дома, никој не доаѓа“. Ниту тој ниту неговата сопруга не очекувала да преживеат.
Во друга безбедна просторија, Чери и нејзиниот сопруг Орен и нивните три деца ја забарикадираа вратата најдобро што можеа со мебелот што го најдоа во близина. Тие преживеаја со чиста среќа и сопствените способности. Затоа се чувствуваат изневерени, пренесува медиумот.
Според нив, причините за таквиот безбедносен пропуст на највисоките нивоа сè уште се нејасни и претставуваат голем срам за администрацијата на Нетанјаху.
„Ја оставија ќерка ми да умре. Тоа никогаш нема да го заборавам. Со свои раце ќе ги исфрлам од Кнесетот. Веќе почнав да организирам еден куп луѓе од тој крај, кои се напуштени и сакаат да го прават токму тоа“, вели Потерман, кој во иднина планира да се врати во кибуцот и да го обнови својот живот.
Потерман, како и бројните противници и критичари на политиката на Нетанјаху, го нагласуваат неговиот антагонизам кон Палестинците.
„Тој е во коалиција со екстремно десничарските партии, а неговиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир е осуден за антиарапски расизам. Два дена пред нападот, човек од Верската ционистичка партија Хатзионут Хадатит изградил колиба на Западниот Брег, иако тоа не е израелска територија. Тој потег беше ПР-трик за да го измамиме народот на Израел дека ние сме земјопоседници таму и дека можеме да правиме што сакаме“, рече тој.
„Ние сме на работ на граѓанска војна и тоа е дело на Нетанјаху. Проблемот е што, голем дел од населението со години е подготвено да ги повторува лагите кажани од политичарите“, вели Потерман и заклучува:
„Она што ги одржува овие режими е подготвеноста на луѓето да лажат. Во моментот кога тие не се подготвени да лажат и кога ќе се дознае дека кралот е всушност гол, сè брзо им пропаѓа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Словачките лидери едногласни: Крај на воената помош за Украина
Највисоките словачки функционери – претседателот Петер Пелегрини, премиерот Роберт Фицо и претседателот на парламентот Рихард Раши – потврдија единство околу клучните надворешнополитички и внатрешни прашања. По заедничка средба, тие соопштија дека Словачка повеќе нема да ѝ дава воена помош на Украина, нема да испраќа војници и нема да учествува во плановите на ЕУ, пренесе Актуалити.ск.
„Задачата на тројцата највисоки уставни функционери е да испратат сигнал дека е можно да се води културна политика и култивиран дијалог и дека мора да се најде заеднички пат и заеднички одлуки за доброто на Словачката Република“, изјави претседателот Пелегрини. Тој додаде дека средбата покажала оти можат да разговараат отворено, конструктивно и прагматично за сите прашања.
Според Пелегрини, тројцата се единствени и во оценката за воената кампања на САД во Венецуела, која ја сметаат за грубо кршење на меѓународното право. Потврдена е и согласноста дека Словачка треба да има претставник на разговорите на таканаречената „коалиција на подготвените“, но со непроменет став: земјата нема да ја поддржува Украина воено, нема да испраќа војници и нема да учествува во гаранции за голем заем од Европска комисија.
Сите тројца истакнаа дека Европска Унија е животен простор за Словачка, во кој сака да остане. Сепак, Фицо предупреди дека Унијата никогаш не била во подлабока криза.
„Не би сакал Словачка во оваа криза во ЕУ да трча како ранета и да стане жртва на големи поместувања што можат да се случат во Европа“, рече Фицо. Тој укажа и на распадот на светскиот поредок и на почитувањето на меѓународното право, наведувајќи ја енергетската безбедност како дополнителен предизвик.
Премиерот оцени дека е важно Словачка да настапува суверено во Европа и во светот. „Ги повикувам сите во владејачката коалиција, и покрај внатрешните несогласувања, да се обединиме и да претставуваме храбра и суверена државна политика што ќе ја штити Словачка во овие тешки времиња“, изјави Фицо.
Тој додаде дека разликите во мислењата се можни, но дека кога станува збор за суверенитетот, позицијата и безбедноста на државата, сите мора да „влечат на иста страна“. Доколку опозицијата е подготвена да учествува во таков пристап, ќе биде добредојдена.
