Македонија
(Видео) Колева: СДСМ им ги покачи платите на наставниците 55 отсто, ги вреднуваме трудот и одговорната работа
Во изминатите години СДСМ на дело покажа како се вреднува одговорната работа на наставниот кадар во образованието.
Од 2017 година до денеска СДСМ ги зголеми платите на наставниците за 55 %. Само во септември платите на наставниците се покачени 15 отсто, истакна на денешната прес-конференција Даниела Колева, пратеничка на СДСМ.
„Со зголемени почетни плати, коефициент на сложеност и минат труд, платите на наставниците со искуство денеска достигнуваат над 40.000 денари.
Од оваа година наставниците добиваат и 10.000 денари К15, односно регрес за годишен одмор, првпат по 20 години.
Дополнително, од в година регресот за годишен одмор ќе биде 30 % од просечната плата.
Резултатите на СДСМ, за разликата од лошите, погубни политики на ДПМНЕ во образованието, се јасни и очигледни“, истакна таа.
СДСМ, како што рече, за 6 години ги покачи платите на наставниците 55 отсто, а ДПМНЕ за 11 години само 4 проценти. ДПМНЕ, според неа, ги понижуваше наставниците и го рушеше нивното достоинство.
Оцени дека платите во образованието растат значително и ќе продолжат, како што најави, да растат и понатаму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЕСМ го одбележува 60-годишниот јубилеј на хидроелектраната „Глобочица“ – шест децении енергија, традиција и напредок
АД ЕСМ и подружницата ХЕС „Црн Дрим“ денеска свечено го одбележаа големиот јубилеј – 60 години од пуштањето во употреба на хидроелектраната „Глобочица“, капитален проект од непроценливо значење за македонскиот електроенергетски систем.
Хидроелектраната „Глобочица“, дел од хидросистемот „Црн Дрим“, е пуштена во работа на 4 ноември 1965 година. Со инсталирана моќност од 42,5 MW, таа во изминативе шест децении произведе повеќе од 10.367 GWh електрична енергија, Средното годишно производство изнесува 175 GWh, а максималното е забележано во 2010 година – 292 GWh.
Во рамките на развојните програми на компанијата, „Глобочица“ претрпе повеќе ревитализации, со што нејзината првична инсталирана моќност е зголемена за дополнителни 9 MW. Денес, електраната претставува пример за успешно спојување на инженерската визија и одржливиот развој, обезбедувајќи чиста, обновлива енергија и намалување на јаглеродниот отпечаток.

Во рамките на Свечената академија, генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев најави капитален проект кој ги опфаќа хидроелектраните Глобочица и Шпилје.
„До крајот на годинава очекуваме почеток со реализација на капиталниот проект „Ревитализација на хидроелектраните“ – Фаза 3, од кои една од главните придобивки ќе биде зголемување на вкупното производство од хидроенергија за 50 GWh, годишно. Од реализацијата на овој проект, најголема придобивка ќе имаат токму ХЕ „Глобочица“ и ХЕ „Шпилје“. Со овој зафат, гарантираме продолжување на нивниот животен век за најмалку уште три децении“ нагласи Узунчев.
Директорот на Подружницата ХЕС „Црн Дрим“, Гоце Божиновски, во своето обраќање пред присутните нагласи:
„Денес славиме 60 години од првите киловат-часови произведени во ХЕ „Глобочица“ – електрана која не е само инженерско чудо, туку и симбол на визија, истрајност и иновативен дух. „Глобочица“ е животна лекција дека човечката визија и природата можат хармонично да соработуваат. Оваа електрана останува трајно сведоштво за силата на знаењето, посветеноста и трудот на генерациите што ја создадоа и ја одржуваат.“, рече Божиновски.
АД ЕСМ и ХЕС „Црн Дрим“ изразуваат искрена благодарност до сите поранешни и сегашни вработени, инженери и техничари кои во изминатите шест децении го вложиле своето знаење и труд во развојот и одржувањето на хидроелектраната „Глобочица“.
Компанијата останува целосно посветена на својата зелена агенда – модернизација и изградба на нови обновливи извори на енергија, кои ќе обезбедат стабилна и одржлива енергетска иднина за Македонија.
Македонија
Беким Сали ќе го наследи Изет Меџити како прв вицепремиер
Портпаролот на коалицијата ВРЕДИ, Дритон Сулејмани, денеска потврди дека Беким Сали ќе биде новиот прв вицепремиер, на местото на Изет Меџити кој стана градоначалник на Општина Чаир.
За нов министер за животна средина и просторно планирање, на местото на Меџити, сè уште се одлучува.
Беким Сали претходно беше министер за здравство од 2022 до 2023 година.
Сулејмани истакна дека ВРЕДИ ќе продолжи да функционира како единствен политички субјект, без поделби по партии, како и досега.
Во осврт на изборните резултати, тој оцени дека локалните избори ја потврдиле новата политичка реалност во земјата и дека ВРЕДИ станува втора политичка сила на државно ниво, со доминација во албанскиот политички блок.
Како примери на успех, Сулејмани ги посочи победите на Билал Касами во Тетово, Фети Абази во Боговиње и Даут Мемиши во Теарце, а резултатот во Чаир го нарече јасна порака од граѓаните против старите политики.
Македонија
Утре променливо облачно време, од четврток до понеделник дожд, најавува УХМР
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 8, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремен слаб дожд. Ќе дува умерен, северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во среда и четврток во утринските часови има услови за појава на магла. Под влијание на влажна воздушна маса, од четврток од вечерните часови па се до понеделник, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, наместа пообилни.

