Македонија
Татко и две мали деца се меѓу петте македонски државјани што чекаат евакуација од Газа

Македонските власти се обидуваат да евакуираат петмина наши државјани од Газа, брачен пар и татко со две мали деца, изјави идниот македонски амбасадор во Тел Авив, Шпенд Садики, пред пратениците на Комисијата за надворешни работи во Собранието.
„Тоа го правиме секојдневно. Беа двајца, еден брачен пар, и последната бројка е пет. Татко и две мали деца. Дел од кризниот штаб сега е фокусиран на Газа во обид да се извлечат тие пет луѓе. Она што е невозможно ние да влијаеме е одлуката кога ќе се отвори границата. Таа одлука зависи од Египет и делумно и од Израел. Во комуникација сме секојдневна со нашата вршителка на работи во Каиро, Елма, и со Мачеј, во Тел Авив, и со нашите државјани“, рече Садики.
Новиот амбасадор информира дека се издадени патни листови за децата што немале пасош, а мајката на децата е палестински државјанин и за неа е издадена виза.
„Ќе зависи од египетските власти дали ќе дозволат таа да излезе од земјата. И ние ќе инсистираме. Амбасадата во Тел Авив не е акредитирана за палестинските територии. Неколку држави имаат формални релации со нив, но ние немаме и тоа е политичка одлука, но конзуларна заштита за Западниот Брег нудиме од Амбасадата во Тел Авив, а за Газа преку Амбасадата во Египет“, рече Садики.
Пратеникот на ВМРО, Антонијо Милошоски, рече дека треба да се зачува плодната соработка што ја имаме со Израел и да ги зачуваме интересите на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во Волково ќе се реконструира пат кон железничката станица, најави градоначалникот Стојкоски

Општина Ѓорче Петров продолжува со активности за подобрување на локалната инфраструктура.
Утринава беше извршен теренски увид во Волково, каде што во наредниот период ќе се реализира реконструкција на патот на пруга, крак на улица 100, со продолжение на улицата што води кон железничката станица, известува Општината.
„Создаваме навремени услови за подостапен пристап до јавниот транспорт во овој дел од општината. Подобрата поврзаност е предуслов за развој и за унапредување на секојдневието на жителите“, истакна градоначалникот Александар Стојкоски.
Со овој зафат, се унапредува пристапот до железничкиот транспорт, а истовремено се подобрува и вкупната сообраќајна поврзаност во Волково, додаваат од Општината.
Македонија
(Фото) На Богородица и на скопскиот аеродром спречени обиди за шверц на цигари и тутун, над 𝟧 илјади алатки за тетовирање, мотоцикл, фалсификати и друго

Во текот на минатите две недели, царинските службеници открија неколку обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани опрема и средства за тетовирање, цигари, тутун, моторцикл, делови за прозорци и фалсификувана стока.
Царински службеници во Царинската испостава Струмица запленија мотоцикл „Априлиа“ откако по поднесената увозна декларација со сите пропратни документи било увидено дека се работи за друг моторцикл за кој увозникот не поседувал никаков документ. Против сторителот е покрената прекршочна постапка.
Службата за мобилни скенери при контрола на товарно моторно возило управувано од македонски државјанин заплени 5.476 парчиња игли, мастила, и други алатки за тетовирање за коишто возачот не поседувал никаква документација. Стоката е откриена во четири пакети кои се наоѓале во кабината на возилото на горниот кревет за кои возачот изјавил дека не поседува увозна документација.
18 штеки цигари без акцизни маркички и 20 кутии тутун од по 30г и 50г, се откриени на Меѓународниот Аеродром Скопје, при рентген контрола на чекиран багаж на патник кој имал намера да отпатува со лет за Лондон. Непријавените кутии цигари се пронајдени кај македонски државјанин кој со себе носел само бугарски пасош. Непријавените цигари се запленети, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Царински службеници во два случаи запленија 56 штеки и дополнително уште 9 кутии цигари.
Еден од случаите е откриен во соработка со МВР, при што запленети се 44 штеки цигари и 9 кутии цигари без акцизни маркички, пронајдени во близина на граничната линија сокриени во грмушки.
Во вториот случај, запленети се 12 штеки цигари откриени во товарно моторно возило товарено со стока пријавена за увозно царинење.
Мобилни царински тимови на влез во државава на граничниот премин Богородица, во багажникот на автомобил открија 238 разни производи (штитници за колена, делови за автомобили, депилатори, играчки, организери за шминки, пили со ланец, соларни рефлектори, алат и друго).
5.000 пластични делови за прозорци се пронајдени во две картонски кутии сместени на горниот кревет во кабината на камион со албански регистарски таблички, управуван од албански државјанин кој се пријавил за влез во државата на граничниот премин Деве Баир.
3.755 пара детски сандали, 64 колички и 24 детски велосипеди, со ознаки на заштитени трговски марки се откриени од страна на мобилните царински тимови на излез од државата на граничниот премин Блаце. Стоката е пронајдена при контрола на контејнер натоварен на камион со косовски регистарски таблички. Поради сомневање дека производите повредуваат права од интелектуална сопственост, истите се привремено задржани и поведена е постапка за утврдување на нивната оригиналност.
На граничниот премин Богородица откриен е обид за користење на фалсификувана лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај. Имено, македонски државјанин како возач на камион со македонски регистарски таблички, при влез во државата приложил Извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај, издаден на неважечки образец. Покрај тоа возачот не поседувал сертификат за професионална компетентност за учество во меѓународен превоз на патници и стоки.
Случајот е предаден на Секторот за контрола и истраги за понатамошна постапка.
Македонија
(Фото) Стефковски: Почнавме со изградба на осум нови спортски терени

Градоначалниот на општина Гази Баба Бобан Стефковски направи увид на градежните активности за изградба на нов спортски терен на најсовремена тартан подлога кој се гради во Ченто кај старата полициска станица.
Со ова започна реализацијата на новиот проект: Изградба на 8 спортски терени на тартан подлога во населените места низ општина Гази Баба, известуваат од Општината.
„Во мојата изборна програма со која ја добив довербата од граѓаните во 2021 година стоеше ветувањето: ‘Подобрување на спортската инфраструктура во населените места и подобрување на условите за спортување на младите’, денес со гордост можам да кажам дека и ова ветување е исполнето во целост. Досега изградивме 27 спортски терени, а со изградбата на новите 8, оваа бројка ќе биде 33 спортски терени изградени за само 4 години, нешто што никогаш претходно не се случило“, истакна градоначалникот Стефковски.