Свет
Лекар од болница во Газа: Ако нешто не се преземе, може да умрат 55 бебиња
Доктор од болницата Ал-Шифа изјави за Би-би-си за тешките услови со кои се соочуваат. Неговото интервју беше направено неколку часа, пред последните експлозии во близина на Ал Шифа, главниот медицински центар во областа.
Во болницата останаа без завои за превивање на рани, како и игли и шипки за фиксирање на скршеници, вели др. Гасан Абу Ситах.
„Системот и понатаму се распаѓа. Имаме се повеќе повредени“, вели тој.
Загрижува и снабдувањето со електрична енергија, особено за пациентите кои се на интензивна нега. „Без струја, оваа болница е само масовна гробница“, вели тој.
Персоналот во болницата работи во смени од 16 до 18 часа, додаде тој.
Болниците низ Газа се очајни за резерви, и покрај првите 20 камиони со помош кои пристигнаа од Египет во саботата, никакво гориво не влезе во Газа од почетокот на конфликтот. Не е познато дали вториот круг камиони кои синоќа влегоа во Газа успеале да влезе и гориво.
Во неделата, УНИЦЕФ предупреди дека 120 бебиња во инкубатори, вклучително и 70 предвремено родени бебиња, исто така, на респиратори, зависат од машините поврзани со резервните генератори инсталирани кога Газа се снабдувала со електрична енергија од Израел.
Директорот на добротворната организација Медицинска помош за Палестинците во Газа, Фикр Шалтут, рече дека предвремено родените бебиња можеби нема да преживеат ако генераторите престанат да работат.
„На одделението има бебе старо 32 недели, кое лекарите успеаја да го спасат откако мајката беше убиена во воздушен напад. Мајката и целото семејство починаа, но бебето беше спасено“, изјави за Би-би-си.
Состојбата во веќе споменатата болница Ал Шифа е особено тешка. Шефот на одделот за неонатална нега, др. Насер Булбул рече дека има недостиг на есенцијални лекови и дека може да остане без гориво во следните 48 часа, што ќе предизвика прекин на електричната енергија. Во одделот работат само десет респиратори.
„Ги повикуваме сите да ги испратат потребните медицински материјали за ова критично одделение или во спротивно ќе се соочиме со голема катастрофа. Ако снема струја, во одделение каде што има 55 бебиња, ќе ги изгубиме сите оние на кои им треба струја во рок од пет минути“, изјави тој за Ројтерс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Португалија планира забрана за социјални мрежи за деца под 16 години
Португалија планира да воведе забрана за користење социјални мрежи за деца помлади од 16 години, според предлог-закон поднесен во парламентот по примерот на Австралија и Франција. Со законот се воведува таканаречена „дигитална полнолетност“ на 16 години.
За тинејџерите од 13 до 16 години, пристапот до социјалните мрежи би бил дозволен само со согласност од родителите, а платформите би морале да воведат системи за проверка на возраста и родителско одобрување, усогласени со државниот софтвер.
Предлагачите наведуваат дека научните истражувања покажуваат дека раната употреба на социјални мрежи може негативно да влијае врз социјалниот и когнитивниот развој на децата и да поттикне зависност.
Предлогот е дел од поширок европски тренд за заштита на младите на интернет, откако Австралија воведе ваква забрана, а Франција неодамна изгласа ограничување за деца под 15 години. И други европски земји се залагаат за заедничко решение на ниво на ЕУ.
Свет
Иран изрази подготвеност за преговори со САД за нуклеарната програма
Иран изрази подготвеност за преговори со САД за нуклеарната програма, во време на зголемени воени тензии и засилено американско воено присуство во регионот, пишува Гардијан.
Иранскиот министер за надворешни работи Абaс Аракчи навести дека разговорите би можеле да започнат наскоро, додека американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека со Иран се водат „сериозни разговори“.
Според иранската агенција Фарс, претседателот Масуд Пезешкијан дал налог да започнат нуклеарни преговори со САД. Американски и ирански изасланици би можеле да се сретнат во Истанбул, заедно со претставници од неколку арапски и муслимански земји, со цел да се разговара за можен нов нуклеарен договор.
Разговорите доаѓаат по сериозни воени судири и напади врз ирански нуклеарни постројки минатата година, како и по стотици ракетни напади на Израел. САД во меѓувреме распоредија носачи на авиони, воени бродови и борбени авиони во регионот. Трамп бара нов договор со кој би се запрела продукцијата на високо збогатен ураниум.
Истовремено, во Иран расте загриженоста дека евентуален ограничен американски напад би можел да предизвика нов бран протести и дополнителна дестабилизација, додека регионалните актери се подготвуваат за можни сценарија на ескалација.
Свет
Епстин со години се обидувал да дојде до Путин, покажуваат новите документи
Во новообјавените документи на американското Министерство за правда, поврзани со случајот на Џефри Епстин, името на рускиот претседател Владимир Путин се споменува повеќе од 1.000 пати.
Документите содржат бројни електронски пораки во кои Џефри Епстин се распрашува за можноста за средба со Путин и се повикува на лица кои ги опишува како негови блиски контакти.
Во електронска порака од октомври 2010 година, испратена до лице чија адреса е сокриена, тој прашал: „Дали го имаше Путин на својот брод?“.
Подоцна истата година, при поднесување барање за руска виза, наводно напишал: „Дали треба да извадам виза? Имам пријател на Путин, дали него да го прашам?“. Во август 2011 година, на еден бизнисмен од Обединетите Арапски Емирати му напишал дека „Путин можеби доаѓа во САД. Попрво би го видел таму, така што Сочи е малку веројатно“.
Епстин во повеќе наврати му пишувал на Торбјорн Јагланд, тогашен генерален секретар на Советот на Европа и поранешен норвешки премиер, за можноста за средба со Путин. Така, во мај 2013 година му јавил дека Бил Гејтс ќе биде во Париз и додал: „Путин е добредојден да ни се придружи на вечера“.
Во јануари 2014 година го замолил Јагланд да „му објасни на Путин дека на Русија ѝ е потребна понапредна верзија на Биткоин“, а во јули 2015 година напишал дека „сè уште сака да се сретне со Путин и да разговара за економијата“. Во јуни 2018 година напишал дека би „сакал“ да го запознае Путин и понудил средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, наведувајќи дека претходно се среќавал со рускиот амбасадор при ОН, Виталиј Чуркин.
Во еден извештај на ФБИ од 2017 година, базиран на доверлив извор, Епстин е наведен како „финансиски советник“ на Путин и на други странски лидери.
Материјалите, кои опфаќаат милиони страници документи, фотографии и видеа, се дел од долготрајната истрага за криминалните активности на Епстин.