Претседателот на парламентот Рихард Раши истакна дека тројцата функционери можат да се договорат за решавање на сериозни надворешнополитички и внатрешни прашања. Тој наведе дека нема суштински проблеми меѓу нив и дека по многу теми имаат слични ставови.
Раши додаде дека разговарале и за функционирањето на Вишеградската група и Славковскиот формат, при што Словачка ќе бара заеднички позиции со тие земји. Како тема било отворено и работењето на парламентот, а Раши потврди дека измените на деловникот мора да бидат прва точка на следната седница.
Фото:Depositphotos
Свет
Претседателката на Молдавија: На референдум би гласала за обединување со Романија
Претседателката на Молдавија, Маја Санду, изјави дека би гласала за обединување со Романија доколку тоа прашање некогаш се најде на референдум, нагласувајќи дека за Молдавија станува сѐ потешко да „опстои“ како самостојна држава.
Молдавија, земја со околу 2,4 милиони жители сместена меѓу Романија и Украина, во последните години стана цел на руско хибридно дејствување, вклучувајќи кампањи на дезинформации и манипулации со избори, пишува Политико.
„Ако имаме референдум, јас би гласала за обединување со Романија“, изјави Санду, лидерка на проевропската влада во Кишињев, гостувајќи во британскиот подкаст The Rest Is Politics.
„Погледнете што денес се случува околу Молдавија. Погледнете што се случува во светот. Сѐ е потешко и потешко за мала земја како Молдавија да опстои како демократија, како суверена држава и, секако, да се спротивстави на Русија“, нагласи таа.
Молдавија била дел од Романија од 1918 до 1940 година, кога била анектирана од Советскиот Сојуз. Независност прогласи во 1991 година.
На референдумот одржан во 2024 година, тесно мнозинство граѓани на Молдавија – 50,4 проценти – се изјаснија за членство во Европска Унија. На паралелните претседателски избори, Санду освои втор мандат со околу 55 проценти од гласовите, победувајќи противкандидатка со проруски ставови.
Иако отворено ја изрази својата лична поддршка за идејата за обединување, Санду нагласи дека таа опција во моментов нема мнозинска поддршка во Молдавија, за разлика од членството во Европската Унија, за кое земјата официјално поднесе барање во 2022 година.
Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека околу две третини од граѓаните на Молдавија се против обединување со Романија, додека поддршката за таа идеја традиционално е значително поголема во Романија.
Свет
Германија предупредува: Плановите на Трамп за Гренланд може да го загрозат НАТО
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека сојузниците во НАТО мора да соработуваат кога станува збор за безбедноста и дека Гренланд и Данска треба да одлучат за иднината на островот, за кој американскиот претседател Доналд Трамп вели дека треба да им припадне на САД.
Коментарите на Вадефул следеа по средбата со американскиот државен секретар Марко Рубио, во услови на зголемени тензии околу намерите на Вашингтон кон Гренланд, автономен регион на Данска, за која Трамп тврди дека е од витално значење за безбедноста на САД.
Вадефул изјави дека разговорите со Рубио биле пријателски и интензивни и дека ја нагласиле важноста на сојузот меѓу европските земји и САД. Сепак, тој го повтори ставот на други европски политичари, отфрлајќи ја отворената намера на Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд, со што им пркоси на сојузниците во НАТО.
„Безбедноста во северниот Атлантик ќе ја зајакнеме само ако работиме заедно, солидарно и обединето“, им изјави тој на новинарите. „Затоа, кога станува збор за прашањата што се однесуваат на Гренланд и Данска, на Гренланд е да одлучи – на луѓето на Гренланд е да одлучат.“
Спорот околу Гренланд ги засили стравувањата во Европа за иднината на НАТО-сојузот, за кој данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека би бил доведен до крај доколку САД го заземат островот.
Вадефул рече дека тој и Рубио се согласиле за важноста на сојузот во напорите да се обезбеди траен мир во Украина, додавајќи дека двајцата се посветени на таканаречените одредби од членот 5 на НАТО-договорот, кои ги обврзуваат земјите членки да ја бранат нападнатата членка.
„И во овој период на неизвесност и кризи, тоа е од пресудно значење. Ова е јасен сигнал до Русија дека не треба да се обидува да го загрози НАТО-сојузот“, изјави тој.
Фото: Depositphotos

