Македонија
Превентивни активности на МВР насочени на децата, лицата мигранти и на самозаштита од имотни деликти
Во текот на вчерашниот ден на подрачјата на Секторите за внатрешни работи Скопје и Куманово, како и на Регионалниот центар за гранични работи Југ, поточно на Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица беа реализирани превентивни активности, извести МВР.
„Така, во заедничка соработка на СВР Скопје и Полициско одделение Сарај беа организирани активности на подрачјето на ЕВР Ѓорче Петров, при што од страна на инспектори на паркинг просторот во близина на излетничко-туристичкиот центар „Кањон Матка“ беа остварени средби со граѓаните кои ја посетија Матка. Целта на оваа превентивна активност беше спречување и намалување на кривичните дела поврзани со имотни деликти, во насока на зголемување на нивото на самозаштита и поголема безбедносна култура кај граѓаните посебно за „тешки кражби од моторни возила“. Притоа, граѓаните беа советувани да не оставаат вредни предмети во паркираните возила, особено торби со вредни предмети, лаптопи, паричници за да го намалат ризикот да станат цел на тешка кражба во нивното моторно возило“, велат од МВР.

„Во фокусот на превентивната активност на Отсекот за превенција при СВР Куманово во соработка со Општински совет за детско престапништво беа младите, поточно учениците од прво до трето одделение во основните училишта во Куманово, кои на спортски терен пред општинското ОУ„Крсте Петков Мисирков” во Куманово, учествуваа и се натпреваруваа во „Игри без граници“. Целта беше низ игра, забава и меѓусебно дружење кај учениците да се подигне на свесноста за благодатите кои им ги носи спортот, но и да се укаже на задачата која ја има полицијата во зголемување на безбедноста во заедницата и околу училиштата, која е примарна за безгрижно поминати училишни денови.
„Илегална миграција и права на лицата мигранти“ беше тема на превентивната активност спроведена во Прифатно-транзитниот центар „Винојуг“ во Гевгелија од страна на полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Југ, заедно со полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица. Притоа, полициските службеници реализираа едукативни средби со лицата мигранти кои се моментално сместени во овој прифатно-транзитен центар, на кои низ непосреден разговор им ги презентираа одредбите од Законот за меѓународна и привремена заштита и за правото на азил, а беа споделени и едукативни летоци на повеќе јазици со корисни содржини во однос на нивните права“, се наведува во соопштението од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апелација ја зголеми затворската казна за двајцата директори поради пожарот во модуларната болница во Тетово
Апелационен суд Гостивар ја преиначи пресудата за случајот со модуларната болница во Тетово и на двајцата обвинети им ја зголеми затворската казна од една и пол на по три години. Истовремено е зголемена и паричната казна што треба да ја плати обвинетото правно лице – ЈЗУ Клиничка болница Тетово.
Осудените директори Фљорин Бесими и Артан Етеми се огласени за виновни за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“. Судот оцени дека изречените санкции соодветствуваат на тежината на делото и последиците.
Во пожарот во Модуларната болница во 2021 година загинаа 14 лица, од кои 12 пациенти кои се лекувале од Ковид-19, и двајца роднини на хоспитализираните.
Македонија
Бугарија понуди мазут за Македонија, од Владата уверуваат дека не е потребна надворешна помош
Бугарија ѝ понудила на Македонија итни залихи на мазут, со цел да помогне во надминување на кризата во снабдувањето со електрична енергија, објави БНТ. Според бугарските медиуми, по проверка на залихите било утврдено дека земјата располага со доволни количини за сопствените потреби и може да ѝ помогне на Македонија во услови на кризна состојба во енергетиката.
Како што пренесува БНТ, понудата била дадена по телефонски разговор меѓу бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев и македонскиот министер Тимчо Муцунски, при што било нагласено дека помошта е израз на добрососедство и солидарност, со цел обезбедување енергетска безбедност и стабилност во регионот.
Од македонската Влада, пак, за Дојче Веле изјавиле дека државата засега не планира да ја прифати понудената помош. Според Владата, Македонија во моментов располага со доволни сопствени капацитети и не се наоѓа во состојба во која би имало потреба од ваков тип надворешна поддршка.
Владата на редовна владина седница донесе одлука за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија на целата територија на државата во рок од 7 дена од денот на влегување во сила на оваа одлука. Како што информираа, оваа одлука произлегува поради неможноста за набавка на мазут кој е неопходен во делот на производството.
depositphotos
Македонија
СДСМ обвини за политички прогон и дефокус со кривични пријави
Од СДСМ денеска обвинија дека поднесувањето кривични пријави претставува обид за дефокусирање на јавноста од, како што наведуваат, криминалите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштение до јавноста, од СДСМ посочуваат дека, според нив, секогаш кога владејачката партија е „фатена во криминални тендери, поскапа струја, мигранти за пари или резолуции против слободата на говор“, се користат методи за одвлекување на вниманието преку лажни вести или кривични пријави.
„Последниот пример е поднесената кривична пријава од МВР за поранешниот градоначалник на СДСМ од Пробиштип и тоа за поништено решение од негова страна“, наведуваат од партијата.
Како дополнителен аргумент за, како што велат, класичен дефокус, од СДСМ посочуваат на настан што се случил пред два дена, при инспекциска контрола на објект во сопственост на началникот на ОВР Пробиштип, каде, според нив, биле утврдени низа неправилности. Во соопштението се наведува дека објектот од намена училиште бил пренаменет во ресторан, со узурпација на државно земјиште, за што, како што тврдат, постојат претходни постапки и правосилна судска пресуда.
„Ова е класичен политички прогон и обид за дефокусирање на вниманието на јавноста“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека, според нив, ваквите обиди нема да успеат.

